Кои од судиите и обвинителите ќе одговараат поради тоа што не си ја вршеле работата? Зошто досега нема одговорност за оние кои држеле предмети во фиока за корупција на високо ниво? Може ли да се стави крај на политичките и деловни влијанија во правосудството? Кои би биле ефектите од од распуштање на Судскиот совет и Советот на обвинители? Какви се шансите во наредните неколку месеци да се изгласат уставните промени?
Дали за Пензискиот фонд е прифатлив предлогот на Фискалниот совет за продолжување на старосната граница до пензионирање Ќе има ли редовна исплата на пензии, прашања на кои одговара директор на ПИОМ Никола Мемов.
За музичката сцена, општествените предизвици и приватниот живот, разговор со пејачот Марко Маринковиќ – Слаткар.
Фетаи: Системот е заразен од чумата Корупција, но никој не е во затвор
Околу најавеното започнување на робусна акција против обвинители и судии Фетаи смета дека нема акција против корумпирани судии и обвинители.
„Мислам дека како влада имаме своја улога. Ние сме посебна власт, како што е и судската и законодавната. Мислам дека тоа што го правиме како влада е да започнеме, и тоа го кажуваме од почетокот на овој мандат, а тоа е дел од коалициониот договор, систематска и системска реформа на судството. Знаеме дека ова судство нема доверба од никого. Ја знаеме бројката од 2% доверба во судството. Видовме и од почетокот на оваа влада, веќе речиси шест месеци, дека десетици, стотици предмети што ги изнесе министерството за внатрешни работи, финансиската полиција, другите инстанци на извршната власт, не напредуваат. Тие се држат во системот на обвинителството и тоа треба да се промени.
-Ќе започнеме, како што знаете, со реформска агенда во владината програма, новиот закон за Судскиот совет и Советот на обвинители и верувам дека работите што беа иницираното природно ќе се погрижи корумпираните обвинители, корумпираните судии си заминат системот затоа што тие нема да можат да се вклопат, во основа, во тоа како новите системски закони ги организира тие соодветни тела.
– Мислам дека сега ќе почнеме да гледаме одговорност. Ќе почнеме да гледаме дека предметите ќе напредуваат во судскиот систем и дека оние кои биле одговорни за корупција на високо ниво ќе почнат да одговараат“, потенцира Фетаи.
Околу ниската доверба во судството и за тоа дали со закани и притисоци ќе се врати довербата во правосудниот систем, и примерот на Дамевска која директно ја прозва Владата и премиерот дека вршат притисок врз работењето на телото кое именува и разрешува судии, Фетаи вели дека се збори за истиот претседател на Судскиот совет кој беше сменет од претходната влада, а ДУИ ги користеше луѓето во Судскиот совет за да го смени тој претседател на Судскиот совет, заради случаите против Мијалков.
„Ако се сеќавате, како начин да ги заштити луѓето во системот кои се наклонети кон ДУИ и кои го штитеа Мијалков и сите други случаи на корупција на високо ниво од страна на нивната влада. Мислам дека е доста жално што претседателот на Судскиот совет поднесува оставка и дава излагање, кое беше политичко беше длабоко политичко, кога и останаа само неколку дена. Мислам дека мандатот и завршуваше на 5 декември. Таа вчера поднесе оставка, на три дена пред истекот на нејзиниот мандат. Мислам дека тоа беше претстава, непотребна претстава.
-Не мислам дека сме таму и дека се соочуваме со истите ризици. Мислам дека многу е направено, особено со поддршка на меѓународните партнери, посебно со поддршката на ЕУ и САД. Има јасен сет на препораки што треба да ги следиме. Ги имаме 40-те препораки од Европската Унија, додаде Фетаи.
Околу тоа дали смета дека треба да се распушти Судскиот совет и советот на обвинители, Фетаи вели дека ова ќе се случи бидејќи мандатите на членовите постепено завршуваат.
„Значи ќе има обнова во редовите на Судскиот совет. Истото ќе важи и за Советот на обвинители. И полека ќе видиме дека оние кои беа одговорни за неказнивост… Да се потсетиме дека во 2023 година и во 2024 година, затоа што сме во истата ситуација, немавме ниту една конечна пресуда за корупција на високо ниво. Ова не е нормално. Мислам, корупцијата вртоглаво порасна. Сите се согласуваат дека имаме огромен проблем со корупцијата во Северна Македонија, но никој не завршува во затвор. Тоа значи дека некој ги штити тие луѓе, кои се често, за жал, високи политичари, функционери. Мислам дека се штитат еден со друг. Има некои елементи во судскиот систем и во обвинителскиот систем кои се корумпирани.
Знаеме дека системот, за жал е заразен од чумата на корупцијата. Често велам дека многу луѓе во судскиот систем, во обвинителството, се дел од проблемот, а не од решението. Тие луѓе полека ќе почнат да го напуштаат системот бидејќи нема да се вклопат на начинот на кој новите закони ќе го организираат системот“, изјави Фетаи.
Мемов: Граѓаните да не се секираат, засега редовни пензии ќе има
Како директен одговор на прашањето дали зголемувањето на процентот на придонес дали би влијаело за зголемувањето на приходите, според Мемов, логично е дека ако се зголемува процентот на придонес би требало да се зголеми и приходот по тој основ.
„Но јас имам едно поинакво размислување. Немора да значи дека ако ја зголемиме стапката на придонес дека приходите по дефиниција ќе се зголемат. Ова зголемување мора да биде во корелација со бизнис заедницата. Што значи ова? Владата може да донесе Х мерки за полнење на буџетот, дали на Фондот дали на генералниот буџет, но тие мерки мора да бидат во корелација со бизнис заедницата и бизнисот да биде одржлив на стопанствениците. Доколку стопанствениците односно бизнис заедницата, преку Стопанските комори, почуствуваат несигурност и загрозување на нивниот бизнис, во делот на зголемување на давачките, тие по автоматизам ќе си направат сопствен одбранбен механизам и тука не е исклучено да отпочне спиралата за сивата економија, затоа што економските закономерности се јасни – Мора да се обезбеди плата којашто е достојна за секој работник, социјална сигурност на работникот за да ни остане дома.
-Второ, мора да се остварат услови за бизнис клима каде што сопственикот ќе мора да има приход од својот бизнис. Тие на тој начин ќе си го заштитат самите бизнисот“, потенцира Мемов.
Околу податокот дека на запад тројца вработени издржуваат еден пензионер, а кај нас на секој пензионер има двајца вработени и дилемата дали првичната идеја што ја лансираше Фискалниот Совет е всушност е во насока на тоа дека имаме недостиг на работна сила, па луѓето ќе се држат во работна кондиција уште дополнителни години, Никола Мемов вели дека е точна констатацијата дека на еден пензионер имаме двајца вработени.
„Но јас имам малку поширока дефиниција и работите ги гледам како целосна слика поинаку. Значи не се само пензионерите во оваа категорија во која што се корисници на буџетот. Тука треба да се додаде целата администрација, социјалните случаеви, студенти, ученици. Тој сооднос ќе биде на еден вработен во бизнис секторот иаме еден корисник. Дури и еден спрема еден. Не еден спрема два, затоа што во реалниот сектор, во реалниот буџет, буџетот го полнат вработените во реалниот сектор, така што оваа слика кога ќе се прошири сега е еден спрема еден, вели Мемов.
За податокот дека просечниот живот во Македонија е околу 73 години, наспроти 83 години во западно-европските држави, а со тоа и околноста дека човекот по завршувањето на работната кариера нема да има моожност да се израдува на пензионерските денови, првиот човек на ПИОМ вели дека статистиките се неминовни.
„Тоа е точно. Просечните години за користење на пензија е околу 11 години, така што сегашното законско решение – 64 години старост овозможува користење на пензија 11 години, бидејќи просекот е 75 години. Тоа е тоа“, заклучува Мемов.
Околу тоа дали ја подржува идејата на Фискалниот Совет за продолжување на работниот век, Мемов вели дека ФПИОМ е инструмент на Владата за имплементација на политиките. Ставот на Владата е јасен дека во овој момент не размислува за покачување на страросната граница и не размислува за покачување на процентот за придонес за пензиско-инвалидско осигурување.
Според првиот човек на ПИОМ, пензиската реформа е конзервативна тема во било кое општество и тешко е да се прават компарации за пензиски системи од една во друга држава затоа што условите на функционирање се различни.
„Само како податок, буџетскиот дефицит на ФПИОМ не е од вчера направен, тоа се прави во изминативе 25 години, можеби и повеќе. На почетокот на формирањето на независна Македонија, тогашните лидери во државата и претставници на Владата и на Фондот, предвиделе и утврдиле дека Фондот за пензиско во иднина може да има потешкотии во работењето, па со Законот за приватизација беше овозможено 10% удели, акции, практично од сите компании што се приватизираа во тоа време.
-Можете ли да замислите денеска, ако ФПИОМ поседуваше акции од 10% во еден „Алкалоид“, во „Европа“, во „Пивара“, „Цементара“, „Телеком“ итн. дел во сите успешни компании во Македонија. Но со разни економски и социјални мерки од Владата овие акции се продадени, дел од дефицитот е направен врз основа на т.н Бранков закон, каде што таа една социјална мерка, со 30% уплатени средства се сметаат како 100% уплатени придонеси. Еве го и даночното ослободување од придонеси со проектот „Македонија вработува“, каде што државата ги плаќаше придонесите на вработените во технолошко-развојните зони, па дури и последната мерка за зголемувањето на пензиите од 5.000 денари. Ова првово зголемување од 2.500 денари значи нови 862 милиони денари на месечно ниво повеќе пари во буџетот.
-Зголемувањето на пензиите, во просек од семтември до денеска значи 11,2% зголемување. Во март месец ќе имаме дополнително покачување од 2.500 денари и тоа се нови 14 милиони евра месечно, значи двете 28 милиони евра поголема ставка во буџетот. Но ова се смислени мерки на Владата, коишто придонесуваат за зголемување на животниот стандард на пензионерите, а линераното покачување значи намалување на социјалните разлики помеѓу минималната и максималната пензија, вели Мемов.
Слаткар: Не секогаш животот ми е песна, но морам да пеам и да се смеам
„Ние живееме во таков хаос, што ти доаѓа секој ден да си кажеш да си одам од овде. Ова не е нормално“. Не знам дали ви се случило некогаш да отвориш некој портал и не знаеш дали сонуваш или стварно читаш. Толку е се обратно. Еве еден најпрост пример – во најголемиот хаос низ Центар, најспората лента вози најбрзо, а најбрзата вози најспоро. И тоа баш го пиметив пред СОК Банки, пред Народна Банка, кај што движат парите. Апсурдно е ама стварно е се обратно.
-Колку не сме направиле чекор напред, иако зборевме за еволуирање, немаме направено чекор, некако се тапка во место и нормално станува она што не е нормално. За порано викавме – тоа е страшно, а сега викаме – па се снашол. И од тоа „се снашол“ овие што го заслужуваат тоа што некој друг го „снашол“, си викаат – јас не можам овде , ова е не фер. И не треба да си многу стручен за да сфатиш дека нешто не е во ред.
– Живееме по принципот купи саат, не е ни купи ден, продај, Визијата не ни е ни за ден“, потенцира Слаткар.
За тоа колку македонската музичка естрада, култура е афирмирана надвор од границите на државата, Слаткар вели дека е проблем што не е афирмирана ни дома, а комоли надвор.
„Знаете, нашиот терен не е наш терен. Има едно копче на youtube, се вика trending и можеш да видиш кои песни се најпознати во нашата држава, кои песни се најслушани. До пред месец дена од првите десет немаше ниедна наша песна. Нашите песни се заглавени некаде таму на 20 место. Делува како ти да не живееш тука, како оваа држава да е некоја туѓа, како да нема наши луѓе што сакаат да слушаат наша музика, наш јазик. Добар дел од кривицата ја носиме и ние што не сме доволно активни. Лично јас сум активен но неможам да се тргнам од целата група. Веррувам дека тој момент се враќа прво дома. Ние треба да сме добри дома, треба да си ги земеме првите десет места, да се наши, после тоа имаш ти простор и за српски и за албански песни и за англиски, но прво треба да сме битни дома за да станеме битни било каде.
– Не можам да кривам било кој друг, само ми е криво кога гледам дека фокусот ни е на тотално погрешно место. Значи самата суштина ни бега пред очи. Ние сме фокусирани на некој детал што е тотално небитен. Јас верувам дека треба „да се маваме во гради“, но самата музика, самиот наш филм, самиот театар, опера, се што е наше треба да е дел од тие ударци во нашите гради. Не можеш тоа да го оставиш на странаи да кажеш дека тоа не е битно, кога во твојата држава не се слуша наша музика, а од друга страна да се бориме за нешто што се случувало пред 300 години. Јас мислам дека ова што се случува сега е битно, вели Слаткар.
„Мене животот ми е песни, многу песни. А дали ми е песна од типот на дали ми е лесен како песна? Некогаш да, некогаш воопшто не ми е песна, а морам да пеам и да се смеам. Така што се трудам да си го направам, да си го искомпонирам животот. Не знам дали е песна, ама секој нов ден е можност за нова песна.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.