(Видео) Трилинг: Политичко-економски предизвици со безброј неодговорени прашања

Владата и банките во клинч – колкави се банкарските трошоци за распределба на унгарскиот кредит за фирмите во Македонија. Дали владата ќе ги субвенционира? Надворешниот долг и дефицит растат со неизвесност за одржливоста на јавните финансии. Светот пред воена ескалација. Има ли Македонија план и лекарска мобилност? Мицкоски пред пет години говореше за укинување на Преспанскиот договор, сега зборува дека е ремек дело. Многу отворени фронтови - имаме ли решенија?

„Трилинг“ објавува – 250 милиони евра повлечени од Будимпешта за кредитирање на бизнисот лежат како мртов капитал. Владата и банките во клинч – колкави се банкарските трошоци за распределба на унгарскиот кредит за фирмите во Македонија. Дали владата ќе ги субвенционира? Надворешниот долг и дефицит растат со неизвесност за одржливоста на јавните финансии. Светот во непредвидлива воена ескалација. Скандинавците купуваат залихи, Французите храна и вода за наредните две недели. Србите ги чистат атомските бункери. Има ли Македонија план и лекарска мобилност? Дали е возможно лекарите од приватните болници да се вратат во јавното здравство?

Мицкоски пред пет години говореше за укинување на Преспанскиот договор, сега зборува дека е ремек дело. Се залагаше за репреговарање, на преговарачката рамка со ЕУ. Забелешки имаа на договорот за добрососедство и соработка со Бугарија. Се најавуваше декласификација на договорот со „Бектел и Енка“. Многу отворени фронтови – имаме ли решенија?

Таравари: Оптимист сум дека постапката за уставни промени ќе почне пред Нова година

Фото: Трилинг / Арбен Таравари

„Геополитичките настани во регионот и во Европа, па и во светот се малку чудни, меѓутоа и непредвидливи. Среќа во сите овие настани што се случуваат во светот, па и во регионот е што ние сега веќе сме членка на НАТО. Нормално, Македонија па и сите други држави од Западниот Балкан се прилично мали држави коишто не се некои со силна војска ии пак можат да влијаат на тие геополитички настани. Да се надеваме дека не треба да размслуваме за лоши сценарија, иако како држава секогаш треба да бидеме подготвени за се, но по информациите што ги имаме не се очекуваат некои настани барем во скора иднина во регионот“, изјави за магазинот „Трилинг“, министерот за здравство, Арбен Таравари, на прашањето дали постои и мобилизирачки план, подготвеност на лекарите, амбулантите, аптеките, за евентуална ескалација на судирите со Русија.

„Како држава секако дека имаме недостаток на се, па и на медицински персонал, но не до толку за да бидеме во критична состојба и во состојба во којашто не би можеле да функционираме, така што ако ме прашувате од медицински аспект – ОК сме, иако сите системи слични на нашиот коишто се релативно сиромашни, кога доаѓаат вакви светски несигурни состојби, тоа го покажа и пандемијата со Ковид-19, се покажува дека системот не е баш функционален како што треба, но тоа ни беше добар настан за да видиме каде се нашите слаби точки и каде треба да се корегираме.

– Мислам дека од тогаш па до сега се обидуваа сите министри барем малку да го мотивираат медицинскиот кадар“, вели Таравари.

Фото: Трилинг / Арбен Таравари

Околу уставните измени и изјавата дека до крајот на годината ќе се донесат Уставните амандмани и дали е тоа лична проценка или суптилен притисок врз премиерот Мицкоски да го забрза процесот на внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот, Таравари вели:

„Оригинално реков дека јас сум оптимист и тоа огромен оптимист дека ќе започнат уставните промени пред Нова година. Значи и ако беа започнати пред месец ипол до Нова година, не може да бидат завршени, технички, временски, бидејќи условите се такви и такви се законските регулативи дека е невозможно да се заврши за еден месец. Јас повторно велам дека сум оптимист, знаејќи ги сите околности и имајќи лични информации од повеќе извори, како и гледајќи го премиерот дека е навистина оптимист и дека навистина сака Македонија што поскоро да ги започне преговорите.

-Мислам дека премиерот е апсолутно проевропски ориентиран, само што не сака му се случи тоа што се случи во 2018 година. Он условува и со право условува, не сака да му се случи неговите министри и тој да се слика во авион и потоа да не ги започнеме преговорите со ЕУ. Тој бара некаква гаранција од Софија, Брисел или Вашингтон дека ова е последно условување.

– Уште шест недели има до Нова година. Јас продолжувам да бидам голем оптимист, вели Таравари.

Во однос на неговата изјава дадена во октомври 2022 година каде Таравари вели дека ако не поминат уставните измени во овој парламентарен состав (се мисли на минатиот), мислам дека уште долг временски период ќе тапкаме во место и ќе бидеме држава во која нема да има ниту Македонци, ниту Албанци, ниту други етнички заедници, бидејќи полека народот се иселува, министерот со став дека за жал добро ќе беше Македонија да ги започнеше преговорите одамна, бидејќи стабилизација и асоцијација со ЕУ ние потпишавме на 9.04.2001 година. Пред Хрватска и пред многу други држави.

„Потоа ни се случи Букурешт 2008 година, Албанија и Хрватска станаа дел од НАТО, ние задоцнивме, ни требаа уште десет години. Ова е мислам моментот Македонија да ги продолжи преговорите заедно со Албанија и да се вклучи во тој пакет.

– Започнувањето со преговорите е надеж за луѓето, надеж дека веќе полека го започнуваме крајниот пат до дестинацијата која ја посакуваме сите и која ја посакуваат сите наши граѓани, оти сите луѓе коишто си одат од Македонија, не одат никаде на друго место освен во Германија, Швајцарија, Скандинавија, Италија САД. И стојам на тоа што го имам кажано, дека ако тапкаме во место и не ги започнеме преговорите јас сум скептик и мислам дека ќе ни се испразни тотално државата, ќе останеме само како старечки дом.

Проф. Петрески: Откажување од популизмот – само структурни реформи за фискална консолидација

Фото: Трилинг / Проф. Благица Петрески

Околу поделените мислења во јавноста дека Владата се меша во кредитните политики на банките и врши политички притисок врз нив, а од друга страна пак Владата порачува дека можеби е добро банките да демонстрираат поголема општествена одговорност, Петрески со став дека од страната на Владата легитимно е дека Владата е таа која ги зема средствата од даночните обврзници во име на компаниите и легитимно е да бара одредени услови, затоа што Владата е таа која ја плаќа крајната каматна стапка.

„Но, истовремено, сметам дека грешката која се прави во тоа што Владата влегува во преговори со банкарскиот сектор на ниво на здружение, а не на ниво на индивидуални банки, затоа што сепак и помеѓубанките веројатно треба да се применат тие пазарни механизми и таа профитна логика. Ако за една банка одредени услови не функционираат, веројатно за друга банка таквите услови би функционирале и на страната на Владата легитимно е да, земјаќи предвид дека тоа се пари од даночните обврзници, бара тие услови да бидат што поповолни.

– Но од друга страна, исто така, легитимно е да бараме одредена солидарност, но треба да знаеме дека и банкарскиот сектор е ентитет којшто е профитноориентиран и нивната крајна цел е да го максимизираат профитот. Сметам дека не треба да биде многу надежно дека банкарскиот сектор треба да премине во улога на солидарност. Сепак треба да води сметка и за покривање на своите трошоци, но и за ризиците коишто ги презема“, смета Петрески.

„Во моментов просечната каматна стапка на кредитите е 4,9%, што е значајно над оваа стапка за којашто дискутираме- било тоа да е 3,25‚ или нешто под ова. Веројатно кај еден дел од компаниите коишто се бонитетни, кои имаат добар кредитен рејтинг и слично, имаат и можат да користат кредитни линии кои се под оваа стапка, меѓутоа за поголемиот дел од компаниите, верувам дека оваа каматна стапка е значајно поволна и истата треба да ги стимулира. Јас понатаму би се фокусирала на тоа да имаме добар таргет кон оние компании кои досега не би можеле да реализираат одредена инвестиција, а овој тип на кредити ќе им помогне за реализација на нивните инвестициски планови.

Фото: Трилинг / Проф. Благица Петрески

-Тука останува отворено и понатаму прашањето каква е формата на таа инвестиција. Викаме производни компании, но кој е секторот, за која намена ќе бидат, ќе бидат за целосно нови кредитни линии или за нова технологија, вели Петрески.

На прашањето околу тоа дека за идната година проекцииите се раст на БДП од 3,7%, раст на буџетските приходи од 12,8 проценти, и капиталните расходи на ниво од над 800 милиони евра, плус и тоа дека унгарската милијарда нагло ќе го зголеми и надворешното задолжување и како ќе се отплаќаат долговите ако имаме перманентен дефицит и пораст на БОП под каматите со кој се задолжуваме, Петрески вели дека ние генерално генерираме буџетски дефицити, коишто од една страна се над потенцијалот за раст и тоа навистина не втурнува во една замка на задолженост.

-За жал во изминатите години и во моментов гледаме дека Владите не посегнуваат по тоа да се откажат од одредени популистички мерки и политики коишто не одат во насока на јакнење на конкурентноста. Ако сакаме да целиме раст којшто ќе биде над буџетскиот дефицит и да влезме во фискална консолидација, ние мораме да започнеме со структурни реформи и инвестирање на парите од буџетот во развојна компонета, додава проф. Благица Петрески.

Димовски: Уставни промени без одложено дејство се невозможни, а што е возможно ќе видиме

Фото: Трилинг / Илија Димовски

„Конципирањето на политиката секогаш има две нивоа. Првото ниво е кадровското, второт ниво е политичкото. Јас сум исклучително задоволен од односот на мојата партија спрема мене, од аспект на тоа што имам простор, да дејствувам во второт, во делот на креирање на политиките. Јас бев еден од посериозните креатори на партиската програма за овие избори. Исто така учествував и во конципирање на стратегијата за претходните локални избори.

-Присутен сум на скоро сите партиски форуми каде што се одлучува, каде што се разговара околу тие прашања и апсолутно, од тој аспект сум задоволен од третманот и односот на партијата која шпто го има спрема мене. Во делот на кадровското позиционирање воопшто не сум оптеретен, мислам дека треба да се даде простор и други луѓе во партијата да покажат дали знаат, дали можат, дали имаат капацитет, колку ќе бидат креативни, иновативни“, вели Димовски за „Трилинг“ на прашањето дали од моќен во времето на Груевски сега е маргиналец во мандатот на Мицкоски, како и дали го подготуваат за амбасадор или пак за некоја нова висока функција, имајќи предвид дека дел од неговите колеги завршија како Национални координатори, додека дел се подготвуваат за останати високи позиции.

„ВМРО-ДПМНЕ има свој континуитет. Одредени луѓе во одредени периоди од функционирањето на партијата се на раководни функции во самата партија, но поголемиот број од луѓето коишто ги гледате и денеска на сцена се членови на ВМРО-ДПМНЕ пред Никола Груевски да е раководство на партијата. Така што во тој дел, континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ, континуитетот на базичните политики, базичната идеологија, центар-десната идеологија, и во делот на економијата, во односот кон националните прашања, градење на добро образование, градење на солиден здравствен систем, прозападната ориентација, про-НАТО, про-ЕУ е ист.

Говорејќи околу претходно дадените најави за поништување на Преспанскиот договор, за репреговарање со Бугарија, за декласифицирање на договорот со „Бехтел и Енка“, Димовски со став:

„Околу делот со бугарскиот проблем што го имаме, мислам дека доколку не се репреговараше, досега ќе беше заклучено прашањето и ќе влезевме во некој процес којшто ќе значеше внесување на Бугарите во Уставот. Тоа не го гледаме. Гледаме дека има интензивни средби и комуникација на Владата на премиерот, на претседателката на државата, околу проблемот којшто го имаме со Бугарија и гледаме исклучително висок степен на интерес на меѓународната заедница околу нашите позиции виз – а – ви она што претходната Влада го договори. Тоа значи дека нешто се случува. Не можеме да кажеме дека Владата или државата го сменила односот од она кога биле во опозиција.

Фото: Трилинг / Илија Димовски

– Преспанскиот договор е историска неправда спрема Македонскиот народ. Државата треба да има прагматичен и политички динамизиран однос кон Преспанскиот договор, којшто е адекватен на периодот во којшто се наоѓа државата – односите со ЕУ, со стратешките партнери итн. Но треба да не ја испуштаме позицијата во која што ќе велиме дека Преспанскиот договор е неправда спрема Македонскиот народ и Македонскиот народ има право на долга, средна или кратка перспектива да се бори против последиците од тој Преспански договор.

Според Димовски „уставни промени без одложено дејство се невозможни, а што е возможно ќе видиме“.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски, погледнете го во видеото: