(Видео) Трилинг: Партиско-криминализирана или професионализирана администрација?
Дали укинувањето на балансерот може да предизвика дисбаланс во меѓуетничките односи? Можни ли се граѓански немири? Каква храна јадат македонските граѓани? Дали мафијата ги контролира аграрните пазари? Како млад човек со упорност, знаење и умешност успева да го менаџира бизнисот надвор од Македонија?
И по Берлин, големите надежи се претвораат во мали шанси. Две нови опомени – Албанија ги отвори преговорите со ЕУ. Отрезнувачка е пораката од Германија – додека во Европа се решава едногласно, Македонија не може да започне преговори со Брисел без вметнување на Бугарите во Уставот. Разбиени се и последните илузии дека можеме да трасираме нова преговарачка траекторија без подвиткана кичма, како што милува да каже премиерот Мицкоски.
За одвлекување на вниманието – дипломатскиот дебакл во Берлин, домашната јавност неколку дена се занимаваше со забава за масовно апсење на цариници и полицајци. Копи – пејст политика од времето на Груевски и масовното приведување на вработени од патарините.
Во најновото издание на „Трилинг“, министрите за јавна адинистрација, Горан Минчев и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски одговараат на речиси две актуелни политички прашања.
Дали македонскиот пат кон Европската унија ќе остане зациментиран се додека не се издејствува или не се реализира промената на Устаот и внесувањето на Бугарите во преамбулата. Дали има потреба од испраќање на писмо до бриселските партнери, по пораките на германската министерка за надворешни работи?
„Нема сила којашто може да го натера македонскиот народ да каже дека постои од 1945 година. Нема сила којашто може да го натера македонскиот народ дека неговата историја е од бугарско минато или дека имаме заедничка историја со бугарите. Нема Македонец којшто може да прифати дека Гоце Делчев е Бугарин. Овој став којшто е креиран во Владата и којшто апсолутно го поддржувам, всушност е еден вид гаранција за евентуалните уставни амандмани во нашиот пат кон ЕУ.
– Да потенцирам, ние немаме друга алтернатива освен ЕУ, но таму сакаме да влеземе како и сите други – со дигната глава, според Копенгхашките критериуми, базирани на европските начела за рамноправност, бидејќи досега Македонија во рамки на 30 години постоење, направи доволен број на жртви. Сменивме име, сменивме знаме, сменивме Устав, изјави министерот за јавна администрација Горан минчев, во врска со тоа како ги доживува пораките од Берлин по ставот на германската министерка за надоврешни работи, дека прво се потребни уставни промени, па потоа деблокада на македонскиот пат кон ЕУ, всушност значи дека ставот на Мицкоски, а и на ЗНАМ за уставни измени со одложено дејство е всушност невозможна мисија.
На прашањето дали има потреба да пишуваме писмо до ЕУ, кога нашите европски партнери ни порачуваат прво уставни промени, па потоа брза интеграција, министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски вели дека Берлинскиот процес, на којшто учестуваше и премиерот Мицкоски, пренесоа дека има позитивни сигнали.
„Како ќе се одвиваат настаните ќе видиме во наредниот период и за тоа ќе добиеме информација лично од премиерот, додава Трипуновски.
„Самиот Берлински процес има своја тема на разговор и нормално е при такви состаноци да се водат разговори коишто се надвор од темите кои што се на самитот. Претпоставувам дека наредниов период ќе имаме конкретен став од Владата, за тоа што би се случувало во иднина. Секогаш сме оптимисти околу патот на Македонија кон ЕУ, потенцира Трпуновски.
Минчев вели дека нема да прифаќаме уцени од било кој наш сосед по секоја цена.
„Немам ништо против внесување на бугарскиот народ во Уставот, но бараме одреден вид на гаранција, тоа да биде последното барање. Јас мислам дека имаме можност и тоа го истакнуваме на сите средби коишто ги имаме со амбасадорите, дипломатските претставништва во државата, исто така и на меѓународните средби. Значи бараме гаранции од ЕУ, вели Минчев и додава дека клучното прашање е зошто на Република Бугарија, толку и смета ваква одложена примена на евентуална уставна измена.
„Дали е тоа нашиот сосед којшто навистина ни сака добро и ова ќе биде мотив плус за Бугарија да го турка процесот како наш сосед за влез во ЕУ на Република Македонија или пак позадината е нешто друго, но тоа ќе оставиме граѓаните да го проценат“, потенцира Минчев.
Гостин во најновото издание на „Трилинг“ беше и Ален Осман претприемач кој речиси пред 10 години се иселил во Малта, за таму со своето семејство да започне свој, сопствен фамилијарен бизнис под брендот „Mamma’s Sugar“.
„Јас скоро 10 години живеам на Малта. Отидов во Малта на одмор како и да видам нешто различно, но на крајот најдов работа и останав таму. По професија сум кувар, имам завршено средно угостителско и Факултет за туризам што е во Скопје, така што низ годините работев на доста места, во ресторани, така што веќе бев во бизнисот и пред скоро три години, со фамилијатата додјовме до идеја да креираме нешто различно за Малта, нешто што го нема таму и за локалните жители ќе биде привлечно“, вели Осман, на прашањето од каде е идејата да одлучи да се пресели на Малта и да стартува со сопствен бизнис.
„Ние сме првата слаткарница којашто е отворена, има и ресторан којшто се вика „Гурмет“, специјализиран за македонска храна, ние сме први од Македонија како во делот на ресторан, така и во делот како слаткарница.
„Малта е земја која заради климата многу луѓе ја одбираат, бидејќи нема зима. Од Октомври до Март температурата е 15 Степени. Но точно, многу е полесно да се направи нешто со македонски пасош, многу полесно во однос на другите земји во однос на работна дозвола да се добие и отворањето бизнис е многу поедноставно, па затоа мислам дека Малта е земја каде што е многу полесно со македонски пасош да се направи нешто, додава Осман.
Темите околу укинувањето на „Балансерот“, состојбите во земјоделството како и успешната приказна на млад македонски граѓанин кој што успеал својот бизнис да го прошири со македонски пасош, можете да ги погледнете во видеото од најновото издание на „Трилинг“ со Горазд Чомовски.