(Видео) Трилинг: Се кроел ли план за амнестија и враќање на Груевски во Скопје?

Дали имало средба во „Вила Водно“ и кои биле мотивите на лидерот на ДУИ Али Ахмети да иницира амнестија за екс премиерот Груевски и негово враќање во Македонија?

Дали имало средба во „Вила Водно“ и кои биле мотивите на лидерот на ДУИ Али Ахмети да иницира амнестија за екс премиерот Груевски и негово враќање во Македонија?

Кои би биле можните реперкусии од одлуката на Уставниот суд за законот за употреба на јазиците? Што се крие зад посетите и средбите на Ахмети во Швајцарија и Хрватска? На овие и други прашања, интервју со потпретседателот на ДУИ Арбер Адеми.

Дали договорот меѓу Владата и банките ќе биде од бенефит за стопанството, а на штета на граѓаните? Имаме ли капацитет да го сервисираме државниот долг кои се движи кон 70 отсто или ќе станеме должничка држава?

Дали СДСМ брзо ќе се консолидира или ВМРО ДПМНЕ ги изневери очекувањата на граѓаните, разговараме со универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Зоран Спасов – Ѕоф градска урбана легенда, писател со скопски сленг и со најпродавани тиражи на неговите книги.

Како живееме во времево, со распонот од идоли до распад на идеали?

Адеми: Обидите на Уставен за мајоризација е брутално кршење на Уставниот поредок

Фото: Трилинг / Арбер Адеми

Деновиве топ тема се разви околу тоа дали лидерот на ДУИ, Али Ахмети, иницирал и била одржана средба во „Вила Водно“ за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски и негово амнестирање. На оваа тема во септември 2023 во интервју за емисијата „Трилинг“ тогашниот претседател Стево Пендаровски потврди дека таква средба имало.

„Најповикан да одговара на вакви прашања е екс претседателот на државата, бидејќи. Јас го познавам претседателот Ахмети и во ДУИ преовладува став дека владеење на право, почитување на законите се основните принципи. Јас не сум информиран дека имало средба за амнестирање на Груевски“, изјави пратеникот Арбер Адеми, еден од најблиските соработници на Ахмети на прашањето дали тој бил информиран за наводно барање на Али Ахмети за враќање и амнестирањена екс премиерот Никола Груевски во Македонија.

„Јас не сум информиран дека постоело ваква средба. Сигурно дека сите политичари или дипломати се уште се во Северна Македонија, така што би било подобро да ги прашате директно актерите. Јас знам дека ДУИ секогаш се залагала за владеење на право, за почитување на законите и почитување на институциите, како и обезбедување на европска перспектуива за сите граѓани, вели Адеми и додава дека не е вистина дека лидерот на ДУИ пратил емисар во Будимпешта да побара согласност од Груевски за моделите за враќање дома.

„Јас сум правник и сум имал многу средби во последно време со адвокати, Македонци по етникум и тие го споделуваат истиот став – одлуката на Уставниот суд за елиминирање на изразувањето на етничката идентификација е спротивно и е брутално кршење на Уставниот поредок на државата. Најслабиот правник тоа може да го заклучи. Ова што го направи Уставниот суд, тие не се свесни каква одлука донеле. За жал има универзитетски професори. Јас сум мислел дека кај тие луѓе веќе се надминати предрасудите и обидите за мајоризација“, изјави Адеми на прашањето дали со нивните видувања и атак врз Уставниот суд, всушност се прави притисок.

„Ние во Уставот имаме начело кое сме го донеле заедно, за жал по една војна која сме ја имале во Македонија, а тоа е правичната застапеност. И сега со оваа одлука кој е донесена ние ќе се соочиме со апсурдни ситуации во иднина. Ете на 22 ноември, бидејќи сега според Устаниот суд институциите немаат право, Вас, мене, било кој друг да го прашаат за етичката припадност, сите би можеле да седат дома и да го слават 22 ноември, а не само Албанците, бидејќи било која институција не може веќе да ги праша граѓаните што си по етникум. Кај го има ова? Донесена е апсурдна одлука. Значи веќе нема етнички заедници, има само „граѓанинот“ во центарот на сите случувања. Тоа каде го има? Ве советувам – прашајте било кој правник, оф рекорд, и коментирајте ја одлуката, од авион се гледа апсурдноста и политичката мотивација, а не професионалната, за да се донесе таква одлука само за да се минира Охридскиот мировен договор.

– Не постои опасност од прекројување на границите, бидејќи ние сме дел од НАТО. Сите тие што имале такви сонови кон Република Северна Македонија, од моментот кога станавме членка на НАТО тие сонови веќе завршија, додава Адеми.

Проф. Узунов: Околу унгарскиот кредит има скриени, необјавени клаузули

Фото: Трилинг / Проф. Ванчо Узунов

Банките и Владата постигнаа договор околу кредитирањето и преземениот Унгарски заем за поддршка на стопанството. Во меѓувреме расте јавниот долг на државата, веројатно до крајот на оваа година ќе достигне 65-66%, а одредени познавачи на економските прилики предупредуваат дека јавниот долг во текот на наредната година може да достигне и до 70%.

Околу економско-политичките теми во магазинот „Трилинг“, Горазд Чомовски разговараше со универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

„Целиот кредит е земен за потреби на Владата за претстојните локални избори. Така што уште од тука ако појдеме, тој кредит не и беше потребен на Македонија. Ниту делот за општините, ниту делот за фирмите. Владата го зема и дава 250 милиони за инвестиционен циклус. Банките во Македонија имаат многу повеќе од 250 милиони. Милијарди имаат коишто се пари кои ги даваат на стопанството за кредити и не е проблем во недостаток на пари и немањето на инвестиционен во Македонија не е проблем од недостаток на пари, туку на проекти и бизнис окружување за добро деловно работење, како и добар квалитет на работна сила, знаење, иновации итн. Тоа е проблемот, не парите. Така што нема да почне никаков инвестиционен циклус, само затоа што Владата решила, предизборно, иако не го вика така, тоа е предизборно, да вбризга уште некави 250 милиони евра во стопанството.

– Другата работа е што владата постигна договор со некои банки, не со сите, не ги ни знаеме уште кои се, за каматна стапка од 1,95, која не е висока, но не е никаква историска. Имало и пониски стапки за претпријатијатаТака што сметам дека е една договорена сума, веројатно е дека и банките попуштиле малку со целиот овој притисок што го направи Владата врз нив. Ја спуштиле малку каматата од таа што вообичаено ја давале и банките тој дел ќе си го задржат. Државата ќе си остане задолжена за тие исти пари према Унгарија за 3,25% или 3,50% колку беше каматата за кредитот. Тоа е суштината. Кога ќе видите на овој кредит камтната стапка што вкупно ќе се плати е таа што ќе ја плати Владата према Унгарија, плус оваа што ќе ја платат претпријатијата према банките. Тоа е вкупната цена на кредитот, само што нема да ја плати еден субјект туку едната ќе ја платат граѓаните, тоа е преку полнење на буџетот за да го вратиме непотребнио заем преку Унгарија, а другиот дел ќе го платат претпријатијата кон банките. Банките се нето добитник, граѓаните се нето губитник, претпријатијата зависи кој како, а Владата ако добие на избори заради овој кредит е нето добитник, ако не неикому ништо, бидејќи не ги извадила парите од џеб“, вели проф. Узунов.

Зоран Спасов – Ѕоф: Владее пандемија на сељачизам – потребен е општонароден фронт

Фото: Трилинг / Зоран Спасов – Ѕоф

Околу времето во кое живееме, со распони од идоли до распад на идеали, Зоран Спасов – Ѕоф вели дека живееме несреќно.

„Тоа важи пред се за младите генерации. Ние некако си викаме, ајде последниот воз што го фативме е ок, но мене стварно ми е жал за младиве генерации. Не се среќни, немаат идеали, немаат херои, немаат рол модели. Всушност и „Сирма“ е еден обид да се вратат многу херои на местото каде припаѓаат заслужено. Тоа беше едно сериозно истражување, нови херои донесовме во македонскава историја. Ние имаме еден сериозен проблем, клише е дека Влатко Стефановски надвор е повеќе познат и почитуван отколку во Македонија, истото беше и со Тоше, меѓутоа во областа кај што јас творам, а тоа е литературата имаме сведски ѕвезди, кои ако излеземе сега на улица и направиме анкета, никој ниту ги знае, ниту слушнал за нив.

– Така што ние се додека на Дезигнерица, на Маца дискреција, Пријовички итн. имаме лудило од настани, а ние реално ги уништуваме, ги потопуваме нашите херои што треба да бидат, нема иднина за оваа држава. Ние може да видиме во регионот како се грижат државите за своите херои и додава дека не може да се каже скопска легенда за лик којшто стоел на врата во кафиќи и кажувал кој да влезе, кој да не влезе. Ние имаме комплетно изместена слика за тоа што треба некој да биде легенда или херој.

Фото: Трилинг / Зоран Спасов – Ѕоф

– Времето е такво. Транзицијата што ни се случи минативе 30-40 години е „never ending story“. Ние не можеме да излеземе од таа транзиција. Потребен е еден широк фронт за тоа. Јас би кажал зошто се на пример изгубени сите овие генерации. Кога ќе кажам млади, од моја перспектива, млад човек е секој оној помлад од 40 години. И тука имам една генерална слика за сите. Дали е 15 години до 40 години за мене е едно, тие сите за мене се изгубени генерации. Може вака лошо звучи, но тие се млади луѓе кои не читаат. Што се последиците од тоа? Прво не читаат зошто со дигитализацијата сега визуелното е многу поатрактивно од пишаното итн, но што се случува – тие генерации ги губат когнитивните способности за перцепција, за обработка на податоци, за носење на одлука. Второ, губат емпатија.

„Ова е епидемија, ова е пандемија на сељачизам. Големо влијание имаме од север, од запад и реално ништо не прави државата, ништо не се случува за да се поправи таа слика. Но пак ќе кажам – треба широк, општонароден фронт. Најмногу ни недостига да има човек време да се спознае себе. Младиве не се спознаваат, немаат време за себе. Времето за себе го користат на мобилен, одат на кафе во работно време. Значи комплетно се е пореметено. Треба 50 години, не знам, можеби 100 за да се поправи овој баг што го имаме ние во нашата перцепција на општеството, на сите збиднувања, на семејството итн. Но, тоа е тоа.

Целата емисија на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете ја во видеото: