(ВИДЕО) Туфегџиќ: Во судството има луѓе со „криминоген ДНК“ – и 10.000 евра плата да им дадете, пак ќе крадат!

➡Имаме група на луѓе кои имаат криминоген ДНК... тие мобилизираат и регрутираат истомисленици од редот на судиите, обвинителите, адвокатите, и имаме работа со луѓе кои веднаш преземаат мерки и активности во насока на мобилизирање на нивни истомисленици од редот на полицијата заради лична логистика и заштита. Тарифите за завршување работа се јавна тајна. ➡Случајот со судијата Ристов не е изолиран случај. ➡ „Тарифата“ веќе стана јавно достапна информација и е речиси издигната на ниво на одредба во судскиот деловник. ➡Министерот за правда да не ни го троши времето ако измените на Кривичниот законик ги носат девет или десет пратеници кои елиминираат делови од само ним познати причини, вели за „Трилинг“ адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ.

„Она што треба да се поздрави е работата на Јавното обвинителство (ЈО) и во таа насока и во таа смисла сите ние треба да имаме она што се вика општествена одговорност, говорам за луѓе кои работат во правосудството, судии, јавни обвинители, адвокати и да го поддржат обвинителството во борбата против корупцијата. Нема да навлегувам во анализа на предметот, затоа што како професионалец и пристојноста ми налага да ја почитувам пресумпцијата на невиност и на крајот на краиштата одбраната е работа на судијата и на неговиот бранител.

-Ние треба да отвориме прашања после овој случај за она што е суштина, а суштината е во тоа дека ние треба да ја идентификуваме малата група на луѓе против кои се бориме, бидејќи борбата против корупцијата подразбира дека вие мора да го имате дефинирано противникот, односно таргетот. Овде се работи за група на луѓе кои имаат криминоген ДНК, луѓе на кои утре да им дадете 10.000 евра судиска плата или обвинителска, тие ќе го прават истото. Овде имаме работа со луѓе кои мобилизираат и регрутираат нивни истомисленици од редот на судиите, јавните обвинители, адвокатите, мешетарите секако, и имаме работа со луѓе кои веднаш преземаат мерки и активности во насока на мобилизирање на нивни истомисленици од редот на полицијата заради лична логистика и заштита“, изјави во „Трилинг“ адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ, говорејќи за обвинението на судијата Ѓоко Ристов, каде во куќа на неговите родители беа пронајдени 350.000 евра заѕида во ѕид и додава дека таа мала група на луѓе е извор на сите проблеми и недоверба во судството.

„Факт е дека постои мала група на луѓе во судството која се занимава со криминални активности. Ние тоа треба да го прифатиме како реалност. Тоа е група на луѓе која е извор на недовербата, група на луѓе која со своето однесување ги ремети нормалните текови и нормалното работење на нас адвокатите. Група на луѓе која влијае на обичниот судија кога нема аргументи да образложи осудителна пресуда, тој сепак ќе донесе осудителна пресуда, бидејќи прва помисла му е – не сакам да ме зборат дека сум земал пари. Значи до тој степен е сето тоа изместено и ова што јас го говорам е равенка со една непозната и таа треба да се најде на главната маса во Републичкото јавно обвинителство, за да се направи јасна стратегија, методологија и пристап откако ќе се идентификува она што е проблем во судството“, вели Туфегџиќ.

Фото: Трилинг / Владимир Туфегџиќ

Прашан дали случајот со судијата Ристов всушност ја потврдува потребата од ветинг во судството, Туфегџиќ вели дека е потребно да се има стратегија во борбата против ова зло.

„Концептот и стратегијата ќе го добиеме откако ќе го идентификуваме противникот. Се работи за луѓе кои навидум се принципиелни. Он има принцип дека не контактира со адвокати, мене лично нема да ме прими, во обврска сум да му се обратам писмено и тн., а во исто време истиот човек го гледаме на некој снимка со некој обвинет од актуелен предмет, седи во празен ресторан и тн. Сега јас да прашам, со кој писмен поднесок ти се обратил тој за да оствари средба некаде надвор. Сакам да кажам – јас сум за него потенцијално опасен човек затоа што тој не препознава во мене она што тој го има како ДНК, односно криминогениот ДНК. Нема сигурно да ми се обрати и да побара од мене 20.000 евра за да ми реши предмет. Знае што ќе се случи – прва фаза АНБ, втора фаза катастрофа. Значи они регрутираат луѓе со нивни мајндсет и така работат. Се создава привид дека ова се изолирани случаи, што не е точно. Можеби се создава некаков привид, но тврдам и гарантирам дека тие луѓе меѓусебно комуницираат“, вели Туфегџиќ.

За тоа колку изнесува „тарифата“ за да се заврши работа, адвокатот вели дека тоа е долго и широко прашање.

„Јас сум четири години адвокат. Можам да кажам дека овие луѓе за кои говорам, односно се зборува од судски извори во судските ходници, тарифата веќе стана јавно достапна информација и е издигната до некое ниво што само не е составен дел во некоја од одредбите во судскиот деловник. Така што тарифите се различни во зависност од тоа што и на кого треба нешто да се заврши. Но небитна е висината, битно е дека таа реално функционира и постои“, вели Туфегџиќ.

Фото: Трилинг / Владимир Туфегџиќ

Прашан дали не е симптоматично што пред одреден период за осомничениот судија имало барање до Судски совет да се реагира и тогаш од таму останале имуни на повиците, а се зборувало дека станува збор за одолговлекување на судски случаеви, држење во фиока, примање мито, Туфегџиќ смета дека проблемот е во ингеренциите и надлежноста на Судскиот совет.

„Проблемот е во тоа што Судскиот совет треба да постапува по допрен глас. Проблемот е во тоа што Судскиот совет тогаш постапувал по конкретен предмет и го казнил судијата, но Судскиот совет не мое да остане нем и глув на она што ние го знаеме. Што значи ако и јас тоа знам, тогаш тоа е невозможно да не го знае и Судскиот совет. Решение гледам во тоа да некој од членовите на Судскиот совет да побара измена на Законот за Судски совет, каде што ќе се преземе обврска во рок од 48 часа по поднесена пријава за корупција против судија, да го извести Јавниот обвинител, а јавниот обвинител во рок од 24 часа да постапи. Можеби тука малку ќе се размрдаат работите, а од друга страна да не му се стави багаж на Судскиот совет да биде истражен орган, туку тоа да го преземе тој што е единствено овластен за гонење сторители на кривични дела. Ние ова зло мора да го исечеме од корен“, смета Туфегџиќ и додава дека реформата во Судскиот совет е неизбежна тема.

„Јас сум скептичен дека новите членови на Судскиот совет ќе успеат да наметнат некој нов квалитет. Една од членките лично ја познавам, меѓутоа доколку ние не видиме за кратко време дека тие направиле нешто ново, некој нов квалитет и продолжат да функционираат по досегашната матрица, тогаш ќе останат запишани како едни обични членови на Судски совет“, вели Туфегџиќ.

Фото: Трилинг / Владимир Туфегџиќ

За тоа како е возможно да се лоцираат и пронајдат средствата, а два дена осомничениот судија никаде да го нема и дали се остава простор дека можеби обвинителството и осомничениот преговарале наместо класичен притвор да заврши во куќен, и дали има простор за сомнеж дека можеби ако осомничениот проговори ќе се отвори Пандорината кутија во која која на виделина ќе излезат и други „крупни риби“ кои се инволвирани во овие криминогени дејанија, Туфегџиќ вели тој не гледа така на оваа работа.

„Мислам дека на Јавниот обвинител ние треба да му дадеме целосна поддршка за ова што го прави. Досега никој не кажа ништо за Јавниот обвинител и јас ќе ја искористам приликава да му честитам на една брилијантна операција. Оваа операција можам да ја ставам во група со уште една – две во кои и јас како судија сум учествувал. Во случајов не значи дека некој со некого преговарал. По однос на притворот, јас ќе кажам дека овој човек, и да не му е определена ниту една мерка, тој е реално во притвор, каде ќе оди? Значи скандалот е од такви размери што веќе нема никаков простор да се разговара за некакви договарања, дилови и преговарања. И да не заборавиме, Јавниот обвинител го испитува неговото работење во насока на коруптивни дејанија и јасна е целта што се бара од моментот на неговиот избор во Апелациониот суд од февруари 2020 година до денеска. Значи ова ќе резултира во една прилично опсежна истрага“, вели Туфегџиќ.

Фото: Трилинг / Владимир Туфегџиќ

Говорејќи дека како судија бил дел од Судскиот совет за носењето на одлуката за „Таргет-Тврдина“, предметот кој го водеше Ристов и дали сѐ уште стои на ставот дека одлуката за Мијалков е правилна и праведна, Туфегџиќ одговара потврдно.

„Тврдам дека е правилна и праведна и ден денес. Тоа го тврдам прво зашто верувам во таа одлука и знам колку време, енергија и напор е вложено да се дојде до таа одлука. Тоа што Апелациониот суд после 9-10 месеци нашол некој технички пропуст или техничка грешка, и ден денес сметам дека имале основ и услови тоа да го надминат и на крајот на краиштата тие да стават печат на тој предмет – или да ја потврдат одлуката или да донесат ослободителна пресуда“, вели Туфегџиќ.

Прашан дали со новиот Кривичен законик ќе се анулираат оние пропусти од минатото, Туфегџиќ вели дека како работна група каде што и тој член, и за новиот Кривичен законик и за измените во Кривичниот законик го имаат дадено нивното мислење.

„Нашиот став беше да ги вратиме состојбите пред измените и тоа го направивме. Кривичниот законик, она што е предложено од нас како работна група е понатаму дадено во процедура. Меѓутоа ние како работна група не можеме да влијаеме на девет или десет пратеници кои одлучиле да си прават свој кривичен законик и буквално да елиминираат некои делови од само ним познати причини. И ако е тоа така, министерот за правда, воопшто не треба да ни го троши времето, да не ангажира во некаква работна група во која и јас и останатите колеги ќе бидеме само еден декор, а всушност измените на Кривичниот закон ќе ги донесат девет или десет пратеници. Некои делови од законот се комплетно масакрирани, извадени се цели ставови, пасуси, така што во тој дел ќе кажам само една работа – на државата е да одлучи дали ова ќе биде нормална правна држава, каде што секој човек ќе има пред сѐ правна сигурност или нема да биде“, вели Туфегџиќ.

Целото интервју погледнете го во видеото.