(Видео) Трилинг: Судска (не)правда наспроти демонстрација на политичка моќ

Во новото издание на Трилинг гостуваа Але­ксан­дар Камбовски претседател на Судскиот совет, Бојан Шашевски Шаше, родител на дете со аутизам и проф д-р Јован Јоновски хералдичар.

„Точно е дека има критики коишто се засилени во последно време, но не можам да кажам дека и меѓународниот фактор е критичен спрема тоа што се прави во моментов во правосудниот систем. И самите граѓани беа сведоци во спротивното, дека меѓународниот фактор даде поддршка на Судскиот совет да работи согласно законите и даде поддршка на него како на независна власт, едно од трите власти коишто нашиот Устав ги препознава и на којшто се темели нашата демократија“, вели за „Трилинг“, претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски околу податокот дека македонскиот правосуден систем подолг период нижи сериозни критики од меѓународните партнери, но и од владејачката гарнитура.

„Треба да се критикуваме, за да увидиме доколку нешто навистина сме погрешиле тоа да го исправиме и во иднина да не ни се случуваат повторно исти грешки и пропусти. Кога се критикуваат властите помеѓу себе (извршна, судска, законодавна) треба да се особено внимателни, да внимаваат на нивниот интегритет, никогаш да не забораваат дека судската власт е независна власт која што е гарант на слободата и правата на граѓаните и дека е гарант на владеењето на правото, што е една битна алка и што е суштина во она што значи демократија и демократска држава“, вели Камбовски.

Фото: Трилинг / Александар Камбовски

Камбовски додава и дека е против намерата која премиерот Мицкоски јасно ја најавуваше, а тоа е целосно распуштање на Судскиот совет.

„Јас лично не сум поборник на такви идеи, за целосно разрешување, на било кое тело, не зборувам само за Судскиот совет. Такви радикални или револуционерни мерки, според мене не можат никогаш да донесат квалитет и не можат никогаш да донесат правилна реформа. Ние треба да си ги негуваме институциите, да ги унапредуваме, тие постојат веќе години, не се млади институции. Треба да им овозможуваме да ги имаат сите потребни средства за да дадат максимум за она што го имаат како задача“, смета Камбовски.

За забелешката дека од 1998 година до денес против само 89 функционери биле поднесени кривични пријави, меѓу кои и поранешни премиери, вицепремиери, министри и директори, од нив само 17 седнале на обвинителни клупи, Камбовски вели дека тоа повеќе се однесува за обвинителите.

„Судот без обвинение не може да постапува. Орган за прогон е обвинителот. Што правеле обвинителите во овие години. Тие се тие што треба да ги обвинуваат корумпираните политичари, за коишто треба да прибираат докази, да спремаат обвинение, да го поднесат кај судот. Е тогаш е топката кај судот и судот одлучува. Значи некој друг затаил во сиве овие години, а не судот. Лошо е кај нас што секогаш кога ќе се каже суд, судство, се подразбира еден голем конгломерат. Тука сите го подразбираат и Обвинителството, подразбираат и нотари и извршители, подразбираат и Македонски пошти коишто вршат достава. Тие да, се дел од некој судски ситем, но судство во државата се судовите – Основен, Апелационен, Врховен и Управните судови.

-Јавноста ќе биде сведок на „заслепена правда“ се додека ние имаме катастрофален проблем со кадар во судство. Имаме судови коишто воопшто немаат судии. Се додека тие што го расипуваат таквиот имиџ и таквиот интегритет на судиите не успеваме да ги детектираме и соодветно да реагираме на таквите појави, тоа ќе ни се случува, а верувајте тоа се многу малку судии“, вели Камбовски.

Говорејќи за случаите со судиите Даниела Алексовска Стојановска која го водеше предметот против 20-годишниот Бојан Јованов и Енвер Беџети кој е на „црната листа“ на САД, Камбовски вели дека за првиот случај е формирана комисија која го изготвува извештајот кој потоа ќе биде доставен до сите членови на Советот и истиот јавно на јавна седница ќе биде разгледуван и целата јавност ќе може да слушне што детектирала работната група/комисијата.

Фото: Трилинг / Александар Камбовски

-За судијата Беџети се водат повеќе постапки во Судскиот совет. Мене ми е навистина жал што не можам јавно да зборувам за постапките кои се водат во Судскиот совет, бидејќи тие се тајни, заради заштита на интегритетот на одреден судија против кого се води постапка“, вели Камбовски.

За тоа како е возможно САД да детектираат корупција во Македонија, а тука истата да не се препознае, и истовремено да велат дека доказите се обезбедени од тука, од Македонија, Камбовски со прашања – Како никој од Обвинителство тоа не го утврдил? Како никој од МВР не го утврдил? Како никој од АНБ?

„Имаме еден мал милион такви агенции што се занимаваат со безбедносни прашања. Како никој од нив тоа не го утврдил? Судскиот совет тоа не е можно да го утврди. Ние сме колективен орган којшто одлучува за правата и обврските на судиите. Не може за се секогаш да биде крив судот или Судскиот совет. Тука некој друг имал големи пропусти и сега ние добиваме од Стејт департмент некои информации до коишто тие дошле. Прашањето е зошто нашите служби не дошле до тие информации. Како да дојде Судскиот совет? На кој начин?“, додаде Камбовски.

Фото: Трилинг / Бојан Шашевски

„Се започна околу втората година. Видовме дека повторува работи, има проблем со фокусот на очите, не те гледа во очи, си прави свои шеми кои се карактеристични за децата што се карактеристични во аутистичниот спектар, оди на прсти… Значи некои работи се случуваа односно се повторуваа како кај другите деца со аутизам“, изјави во „Трилинг“, новинарот Бојан Шашевски, родител на дете со аутизам, за тоа кога првпат како родители откриле дека нивната Дарија се соочува со аутизам и како го менаџираат овој проблем.

– Така го отпочнавме патот. Одевме на една, две ,три дијагнози. Почнавме и сами да учиме, оти пред да знаеме за состојбата на нашето дете, не знаевме претходно за аутизмот. Верувам дека е така и кај другите родители. Знаете, дознавате за аутизмот што се случува кога ќе го имате во своето семејство, кај своето дете, роднина или пријател.. Тогаш повеќе почнувате да учите за самата состојба, да читате, да го одите оној цел едукативен и здравствен пат што секој родител го оди. Ние го изодевме. Сакале или не сакале моравме да го изодиме и сега знаеме многу работи.

Околу потресното сведоштво коешто тој го има напишано за тоа како одреден дел од околината реагирала во одреден период на однесувањето на неговата ќерка, Шашевски вели:

„Зборот ‘ретардиран’ што го употребија децата кон Дарија јас го слушам секој ден меѓу нас. Го слушам помеѓу младите, но не само таму, го слушам секаде меѓу луѓето кога сакаат да некого да означат на некој начин. Тоа децата го слушаат, го примаат. Го примаат и го повторуваат, било тоа на лулашки, во школо, на големи одмори, на екскурзии и се задеваат меѓу себе. Децата се задеваат, независно од нивната типичност или атипичност и тоа кај мене побуди многу страв и немоќ, и така сфатив каде како општество се наоѓаме на тој еволуциско-едукативен пат. Мене нормално дека ме болеше. Јас плачев кога сфатив што се случува со мојата ќерка. Сфатив каде се наоѓаме и каде живееме и колкав пат треба да поминеме и ние како родители треба да издржиме, за да го пренесеме факелот на другите родители и понатаму“.

За тоа како да се премостат овие општествени стереотипи, Шашевски вели дека со тек на време тие се премостуваат.

„Треба децата да се учат на емпатија, на толеранција, во самите школи инклузијата да се зголеми, да се мешаат, да не биде инклузија само на хартија или збор што е допадлив, туку инклузијата да стане живот, да стане норма, пракса, односно наш животен принцип. Родителите и самите имаат голема улога, целиот образовен систем има.

-Првата година кога почна Дарија да оди во училиште почна новиот систем на инклузија, односно во основните школи започнаа новите образовни асистенти. Тогаш требаше да добиеме асистент одма, но не добивме. Мојата екс сопруга мораше со Дарија заедно да оди во школо, да ја држи за рака, значи она практично и глумеше асистент. Затоа имаше проблем со работодавач, па мораше да го организира своето време за да му даде на своето дете она што му треба, затоа што системот во тој момент не го обезбеди она што требаше, вели Шашевски.

Фото: Трилинг / Проф. д-р Јован Јоновски

„Прашањето за грбот датира уште од многу поодамна, уште со осамостојувањето на Македонија ’91 година и целата јавна дебата е дека грбот треба да се усвои. Уставот од 17 ноември 1991 година не внесува симболите затоа што сѐ уште не се готови, туку само спомнува дека треба да се донесат со двотретинско мнозинство и уставниот закон вели дека ќе се донесат за шест месеци. Ниту знамето, ниту грбот не беа донесени во тие шест месеци и тоа е еден процес којшто опстојува уште од тогаш, вели проф. д-р Јован Јоновски, основач на македонското хералдичко друштво, околу последните слочувања околу идејата промена на грбот и додава дека нашите пасоши долги години беа без грб, во очекување дека прашањето ќе се реши.

„Во основа самиот државен грб е нешто коешто е донесено од елитата и потоа треба да се гради самиот однос. Најдобар пример е нашето знаме. 1995 година кога е донесено знамето никој не го сакаше, сите го нарекуваа „вентилатор“, општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ не го ни сменија до локалните избори. Сега ако гледаме ситуацијата е прилично променета. Значи ни требаше долго време тој симбол да го доживуваме поинаку. Тоа е исто со сите симболи“, вели Јоновски.

Околу тоа каков грб на Македонија и е потребен за да го отсликува мултиетничкиот карактер, а притоа никој да нема забелешки, Јоновски смета дека такво нешто не постои.

„Нема грб којшто ја прикажува мултиетничката состојба во смисол на тоа дека треба да биде збирштина на симболи. Југославија, југословенскиот грб е првиот случај каде што имаме претставување. Почетно кога е донесен ’43 година има пет факели изразувајќи ги петте народи, потоа со препознавањето на муслиманскиот народ стануваат шест, но никаде не пишува кој факел е на кој народ. И Белгија е мултиетничка и Швајцарија е мултиетничка, федерации се со кантони се, но грбот е еден“, вели Јоновски.

-Зошто да се интегрираат орелот и лавот? Имаме сулуда претстава дека грбот треба да биде направен од единечни симболи кои ни ги перцепираме како некои национални симболи. Такво нешто не постои“, додава Јоновски.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото