(ВИДЕО) Тунева Пауновска: Трагедијата во Кочани лично ме погоди, и прв пат имав потреба од разговор со психолози
➡Генерално може да земеме дека имаме некој мал напредок во целата таа заедница во којашто луѓето функционираат. Меѓутоа полека треба да се навикнуваат на тоа дека се случила таа несреќа. И за нас кои не живееме во Кочани, е нешто што ни го одбележува нашето функционирање, бидејќи е една масовна, колективна тага којашто се случи во тој мал град. ➡Поголемиот дел од членовите на тимот за одговор при катастрофи се луѓе со искуство и поминале кризи во регионот, значи од војните во некогашна Југославија, во мигрантски кризи, нашата домашна криза од 2001 година. Се тоа е многу поразлично од ова што го доживеавме во Кочани. ➡Претходно работев во Меѓународниот Црвен крст, значи од босанската криза, многу страдања имаме видено. Меѓутоа ова мене исто лично ме погоди и прв пат имав исто така потреба од разговор со психолози, за да можам својата емоција да ја контролирам. Можам да кажам дека беше најтешка од се она што до сега сум го доживеала, вели Тунева Пауновска.
„Генерално може да земеме дека имаме некој мал напредок во целата таа заедница во којашто луѓето функционираат. Меѓутоа полека треба да се навикнуваат на тоа дека се случила таа несреќа. И за нас кои не живееме во Кочани, е нешто што ни го одбележува нашето функционирање, бидејќи е една масовна, колективна тага којашто се случи во тој мал град. После една година можеме да зборуваме дека на некој начин емоциите полека може да ги ставаме во некој колосек, самите луѓе да можат да функционираат. Ние бевме таму уште во 04:30 часот, формиравме мобилни тимови во градот, во болниците, за да дадеме поддршка на сите кои беа загрозени после тоа што се случи во дискотеката. Ако ја споредиме таа енергија и таа емоција тогаш со сега, можеме да зборуваме за неколку чекори унапредување во делот на она што значи справување со таа кризна состојба“, вели за магазинот „Трилинг“, Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот Крст и дел од оперативниот тим за време на трагедијата во Кочани, одговарајќи на прашањето дали може да се каже дека полека зараснуваат лузните од оваа трагедија.

Прашана за првата реакција кога им јавиле за трагедијата, Тунева Пауновска вели дека тие имаат искуство со кризи.
„Поголемиот дел од членовите на тимот за одговор при катастрофи се луѓе со искуство и поминале кризи во регионот, значи од војните во некогашна Југославија, во мигрантски кризи, нашата домашна криза од 2001 година. Се тоа е многу поразлично од ова што го доживеавме во Кочани. Навистина и нас ни требаше психолошка поддршка, сите ние коишто работевме на терен, заради тоа што беше нешто што се случи на некој начин – блиску, а далеку. Нешто што не погоди како една мала држава, во еден ден да загубиме толку млади животи и сето тоа предизвика големи емоции кај самите волонтери, особено волонтерите кои беа од Општинската организација – Кочани. Ние моравме и со нив да работиме многу на тој фидбек, едноставно нивната психолошка состојба да ја задржиме на ниво, како би можеле да функционираат и да дадат поддршка на своите сограѓани. Истото се случуваше и со останатите 160 волонтери коишто дојдоа од Скопје и од неколкуте други поголеми општински организации. Јас мислам дека навистина беше едно искуство коешто не можам да го споредам со ниедна криза која претходно сме ја поминале како Црвен Крст“, вели Тунева Пауновска.
Тунева Пауновска вели дека ова е една најголема катастрофа и трагедија со која се има соочено изминативе години.
„Со оглед на тоа што 30 години сум во Црвениот крст, претходно работев во Меѓународниот Црвен крст, значи од босанската криза, многу страдања имаме видено. Меѓутоа ова мене исто лично ме погоди и прв пат имав исто така потреба од разговор со психолози, за да можам својата емоција да ја контролирам. Можам да кажам дека беше најтешка од се она што до сега сум го доживеала, вели Тунева Пауновска.

Осврнувајќи се на тоа како една година по пожарот во дивата дискотека „Пулс“ функционира градот, таа вели дека по она што го гледаат и по извештаите од Општинската организација – Кочани, младите луѓе имаат желба и потреба да ги работат сите оние активности коишто и претходно ги работеле.
„Зборуваме за еден доста активен клуб на млади, на волонтери на Црвениот крст. Исто така имаме голема активност на млади луѓе, психолози и студенти коишто сакаат да бидат дел од таа прва психолошка и психосоцијална поддршка. Така што мислам дека полека почнува на некој начин да се враќа животот во тој град и секако дека мора сите ние да дадеме придонес, заради тоа што мора да ја вратиме енергијата во градот, а притоа да не ги заборавиме сите оние што пред 12 месеци беа дел од нас и дел од сите тие активност. Имаме и доста волонтери коишто го загубија животот. Нивните родители, семејства и понатаму остануваат поддршка во Општинската организација. Можеби сето ова кога го зборуваме ние од оваа страна, многу тешко допира до некои луѓе. Сите луѓе се различни и не може секој на ист начин да го прифати се тоа тоа што се случува. Но ние максимално се трудиме да дадеме поддршка, согласно нивните потреби, без да се наметнуваме, туку едноставно да ги следиме нивните сигнали на потреби и така да делуваме. Тешко е, но мислам дека имаме доста напредок во тој дел, да таа енергија повторно ја вратиме назад, вели Тунева Пауновска.
Целото интервју погледнете го во видеото.