Темата „Чебрен“ освен со министерот Битиќи вечерва ја дискутиравме и со професорот од машинскиот факултет, Атанаско Тунески.
Тунески смета дека со паметно менаџирање на средствата Македонија како држава може да го гради овој проект.
За нас е најдобро „Чебрен“ да биде македонски објект. Со тоа ќе се подигне енергетската независност на оваа држава. Таа енергија ќе биде македонска струја. Со водите на Црна Река ќе управува македонска компанија. Најдобро е „Чебрен“ да биде 100% македонски проект, а дали е тоа можно? Да, можно е! Оваа држава има буџет од 5.5 милијарди евра. Ние ќе го градиме „Чебрен“ 7 години, но очекувам да биде 10-12 години. Ние Козјак го градевме 10 години што е далеку полесен објект за градба. Со 10-12 години времетраење на градба на „Чебрен“ можеме како држава да издвојуваме по 70 милиони евра годишно и за 800 милиони евра да го имаме „Чебрен“ во целосно своја споспобност, вели Тунески.
Тунески потенцира дека не смееме да го оставиме овој проект да биде странски.
ХЕЦ Тиквеш ќе влезе во новата компанија со Грците и струјата со „Чебрен“ ќе ја дава ќе бидат на берзански цени. Тие се 5 пати поголеми од тоа што сега струјата се пласира на нашиот пазар. Ние како народ таа струја ќе ја плаќаме 5 пати повеќе одошто ја плаќаме денес. Тоа се сериозно суми, продолжува Тунески.
Тунески прашува како сега 33 отсто се доволни за нас, а пред неколку години не ни биле доволни 48?
Професорот вели дека институцијата УКИМ или поединци од УКИМ не се вклучени во процесот.
Чебрен мора да биде наш македонски, а не на грчки парнер. 60 години е предолг период за да се врати, тој до тогаш ќе биде амортизиран, заклучува Тунески.