
(ВИДЕО) Трилинг: Ќе ја спасиме ли Македонија од исчезнување правејќи деца?
Во новото издание на магазинот „Трилинг“ разговараме со Сара Миленковска, политиколог, граѓански активист и магистер по родова еднаквост, Горан Антевски директор на Раде Кончар-ТЕП, Горан Марковски независен кандидат за градоначалник на Скопје, Влатко Стојановски, новинар. Во рубриката „Знаење што менува“ во соработка со Семос едукација за гејминг индустрија.
Во новото издание на магазинот „Трилинг“ разговараме со Сара Миленковска, политиколог, граѓански активист и магистер по родова еднаквост, Горан Антевски директор на Раде Кончар-ТЕП, Горан Марковски независен кандидат за градоначалник на Скопје, Влатко Стојановски, новинар. Во рубриката „Знаење што менува“ во соработка со Семос едукација за гејминг индустрија.

„Поголем патриотски чин од тоа да се остане во Македонија, да се остане критичен и едноставно да се продолжи да се бори некој во оваа бесмисленост која се обидуваат да ни ја креираат политичарите, не постои. Тоа е за мене најголемиот патриотски чин. Така што јас се чувствувам како многу голем патриот, особено бидејќи имаме можност да се спротивставиме на вакви небулози и вакви националистички пропаганди. Секогаш предизборно пробуваат да креираат некаква идеја дека ќе збориме за вистински политики, но тие вистински политики не ги гледаме освен популизмот којшто Мицкоски многу добро го знае и владее, изјави во магазинот „Трилинг“, Сара Миленковска, политиколог, магистер по родова еднаквост, околу последните изјави на Мицкоски дека многудетнотното семејство е патриотски чин и едно од решенијата за трендот на депопулација на Македонија.
-Особено загрижувачки е тоа што вика дека се само две причини главни во ова – иселувањето на младите и наталитетот. Како да заборава дека сите го дишеме истиот воздух, ја живееме небезбедноста во сообраќајот и се останато. Така што Мицкоски многу јасно знае што прави со овој наратив. Особено е значајно каде тој всушност го кажа ова. Тоа го кажа на потпишувањето на програмата на UNFPA, која програма, доколку ја прочита, ќе види дека сосема спротивни работи пропагира, односно програмата наметнува дека треба да се создадат услови за да имаме пораст на наталитетот, за да имаме соодветни репродуктивни политики и едноставно за да имаме подостоинствен живот кој одамна веќе не го живееме, додава Миленковска.

За неа, навредливо е во момент на сериозна анксиозност и болка во којашто живеат луѓето секојдневно заради тоа што се случи во Кочани, заради секојдневните фемициди и родово-базираното насилство кое е станато норма, да кажувате дека сега треба да раѓаме деца.
„Првото нешто што го помислив е како ние да треба да имаме повеќе деца бидејќи едно може да ти биде изгорено во клуб, друго може да ти биде убиено на улица од некој којшто вози над 90, третото може да ти биде заболено од рак заради загадувањето. Таа изјава на Мицкоски не е само навредлива затоа што повторно и одново ги става жените во позиција на машини за раѓање, туку навредливо е од аспект на болката којашто во моментот ја носат родителите чии што деца починаа и сега треба да слушаат дека единствениот начин на којшто може да се продолжи и патриотски чин за Македонија да постоиш е всушност да раѓаш деца. Таа патетичност за жал проаѓа кај граѓаните“.
Миленковска вели дека многу лесно е кога немаш капацитет да креираш вистински политики коишто би значеле вистинска работа, да го впериш прстот кон друг, дека тој е виновен.
„Во изминатава година поголем регрес е направен во нашите човекови права и правно и социјално, па и во јавноста отколку во минатото, за време на Груевски, вели Миленковска и додава дека следно нешто што Мицкоски ќе го направи е забрана за абортус.

„БДП-то е 15 милијарди евра. Убаво е да се слушне, но во Македонија БДП-то е подигнато пред сѐ од јавната потрошувачка, што е многу полоша ситуација од тоа да биде подигнато од инвестиции или приватна потрошувачка. Тоа значи дека сѐ уште земјата се движи во правец на вложување во инфраструктура или производи кои не се со додадена вредност, не се со поголем финансиски раст. Се надевам дека сето тоа ќе се смени во иднина затоа што вака не можеме да продолжиме. Мојата насока како бизнисмен е да се вложува во технологија во приватна потрошувачка и во инвестиции, изјави во магазинот „Трилинг“, Горан Антевски директор на Раде Кончар-ТЕП за тоа кои предизвиците во втората половина од оваа година во ситуација кога сме во изборна година стопанството е на стенд бај.
Околу поврзаноста на германската економија која е во блага стагнација и колку таа економски слика ќе се одрази врз соработката со македонската економија, Антевски вели дека сме поврзани, но тоа треба да не поттикне да побараме нови пазари.
„Да ние ќе се врземе со германската економија во еден период, но како што гледаме дека таа економија полека стагнира, ние мора да побараме нови пазари. Секако дека нема да биде лесно. Секогаш отворање на нов пазар има свои потешкотии, но добрите компании, финансиски стабилните компании ќе успеат тоа да го направат и мислам дека може и подобро да биде бидејќи нема да бидеме врзани само со еден партнер толку многу, туку со повеќе партнери во светски рамки“, смета Антевски.

Околу најавите за намалување на јавната администрација како и предлогот на дел од административците да им се понуди работа во приватниот сектор и колку оваа идеја е одржлива, Антевски вели дека многу потешко се бара работа во приватниот сектор наспроти јавниот.
„Во јавната администрација гледаме дека седат по кафиќи ресторани, слободни се, додека во приватниот сектор мора да се заработи платата. Треба да се работи најмалку осум часа. Секако, дел од таа администрација има можност да се дообразува, доостручи за да може да работи во приватниот сектор и тоа би било една добра можност за развој на економијата. Трошоците што ги прави јавната администрација се големи и го оптеретуваат буџетот, а и нашите плаќања кон државата.
-Мене ми смета што јавната администрација не работи со такво темпо како што работи приватниот сектор. Ние сите треба да допринесуваме за развојот и растот на оваа наша држава, да допринесуваме раст и развој на сопствените претпријатија. Ми смета тоа однесување на луѓето да не се работно активни, затоа што ние мораме да допринесеме да оствариме профит и да земеме поголема плата“, вели Антевски.

„Далеку е Скопје од метропола. После сето ова што се случува во последниве години, Скопје ќе треба многу работи да смени за да го фати патот кон метропола“, изјави во магазинот „Трилинг“, независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Горан Марковски.
Запрашан за тоа од кога почна падот, невкусот и кичот на Скопје, Марковски вели дека со почетокот на повеќепартизмот се навлезе во нова ера и стратегија на развој на градот.
„Кај нас повеќепартизмот се подразбра на малку поинаков начин, дека треба сите раководни места во градските структури, јавните и комунални претпријатија да бидат запоседнати од партиски членови, кое за жал беше единствен критериум за избор на раководители и оттаму сме дојдени во оваа состојба во која што сме“, смета Марковски.
Говорејќи за тоа дали наместо зеленило се се сведува на градежна механизација бетонизација и валканиот кеш, Марковски вели дека Скопје мораше и можеше да поведе сметка за својот стратегиски развој.
„Мислам дека е пренаселен, пренатрупан со градби, без никаква стратегија и оттаму ни се случува овој хаос. Урбаниот хаос се пресликува и во хаос на животот. Не може да очекуваме дека во една сфера на нашето живеење ќе имаме среден систем, а притоа сите да живееме во урбан хаос. Тоа сега ни се осветува. Значи таа негрижа што ја имавме три и повеќе децении кон градот сега ни се враќа назад како еден многу опсен бумеранг кој се заканува да остави сериозни последици зад себе.
-Затоа е потребна визија за Скопје, односно документ за визија на Скопје – како Скопје понатаму ќе се движи и како ќе се разрешуваат проблемите со урбаниот хаос, сметот.

Говорејќи за македонскиот феномен каде што се купуваат станови каде што на никој никому не му пречи да се гледаат од кујна во тоалет, Марковски вели дека тука улога игра нашата традиција и мислењето дека најсигурни ни се парите ако ги врземе за некаква недвижност, било таа потребна или не.
„Тука се и даноците кои практично тоа и го поттикнуваат. Колку станови и да имате данокот е ист, што во принцип не би требало да биде така, и тука има малце и од сивата економија влијание, односно дека во градежништвото црните пари, односно оние сиви пари лесно можат да се канализираат и да добијат своја вредност без притоа да се прикаже какво е нивното движење. Мислам дека се тоа неколку елементи коишто придонесуваат да имаме ваква експанзија на станови. Нема друга логика. Кога ќе размислиме, чуму толку станови ако стојат празни. Тоа е врзан капитал којшто можеби ќе порасне, но можеби и нема да порасне“, истакна Марковски.
Прашан за негово мислење за тоа за колку денови, недели, месеци може Скопје да се спастри да заличи на европски град, Марковски вели дека за тоа се потребни години, но за да почне да заличува, граѓаните да почувствуваат дека е сменет правецот, насоката на движење, потребна е една година добро организирана работа, добра стратегија и визија.
„На Скопје и скопјани не им треба ни којзнае што за да почувствуваат дека е подобро. Доста е ѓубрето да не го гледаат по улиците, веднаш ќе се почувствува разлика. Доста е да почувствуваат дека воздухот е помалку загаден, веднаш ќе се почувствуваат подобро и ќе веруваат дека работите можат да бидат подобри. Мојата мисија е да видат граѓаните дека може поинаку, дека ова што досега го трпевме не е закон. Дека ако вистински луѓе дојдат на вистинско место, оние коишто сакаат зад себе да остават нешто добро, тогаш и граѓаните ќе почнат да се однесуваат поинаку, вели независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Горан Марковски.

„Реториката на Мицкоски кон Ахмети практично претставува продолжение од изборната кампања на претходните парламентарни избори ланската година по која дојде до промена на власта. Таа изборна кампања кулминираше со ваков тип на размена на зборови помеѓу Ахмети и Мицкоски кои содржеа тип на метафори кои во себе имаат елементи на навреди, па и на закани. Гледаме дека таков тип на реторика и кампања продолжува сега во пресрет на локалните избори. Таков тип на реторика и кампања им користи и на Ахмети и на Мицкоски. Тие политички профитираат од таков тип на размена на зборови, во смисла на партиски рејтинзи и автоматски им наштетуваат не само на коалициските партнери на Мицкоски, односно на ВЛЕН, туку и на СДСМ. Најголеми губитници од таа директна конфронтација на релација Мицкоски – Ахмети, на етно-национална основа, се СДСМ и ВЛЕН. Претпоставувам така ќе биде и на овие избори, вели новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски, прашан за тоа дали реториката на Мицкоски кон Ахмети практично ги обединува Албанците околу „интегративците“ и на некој начин му штети на ВЛЕН.
Прашан за делот на битката во албанскиот кампус – Чаир, Гостивар, Тетово, па и Кичево и дали од тоа може да очекуваме ново прекројување на политичката сцена, Стојановски вели дека е можно и тоа главно зависи и од изборните резултати, но и од интерпретацијата на истите.
„На ланските избори имавме номинално едни бројки, но и едната и другата коалиција – на ДУИ и на ВЛЕН, се прогласија за победници. Можно е и сега да се случи иста ситуација. ДУИ да освои повеќе гласови кумулативно на советничките листи, бидејќи е најраспространета партија, има гласови во средини каде што ВЛЕН нема ни отворено штабови, но ДУИ нема да може да демонстрира триумфализам додека не ги освои градоначалничките места во водечките општини. Пред сѐ оние со најголема симболика. Тоа се Чаир и Тетово, каде што двајцата фронтмени на ВЛЕН влегуваат во директна битка. Тука би ги ставил Гостивар, Струга. ДУИ мора да триумфира во тие општини ако сака да прогласи победа во секоја смисла, победа која нема да биде оспорувана. Доколку ДУИ успее да го постигне тоа, тогаш притисокот за вонредни избори ќе биде преголем и не сум сигурен колку власта ќе може да го издржи. Доколку биде обратна ситуација, тогаш тоа ќе значи вовед во консолидација на ВЛЕН како единствена политичка партија и зависно од тие два исхода можно е и регрупирање на политичката сцена.
-Кога го спомнуваме Кичево, сметам дека тоа треба да биде најголем изборен трофеј што го посакува ВМРО-ДПМНЕ. Иста таква општина со многу големо значење за СДСМ сметам дека ќе биде Куманово. СДСМ за да почне да се враќа во живот сметам дека мора прво да ги врати тие гласови и гласачи што заминаа кај ЗНАМ. Тие се гласови директно откинати од ткивото на СДСМ и доколку успее да триумфира СДСМ во Куманово, тоа ќе биде почеток на тој процес на враќање на тие гласови кои ќе и помогнат на партијата повторно да се крене во живот, па и да се врати на победнички патеки“, вели Стојановски.

Гејминг индустријата е една од најголемите и најбрзо растечките во светот. Тоа што е интересно за таа индустрија е дека нејзината вредност во овој момент е колку филмската и музичката индустрија заедно. Тоа ни кажува дека има еден голем број на потрошувачи што се заинтересирани за таа индустрија и голем број на креатори, луѓе што сакаат и што можат да креираат во рамките на гејмингот.
-Македонија има огромен потенцијал. Има многу заинтересирани, особено од помладите генерации, кои освен за играње сега се интересираат и како видео игрите всушност се прават. Тоа што е најпотребно во овој момент е квалитетна едукација на високо ниво, која може тие млади генерации да ги подготви да навлезат во светот на правење видео игри.
-Семос едукација веќе некое време соработува со партнери од оваа индустрија и заедно со нив се трудиме да ја унапредиме и самата програма, да бидеме во тек со времето, со побарувачката, да нашите студенти утре бидат вистински спремни да навлезат во индустријата и да бидат успешни.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото