Унгарски чардаш со кредитот од унгарскиот премиер Виктор Орбан. Македонските банки подигаат свои каматни бариери во распределбата на парите од Будимпешта. Тие бараат плус 3% за камати и трошоци при сервисирањето на кредитната линија од Унгарија.
Гостин во „Трилинг“ беше проф. Никола Поповски, екс министер за финансии.
Поповски: Мицкоски врши притисок врз банките, ЕУ перспективата е уништена
„Од ова што се случува и што го гледаме во последниве 7-8 дена, мислам дека сме сведоци на еден невиден политички притисок врз банките во Македонија, да го прилагодат нивното работење и нивното пазарно работење по барање на политиката, на владата, вели Поповски на прашањето дали премиерот Мицкоски кој најавува средба со банкарската елита, ќе се спогоди со банкарите во однос на нивните барања.
„Да потсетиме, регулацијата на работењето на банките воопшто не е во владина надлежност во сите пазарни економии во светот па и во нашата и ова е еден еклатантен пример зошто не треба да биде таму. Замислете владата да беше регулатор во односите во банкарскиот систем. Замислете банките во Македонија, има 14 банки од кои една е државна – Развојната, преку која кредитот ќе се реализира, од останатите 13, три се македонски, другите 10 се странски банки, од 100 до 90% сопственост по секоја поединечно и замислете банките да не беа странски, да беа домашни. Со каков политички притисок се соочуваат од владата и директно од премиерот. Неколку денови по ред, на секоја прес-конференција, на секоја изјава, премиерот врши политички притисок врз пазарни субјекти, да се однесуваат според барањата на владата, во нивното деловно работење, вели Поповски.
Околу тоа како ќе одговорат банките на ваквиот упад од страна на владата, Поповски вели дека банките ќе си одговорат како што тие сметаат.
„Од тоа што го гледам на телевизија, ниниот одговор е негативен. Тие самите кажаа дека само една банка се согласила. Во нашите кругови се знае која банка се согласила и таа се согласила исто така од политички причини, бидејќи е банка ќерка, на банка која во домицилната држава е државна банка. И таа од политички причини се согласила за да ги изгради односите со новата власт. Инаку да притискате банки со 0% камата да работат со кредити на коорпоративен сектор, на претпријатија, па јас можам одма да ви кажам, без многу размислување, три причини зошто е тоа невозможно.
Говорејќи за европската перспектива на Македонија, тврдиот став на премиерот Мицкоски околу билатералното прашање со Бугарија, Поповски вели дека не знае што премиерот мисли и на што ќе опстои, зошто во изминативе месеци колку што е премиер, сведоци сме дека многу често ги менува ставовите од периодот додека беа во опозиција.
„Сега се полесно прифаќа. Премиерот на Македонија, кога дојде унгарскиот премиер во официјална посета, излезе пред камера и рече „Унгарија е наш стратешки партнер“. Снимките постојат. Вие знаете што значи Македонија да изјави дека Унгарија ни е стратешки партнер? Што, веќе Америка не ни е стратешки партнер, веќе не ни е ЕУ стратешки партнер? Но еве тука јас за себе барем ќе бидам отворен – Македонската перспектива кон Европската унија е уништена и веќе не постои, тврди Поповски.
Ѓиновска Илкова: Јас сум бунтовник во душа, особено на неправди
Водечки оперски драмски сопран во државата во последните 30 години. Певица со софистицирано пијано, беспрекорна вокална техника, огромна музикалност, харизма и силно сценско присуство. Редовен професор на Факултетот за Музичка уметност во Скопје. Дипломирала во класата на професорката Милка Ефтимова, магистрирала во Белград во класата на професор Радмила Бакочевиќ. Она што може хронолошки да се забележи е дека првите амбиции да се посвети на музиката се стекнати и добиени од родителите и од класниот раководител.
Гостинка во „Трилинг“ беше водечкиот оперски драмски сопран, Весна Ѓиновска Илкова.
-Нашата професија е прилично тешка, затоа што немаме пишани зборови од каде можеме да учиме за како тоа треба да се направи, туку нашата работа е исклучиво практична. Она што е теоретски напишано се музичките дела, музичките композиции, теоретски како тоа треба, методиката на работа како треба да изгледа и јас секогаш кажувам дека треба да се поседува исклучителен слух, добар ритам и интелигенција со која ќе успее еден млад човек да го сфати професорот што сака да пренесе во изучувањето на вокалната техника, вели Ѓиновска Илкова.
„Мора да се влезе во ликот, мора да се влезе во делото. Мора да бидеш комплетен во него. Не само таа вечер на сцената, туку претходните неколку месеци подготвувајќи се да излезеш на сцената. Не ретко ми се случувало моите домашни ги препознаваат моите разлики на Весна која што е во домот и на Весна којашто ја подготвува една од улогите кои се зададени. Морам да кажам дека дури и јас на самиот почеток не бев свесна за тоа. Со текот на времето почувствував дека е вистински така, но тоа е тоа. Тоа е уметникот.
-Јас си ја сакам својата работа. Секое ново дело, секоја нова композиција, секоја убаво отпеана нота мене ми е задоволство. Јас во правата смисла на зборот сум уметник.
„Да. Темата е извлечена од секојдневието. Приказна која по многу нешта е својствена и за нашето денешно модерно живеење, но она што е особено битно ако зборуваме за операта „Тоска“ од музички аспект бара зрелост и еден оформен карактер во себе за да може тоа да се даде на вистински начин“, вели Гиновска Илкова на прашањето дали „Тоска“ на Пучини и љубовта, страста, љубомората и политичките интриги, односно оперскиот трилер се пресликува и во денешницата.
-Јас сум бунтовник во душа, особено на неправди“, додава Ѓиновска Илкова.
Јанура: Судиите треба да одолеат на притисоците, ако не, имаме корозиран правен систем
„Партиите секогаш меѓу себе си ја префрлаат топката, но ние сме свесни дека од кога сме независна држава тие проблеми секогаш се провлекуваат. Таквите обвинувања од секогаш постоеле“, изјави Јанура, на податокот дека актуелната власт, ВМРО-ДПМНЕ ги апострофира СДСМ и ДУИ за главни виновници за растечкиот криминал, корупција, за ниската доверба во македонскиот правосуден систем како и за спрегата меѓу политичките бизнис елити со судии и обвинители.
„Судиите треба да одолеат на притисоците и влијанијата. Ние треба да веруваме дека тие тоа и го прават. Тоа е претпоставката дека за тоа тие биле избрани да бидат судии, бидејќи ги поседуваат тие карактеристики, морални вредности и знаења. Но сепак, ако се случуваат премногу исклучоци, тоа значи дека е корозиран правниот систем“, додава Јанура.
„Општо прифатено начело е дека за да постои слобода и владеење на правото во едно демократско општество, треба да постои реална и сериозна поделба на власта. Тоа значи дека треба да постои сосема независно судство, а за тоа да биде независно, претпоставувам дека треба да постои на некој начин и промени во самиот избор на судиите. Постоеа идеи во во Судскиот Совет да се избираат само судиите од нивните редови, потоа излезе дека може да ги бира дел парламентот, дел претседателот итн. што претставува одреден микс. Мене ми е нејасно само зошто во Судскиот Совет да не може и адвокатите да учествуваат при изборот на судии, да го дадат својот глас, бидејќи реално ние навистина сме сериозен фактор и реално ние најдобро знаеме кој судија колку вреди, како работи итн и додава дека судско-адвокатска спрега не смее да има, а ако постојат сериозни индикатори тоа е работа или на Судскиот совет или на Обвинителството.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.