(ВИДЕО) Трилинг: Колку неказнивоста го руши системот на владеење на правото?

Во „Трилинг“ интервју со проф. Рената Дескоска потпретседателката на Венецијанската комисија. Разговори и со Илина Мангова политиколог и д-р Виолета Мојсовска Наумоска интервентен кардиолог. Во рубриката „Знаење што менува“ гостин е Ивона Игнатоска, дипломиран андрагог и раководител на Кариерниот центар во Семос Едукација.

Во „Трилинг“ интервју со проф. Рената Дескоска потпретседателката на Венецијанската комисија. Разговори и со Илина Мангова политиколог и д-р Виолета Мојсовска Наумоска интервентен кардиолог.

Во рубриката „Знаење што менува“ гостин е Ивона Игнатоска, дипломиран андрагог и раководител на Кариерниот центар во Семос Едукација.

Фото: Трилинг / Рената Дескоска

Говорејќи за прашањето околу судско-обвинителскиот дел, проф Дескоска смета дека проблемот е во начинот на функционирање и во одредени спреги кои постојат во делот на поврзаност, лобирања и тн.

„Мислам и дека е проблем кога се дава и генерализација. Не е во ред кога одредени епитети се лепат на сите судии. Се додека судиите, судовите не се спремни да го исфрлат она „диво месо“ кај нив и оние луѓе коишто го нарушуваат нивниот углед на сите ќе им се лепи етикетата.

„Уставно-правно судството е поставено како независна, како трета власт, а тие честопати не се однесуваат како власт. Се додека немаат сфаќање за својата улога во системот тие не можат да го добијат заслуженото место“, вели Дескоска.

Околу високиот степен на корупција и криминал професорката вели:

„Амнестирање на моќници, промовирање на принцип на неказнивост е нешто што го руши системот на владеење на право и ќе биде пречка на нашиот пат кон ЕУ“.

За тоа дали е возможно прифаќање на амандман – уставни промени со одложено дејство Дескоска како правник смета дека правно технички е возможно, но додава:

„Секоја таква измена којашто произлегува од надворешно барање не сме ние сами слободни да ја креираме.. Инаку, да можевме сами да си донесеме амандман со одложено дејство без за тоа да имаме согласност од ЕУ тоа ќе се направеше до сега. Факт е дека за тоа ние немаме слобода сами да го направиме. Така што од тој аспект, она што е правно возможно од политички аспект е бескорисно“.

На политички план професорката вели дека со тогашниот мандатар, Зоран Заев, имале меѓусебно разбирање кога си ја поднела оставката, но за последните изборни циклуси смета дека излезноста покажува генерална апатија и разочараност.

„Ако ги анализираме локалните избори, видовме сериозен пад во бројот на гласови кај сите политички партии и сериозен пад на излезноста кај граѓаните, што покажува генерална апатија и разочараност, што не е добар сигнал заради тоа што немате веќе субјект кој изворно ги привлекува граѓаните. Држава во која што имате слаба опозиција има ризици во себе“, вели Дескоска.

Околу тоа дали Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се пресилни или СДСМ е сѐ послаб и ова води кон авторитарно владеење, Дескоска смета дека во овој момент владеењето на оваа гарнитура на власт е подобро отколку власта на Груевски.

„Од тој аспект не ги гледам оние сериозни проблеми коишто постоеја во времето на Груевски каде што Македонија под силниот авторитарен популизам „стенкаше“. Но факт е дека имаме слаба опозиција којашто не може да парира“, вели проф. Дескоска.

Фото: Трилинг / Илина Мангова

„Мислам дека ние како држава веќе подолг период ги чувствуваме последиците од застојот во европската интеграција и тоа го гледаме преку големиот степен на иселување на граѓаните, незадоволство од квалитетот на животот во земјата, слабоста на испорака од државните институции кон граѓаните“, вели за „Трилинг“ политикологот Илина Мангова.

Околу меѓуетничките односи таа смета дека тие се водени од меѓу партиските релации.

„Дали ќе бидат меѓуетничките односи стабилни или нестабилни зависи од партиско-политичка одлука и тука препораката би била дека не треба да се злоупотребуваат меѓуетничките односи за подобрување на партиските позиции во јавноста.

-Мораме да се прифати дека меѓуетничките односи треба да се нешто што треба да се негува па и по цена на нечива политичка кариера“, вели Мангова.

Фото: Трилинг / Виолета Мојсовска Наумоска

„Не сакам да мислам дека се работи за некој да профитира врз пациентите. Еве јас лично сум видела пациент каде што е направен бајпас на нога а немало потреба.

-Пациентот во моментов нема компликации, меѓутоа поминал хируршки зафат кој можел да има оперативни, постоперативни компликации и теоретски во тој момент го загрозуваш и животот на пациентот што е недозволиво“, вели д-р Виолета Мојсовска Наумоска интервентен кардиолог, околу наводите на проф. Кедев за евентуалните злоупотреби на приватните болници на грбот на пациентите.

„Дека има наоди има. Јас верувам дека проф. Кедев има информации повеќе од доволно“, вели Наумоска.

Фото: Трилинг / Ивона Игнатоска

Наш гостин е Ивона Игнатоска, дипломиран андрагог и раководител на Кариерниот центар во Семос Едукација, која секојдневно работи со студенти и професионалци на нивниот личен и професионален раст.

Како андрагог и со специјализација во човечки ресурси и силен фокус на комуникација и поддршка, Ивона создава средини во кои студентите се слушнати, мотивирани и охрабрени да го достигнат својот целосен потенцијал. Разговараме за важноста на континуираното учење, улогата на менторството и како вистинската поддршка може да направи клучна разлика во развојот на една кариера.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото