(Видео) Трилинг: Како се справува Македонија со вкоренетите и надоаѓачки предизвици?
Дали е доволно објаснувањето дека бугарските пасоши најчесто се вадат за патување и бизнис интереси? Кога довчерашна бизнисменка, денес е министерка, ќе биде објавено дека се декларирала дека има бугарска самосвест, дали премиерот треба да ја разреши? Дали и колку судскиот Совет и Советот на обвинители се главни генератори на ниската доверба во македонскиот правосуден систем? Во каква состојба ја наоѓаат земјава кога младите уметници, режисери се враќаат од западните земји?
Дали е доволно објаснувањето дека бугарските пасоши најчесто се вадат за патување и бизнис интереси? Кога довчерашна бизнисменка, денес е министерка, ќе биде објавено дека се декларирала дека има бугарска самосвест, дали премиерот треба да ја разреши? Дали и колку судскиот Совет и Советот на обвинители се главни генератори на ниската доверба во македонскиот правосуден систем? Во каква состојба ја наоѓаат земјава кога младите уметници, режисери се враќаат од западните земји?
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, Дарко Аврамовски од Коалицијата за правично судење и режисерката Ана Јакимска се соговорници на Горазд Чомовски во новото издание на магазинот „Трилинг“.
Недела во која Брисел го испорача новиот извештај за Северна Македонија за напредокот на државата и речиси вообичаено истите пораки – неопходност од спроведување на уставните промени и реформи во правосудниот систем.
На овие и други теми разговаравме со поранешниот македонски премиер, Љубчо Георгиевски.
„Мислам дека сето тоа ни беше јасно и претходно, меѓутоа некои кругови од страна на владата, некои министри кажуваа дека, еве се разговара со ЕУ, ќе има ново репреговарање на условите, иако сето тоа изгледа како илузија. Со најновиот извештај мислам дека на секој му стана јасно. За жал, претходно со одделувањето со Албанија, некако Македонија како да остана во слепа улица и покрај тоа што имаше малку некоја атмосфера дека можеби ќе има ново преговарање.
-Денеска е јасно дека условот е тој. Ако добро разбрав ЕУ бара и Словенците да ги додадеме во Уставот. Значи ако претходно имаше пет или шест етноси кои треба да ги внесеме во Уставот, сега има плус. Нема трагедија во тоа. Откако излезе тој проблем, постојано сум кажувал, трагедијата ја правиме самите ние, нема драма во целата приказна. Драмата сами ние ја правиме. Патот на Македонија кон ЕУ никогаш не бил идеален, меѓутоа, но овој пат чувствувам една тотална закоченост, тотално наоѓање во слепа улица и што е најлошо не гледам простор за оптимизам. Мислам дека тука самите ние си го рпавиме проблемот“ ,изјави Георгиевски на прашањето дали пораката од Брисел за неопходноста од уставни промени Мицкоски треба да ја сфати како отрезнувачка и дека не треба веќе да се губи време и конечно да се спроведат потребните уставни промени и внесување на Бугарите во Преамбулата.
„Оваа Влада вика вака не може, вака не прифаќаме. Треба да ни кажат како може. На крајот на краиштата, луѓето гласале за нив толку убедливо, затоа што верувале дека можат да направат ннешто што другите не го направиле. Јас не гледам дека ние од оваа ситуација, начинот на кој владата ја води цела оваа проблематика, сметам дека ќе излеземе брзо, освен ако не направат, не најдат храброст и да направат брз преокрет, како што го направивме со Грците. Сметам дека има простор за брза промена на политиката, затоа што навистина во приказната нема трагедија“, додава Георгиевски и вели дека го изненадува што во Македонија се пласираат две тези.
„Прво, што ќе ни е ЕУ, а втората теза е во круговите на ВМРО, дека што и да направиме, ние во наредните четири години нема да влеземе во Унијата. Да, но тука има два одговори. За таа теза што си ја шират внатре во владејачката структура, сакам да потсетам дека во изминативе 33 години независност и сувереност, секој премиер и секоја Влада, правеле нешто за да направат еден чекор кон ЕУ. Ние кога дојдовме на власт, ЕУ имаше став Западен Балкан воопшто да не влегува во ЕУ. Тој пробив го направивме ние, имавме среќа со НАТО бомбардирањето на Милошевиќ и одеднаш Еу рече ја менуваме политиката, од утре Западен алкан ќе преговара за влез во Унијата. И Македонија прва го стави потписот и прва направи договор за стабилизација и асоцијација со Европската унија. Ние кога го направивме тој ќекор, не мислевме дека за идните четири години ќе влеземе во ЕУ. Знаевме дека влегувањето ќе биде после 20 години. Но сме направиле еден чекор и мислам дека сите влади до сега проваеа некој таков чекор. И одеднаш сега ние имаме кочница на патот.
-Околу првата теза, што ќе ни е ЕУ, ќе ви кажам неколку примери. Актуелната Влада позајмува 500 милиони евра и сега ги дели на општините. Неодамна, читав еден хрватски портал, точно во исто време кога ние го земавме кредитот, ЕУ донесе заклучок дека на хрватските општини ќе им бидат доделени 600 милиони евра грантови за проекти на општините. Значи каде е разликата? Овде ние земаме кредит за да им дадеме пари на општините, во земјите на ЕУ добиваат грантови, многу поголеми од тие што можеме да земеме како кредит. Ние земаме кредити за да правиме железници, автопатишта, во ЕУ земаат грантови за да ги прават истите тие патишта. Нашите земјоделци конкурираат за субвенции во владата, земјоделците во ЕУ конкурираат во Брисел и тоа пет пати поголеми суми добиваат. Ако треба на некој се уште да му се објаснува во Македонија што е тоа да бидеш членка на ЕУ, имаме работа со една погрешна ориентација на македонскиот граѓанин, смета Георгиевски.
„Во светот на политиката се може да се преговара. Но мене стилот што го наметнуваат македонските политичари – на ароганција, понижување, не ми личи дека тој од другата страна ќе го одобровилиш да репреговара нешто. Ние имаме ситуација каде бугарската политика до ветото беше многу агресивна, патреналистичка према Македонија. Сега гледаме дека они се релативно смирени, а ние сега, од наша страна, продаваме нарцисоидност, агресивност, па дури и безобразлук, вели Георгиевски додава дека има едно едноставно правило: Тој што го молиш, не му мати.
„Значи ако сакаш да да репреговараш нешто, не се репреговара за да собираш поени во Македонија, туку се репреговара тивко“.
Аврамовски: Состојбите во судството претставуваат сериозен безбедносен проблем
„Интересно е доколку ги прочитатеваквите извештаи, укажувања повеќе години наназад, ќе забележите дека има повторување на многу од работите. Вообичаено се нотираат некои нови чекори напред, како што е усогласување на законодавтсвото со европското, донесување на некои закони коишто биле проблематични и претходно, но факт е дека сите оние недостатоци на системот се во суштина истите. Ние немаме практична имплементација на тоа што го имаме ставено на хартија во законите, изјави Аврамовски на прашањето колку сугестиите, оценките и проценките на Брисел ја одсликуваат реалната состојба во македонскиот правосуден систем.
Во поглед на правосудството ЕК изразува загриженост за најавите на актуелната владејачка гарнитура за распуштање на судскиот Совет и Советот на обвинители. Дали поваквите оценки на Брисел всушност Владата и пред се премиерот Мицкоски, би се откажал од најавената намера да ги распушти овие тела и дали е тоа решение, Аврамовски вели дека незнае дали би се откажале, меѓутоа факт е дека долго време се зборува за распуштање на овие тела.
„Но освен вака декларативно и начелно кажување на определени ставови, не сме виделе никаков конкретен план, програма и стратегија како би се спровело тоа. Од друга страна, како што имам истакнато многу пати, би било многу проблематично доколку извршната и законодавната власт успее да прекине мандатот на членови на тела коишто се избрани од страна на судската власт. Ќе има сериозен дисбаланс и сериозна надмоќ од страна на извршната или законодавната власт врз судството што впрочем и ни е главниот проблем кога ја констатираме онаа недоверба во судскиот систем. Тоа токму заради тоа што граѓаните имааат перцепција дека судството не одлучува самостојно, туку дека е под некаков притисок од страна на политиката.
– Судскиот Совет и Советот на обвинители се меѓу главните генератори на ваквата недоверба и за жал се меѓу главните на повеќето проблеми со коишто се соочуваме во пракса. Можеме да забележиме дека постојано кога има некои големи, крупни скандали постојано тие се поврзани на еден или на друг начин со судскиот Совет или со Советот на јавните обвинители, посредно или непосредно и Академијата за судии и за јавни обвинители, додава Аврамовски.
Режисерката Јакимска: Уметноста е огледало на реалноста
„Јас благодарение на стипендијата имав прилика во 2022 година да се преселам во Лондон и да се запишам на едногодишни мастер студии, конкретно по режирање фикција. Тоа беше фантастична прилика за мене, затоа што можев да се посветам на совладување нови алатки, нови пристапи на изразување на екранот, да работам со луѓе што доаѓаат од различни позадини, од цел свет. Филмот „Полноќен воз“ се уште не снимен, реализиран, тоа е само сценарио за долгометражен филм коешто го развивав и го завршив.
-Инспирацијата за филмот „Нема духови во туѓина“, ми дојде од комуницирањето со луѓето кои доаѓаат од различни страни на светот и особено кога зборуваш за некоја приказна којашто е македонска, којашто доаѓа од култура којашто е на светската сцена мала, не доволно претставена, за тоа како зборуваме за нашите приказни, како ги раскажуваме пред светот, како ги претставуваме, како ја отвораме цела оваа култура и ова место на картата што во голема мера им е непознато на луѓето.
-Сфатив дека има една многу важна глобална перспектива во тоа како ние ги претставуваме нашите приказни од овде и која е тежината што ние ја носиме како раскажувачи. Дали нешто заработуваме, дали ги искористуваме тие егзотични стереотипи и призвуци коишто доаѓаат секогаш со источната култура на екранот или правиме нешто за да се бориме против тие стереотипи, вели Јакимска и додава дека одговорноста е многу важно прашање во се што правиме.
„Секогаш мора сме свесни за тој динамичен, општествен и политички контекст околу нас. Која е нашата улога? Што и да правиме ние, не го правиме тоа во вакуум. Секогаш има некои последици и тоа во уметноста некогаш е занемарено, но мислам дека е исклучително важно, затоа што уметноста е сепак огледало на реалноста.
-Тоа што го правиме ние можеби не може да го промени светот или нема таков капацитет, таква моќ за да направи инстатно некоја промена, но многу е важно што ние го ставаме на екранот тоа што од нас излегува како приказна. Така што апсолутно имаме одговорност“, потенцира Јакимска.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски можете да го погледнете во видеото.