(ВИДЕО) Трилинг: Среќа, надеж, храброст наспроти песимизмот и апатичноста

➡На вториот ден од 2026-та година едно поинакво издание на Трилинг со психологот и психотерапевт Фики Гаспар и Ема Никочевиќ, македонска кошаркарска судијка во ФИБА која успеа да се врати на кошаркарските терени по битката со туморот на глава.

На вториот ден од 2026-та година едно поинакво издание на Трилинг со психологот и психотерапевт Фики Гаспар и Ема Никочевиќ, македонска кошаркарска судијка во ФИБА која успеа да се врати на кошаркарските терени по битката со туморот на глава.

Фото: Трилинг / Фики Гаспар

„Здравјето е основа да може да имаме среќа и финансии. Финансиите се постигнуваат. Тие се најневажната и би кажал едноставната работа ако човек знае како да стигне до таму, а среќата е доста интересна. Имам доста истражувања поминато за среќа и како влијае. Најчесто е опишана како моментална состојба која што и не е баш толку честа. Значи моментално чувство коешто кога се случува доволно ни прави еден момент на доживување на среќен период или на среќен живот. Така што ако би требал хиерархиски да ги наместам – би биле здравје, па среќа, па финансии“, вели за Трилинг Фики Гаспар, психолог и психотерапевт.

„Секако меѓусебно се поврзани затоа што така функционира нашиот систем, но дефинитивно тоа е најхиерархискиот којшто можеме да го видиме во овие три компоненти.

-Не можам да ги одвојам среќата, љубовта и надежта затоа што се три клучни компоненти кај секој човек, особено за менталното здравје и за квалитетна ментална хигиена“, додава Гаспар.

Говорејќи за тоа дали во богатството доминира материјалното или духовното, Гаспар вели дека со оглед на тоа како сега се поставени работите, многу голем фокус се дава на материјалното.

„Фокус се дава на материјалното заради тоа што системот функционира многу материјалистички и тоа, барем според тоа во пракса ние што го работиме, гледаме дека исто е многу важно. Луѓето сега главно времето го поминуваат и се презафатени во однос на професијата за да можат материјално да ги остварат своите потреби, затоа што без остварените материјални потреби е скоро многу тешко или да не кажеме невозможно да бидеме среќни.

-Духовното е многу важно да се чувствуваме исполнети. Но ќе ја спомнам пирамидата на Маслов кој е еден од психолозите кој што во однос на мотиви има постигнато многу со своите истражувања. Секогаш прво ни се основните работи како – место за спиење, како исхрана која што го обезбедува материјалното, потоа ни е потребата за приврзаност и потребата за сигурност. И веќе во третиот сталеж ни доаѓа мотивот за љубов. Можеме да ги имаме основите потреби и некое чувство на сигурност и тоа нема да ни донесе среќен живот или живот полн со надеж. Но кога ќе се вклучи и љубовта како состојба, тогаш животот можеме да кажеме дека можеме да го поминеме квалитетно и вредно.

Фото: Трилинг / Фики Гаспар

„Во квалитетни држави кај што социо-економскиот статус е подобар и самиот квалитет на живот е подобар, луѓето заради тоа што се финансиски обезбедени, се фокусираат на одредени хобија или постигнувања коишто кај нас се ретки. Едно е да се обезбедиме и да бидеме сигурни, а потоа можеме да одиме кон љубовта. Но самото обезбедување на базичните потреби на нас нема да ни донесе среќа – автоматски нема и љубов.

-Надежта е клучна компонента за ние да имаме добро ментално здравје и добра ментална хигиена. Надежта е таа којашто ни го одржува балансот помеѓу тоа ние како ќе функционираме. Личности коишто имаат изразена надеж функционираат многу подобро за разлика од оние коишто во даден период се безнадежни. Некогаш безнадежноста знае да биде симптом на одредени ментални нарушувања“, вели Гаспар.

Фото: Трилинг / Ема Никочевиќ

„Кога бев петто одделение сите другарки и другари се запишавме на кошарка. Се роди љубов кон кошарката. Играв се до 26 години. Кога играв во втората лига во Шведска на 21 година скинав лигамент. Таму истовремено судев и бев тренер на деца“, изјави во Трилинг Ема Никочевиќ, македонска кошаркарска судијка во ФИБА, говорејќи за почетоците на нејзиното кошаркарско патешествие.

„Повредата не беше пресудна да ставам крај на кариерата. На 24 години се вратив во Македонија. Се пријавив да бидам и судија. Требаше да изберам или да судам или да играм. На 24 години кариера не можев да градам, така што одлучив да судам.

-Патот до судија на ФИБА не е лесен, меѓутоа жените имаат поотворени врати. ФИБА секоја година дава една лиценца за жените, но и за тоа треба да положиш и Федерацијата да те предложи за тоа место. Треба да имаш 25 години, да имаш судено во највисокиот ранг во државата две години и потоа доаѓа до физичкиот тест и теоретскиот дел. Кога сето тоа ќе го поминеш можеш да станеш дел од ФИБА“, вели Никочевиќ.

Говорејќи за животниот предизвик, битката со туморот на главата, Никочевиќ вели дека претходно таа немала никакви здравствени проблеми.

„Одлучив да играм. Се пријавив на турнирот во Велес да играм. Ме прашаа што правиш, како си, и во тој момент јас не можев да одговорам ништо и мислев дека имам паничен напад. Не можев да кажам ниту еден збор. Одеднаш почна главата да ми се врти накај десната страна, да ми трне раката. Многу брзи мисли почнаа да ми доаѓаат. Се прашував што ми е, дали ќе останам инвалид, дали е епилептичен напад, дали ќе бидам во количка. Се собраа луѓето да видат што ми е. Среќа што бев таму, да бев сама дома не знам што би било со мене. Среќа имаше брза помош и ме однесе во болница. Ми кажаа дека е многу лошо и дека морам да се вратам во Скопје. Ме снимаа и докторите не ти кажуваат дека е тумор, туку ти ја даваат ублажената форма – циста на главата.

-Откако ми соопштија дека е тумор на главата бев само позитивна и сметав дека ќе се оперирам и дека ќе бидам добро. Не паничев многу, но бев шокирана. Јас знаев дека ќе се изборам со сето тоа, само не сакав најблиските околу мене да се нервираат“, вели Никочевиќ.

Фото: Трилинг / Ема Никочевиќ

Околу тоа каде се оперирала Никочевиќ вели дека имала избор.

„Среќа Кошаркарската федерација беше преангажирана за мене. Ми велеа каде сакаш ќе се оперираш. И д-р Венко Филипче ми беше исто понуден. Во Државна болница имаат предобри неврохирурзи и Филипче ми беше единствениот којшто го знаев и знаев дека има спасено многу животи. Сакав тој да ми биде докторот. Со него бев посмирена, знаев дека сум во добри раце и не бев толку испаничена“, вели Никочевиќ.

За чувството после оперативниот зафат и рехабилитацијата и повторното враќање на терен како судија, Ема Никочевиќ вели дека имала цел да се врати на терен што е можно поскоро.

Прашана како ќе ја памети 2025-та, Ема вели дека ќе ја памети како нов почеток на животот и лична победа.

„Таа борба за животот ме прави уште посилна и сметам дека сега треба да одам кон повисоки цели. 2026-та предизвик ми се меѓународните натпревари. Сега би сакала да дојдам до тоа ниво за машки и женски судија“, вели Никочевиќ.

Во Трилинг се потсетуваме и на делови од разговорите со режисерот и сценарист на филмот „Диџеј Ахмет“ Георги М. Унковски, со оперскиот пејач Игор Дурловски, со актерката и добитничка на овогодинешната награда 11 октомври, Теута Ајдини Јегени, со актерката Наталија Теодосиева, со актерот Висар Вишка, со режисерот на филмот „К-15: Од другата страна“ Илија Ико Каров, со Сара Миленковска, политиколог, граѓански активист и магистер по родова еднаквост, со психологот и фитнес инструктор Тоше Зафиров, со д-р Мице Дудучки, со пијанистот Бобан Мирковски и со режисерот на „Светот на Биби“ Гоце Цветановски.

Целото издание на магазинот Трилинг со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.