
(ВИДЕО) Трилинг: Како да се спречи економско-финансискиот и демографски колапс
➡Во „Трилинг“ разговаравме со Антони Пешев, извршен директор на Стопанска комора на Македонија, д-р Дејан Станков директор на Државен завод за статистика и проф. Христина Спасевска, поранешна проректорка на УКИМ.
Во „Трилинг“ разговаравме со Антони Пешев, извршен директор на Стопанска комора на Македонија, д-р Дејан Станков директор на Државен завод за статистика и проф. Христина Спасевска, поранешна проректорка на УКИМ.

„Мислам дека ако некој има одговор на ова прашање, тој навистина е многу паметен и многу богат човек“, изјави за „Трилинг“, Антони Пешев, извршен директор на Стопанска комора на Македонија, прашан за енергетскиот шок, безбедносните предизвици, финансиските неизвесности и за што Македонија не е подготвена.
„Светот не поминал низ ваков тип на криза која е комбинација од сите оние кризи кои во изминативе десетина години светот ги помина. Значи имавме енергетска криза, имавме финансиска криза, имавме Корона криза во која беа застанати токовите и ланците на снабдување. Оваа криза помалку наликува на се комбинирано, вели Пешев и додава дека ако гледаме по цената на нафтата во светот, психолошката бариера од 115 долари за суровата нафта е пробиена.
-Тоа значи дека, ако оцениме по цената на нафтата, може да имаме сериозна енергетска криза, дури и поголема од онаа која ја имавме пред три-четири години.
Прашан дали како бизнисмен и извршен директор на Стопанската комора на Македонија насетува дека ни следува инфлаторен шок, Пешев смета дека клучната ситуација во овој момент треба да се анализира врз база на тоа колку навистина сериозно ќе ја сфатиме оваа ситуација, и колку ќе почнеме да делуваме „кризно“.
„Знам дека на најголем дел од луѓето им се чини дека војната е далеку и дека тоа нема да ја „заплесне“ Македонија, дека ние сме далеку од дометот на нај далекуметните ракети од Иран, дека како членка на НАТО легнавме на чувството дека имаме безбедносен штит, меѓутоа сето она што се случува е надвор од сите можни сценарија што претходно биле анализирани. Значи и безбедносно и секако, Македонија ќе има сериозни предизвици и се очекува да имаме период на носење на многу мудри одлуки, и да се подготвуваме за сите можни сценарија“, вели Пешев.

Осврнувајќи се на тоа дали недоволно сериозно ги проценуваме можните економско финансиски, па и безбедносни импликации од оваа криза, Пешев вели дека ако следите вести загрижувачки тонови нема, како да кризата ќе биде краткотрајна и дека со некои мерки го ублажуваме шокот.
„Вистина е дека со мерките што ги донесе владата, а тие се со лимитиран временски период заради намалувањето на ДДВ-то, и сите оние притисоци што се прават цената на горивата да биде што е можно пониско, се стекнува впечаток дека кризата се менаџира, се третира правилно. Меѓутоа факт е дека две недели ќе поминат многу брзо. ДДВ-то ќе мора да се врати или ќе мора да се воведуваат нови мерки, вели Пешев.

Околу тоа како реагираат претприемачите, бизнис заедницата во вакви воени околности, извршниот директор на Стопанска комора на Македонија вели дека како и секогаш бизнисот е повнимателен од тоа што се мисли.
„Сега се е ставено во фаза на анализа и мирување. Бизнисот се движи во траекторија во која не создава поголеми трошоци од тоа што е потребно. Дефинитивно не се инвестира. Дефинитивно секоја компанија си ги пресметува роковите во кои може да го издржи овој тип на притисок, имајќи предвид дека инфлацијата не се одразува само на финалната потрошувачка кај граѓаните, туку инфлацијата се одразува на сите елементи, вклучително и репроматеријалите кои се основа на производството на поедини сегменти на економијата“, смета Пешев.
Прашан дали може да ни се случи да се преслика онаа состојба од времето на Ковид пандемијата, кога фирмите одлучија да направат и своевидно затворање на погоните на одреден период, вработените да ги пуштаат од дома да работат, а се со цел заштеда, Пешев цели дека кај нас во овој момент такви индиции за македонските компании нема, но затоа некои од странските инвеститори тоа го направија.

„Ние минатата година, имајќи предвид сето она што се случуваше првенствено со украинската криза, а полека со економското паѓање на Европа кој е нашиот стратешки партнер, компаниите почнаа да си ги пресметуваат причините зошто се наоѓаат во Македонија и колку треба да останат тука. Ние објективно имаме пад на бројот на вработени во индустриските зони. Можеби тоа директно не се одразува на профитабилноста на зоните, меѓутоа индиректно, намалувањето на бројот на вработени, затворањето на една-две странски инвестиции и ако застане на ова ниво е во ред, но ако продолжи тој тренд ќе имаме намалување на бројот на вработени во индустриските зони, и покрај тоа што во овој момент многу популарно е да се напаѓаат индустриските зони заради нивната привилегирана позиција, сепак делот на нивната контрибуција во платите на вработените ќе се одрази – плаќањето во здравствениот и пензискиот Фонд ќе се намали. Слушнавме и од министерката за финансии дека има потфрлања во делот на контрибуциите спрема фондовите. Тоа е загрижувачки, вели Пешев.

„Државниот завод за Статистика (ДЗС) редовно прави процени на населението врз основа на податоците од последниот попис и редовните ажурирања коишто се прават врз основа на виталните статистики и статистиките за миграции. Па така согласно последната состојба од 1-ви јануари 2025-та година, бројот на население е 1.822.612 илјади лица, при што морам да нагласам дека во периодот помеѓу двата пописа на население, сме изгубиле околу 9,2% од населението. Природниот прираст во тој период од дваесетина години е позитивен и доколку го додадеме тој природен прираст нашата загуба на население како резултат на сите оние случувања кои се случуваат во изминативе триесетина години е околу 230.000 лица. Во моментов во рамки на проектот за воспоставување на статистички регистар на население, работиме една нова метода за процена на населението врз основа на т.н знаци на живот, врз основа на административните извори, затоа што нашата цел е како статистика во иднина да воспоставиме статистички систем базиран на регистри, вклучително и кај статистиките на населението“, изјави во „Трилинг“ директорот на Државниот завод за статистика, д-р Дејан Станков.

Прашан на што се должи демографскиот колапс, Станков вели дека за жал, стапката на наталитет опаѓа низ годините.
„Од околу 17% во 1991 година, сега веќе е сведена на 8,8%. Во меѓувреме и морталитетот се зголемува, изнесува 11,1%. Така што како резултат на овој дисбаланс, на оваа разлика помеѓу родени и умрени лица, од 2019-та година имаме негативен природен прираст. Официјално можам да кажам дека на некој начин од 2019-та година државата е влезена во демографска криза, затоа што прв пат се јавува овој негативен природен прираст“, додава Станков.
Околу прогнозата во која што се вели дека во 2070 година во државата ќе живеат само околу полови милион резидентно население, Станков вели дека има различни сценарија коишто се направени при подготовката на проекциите на населението.
„Не. Мислам дека околу 1,2 милиони резидентно население би имало, согласно различните сценарија коишто се направени при подготовката на проекциите на населението. Има три сценарија, зависно од стапките на фертилитет, на миграција и тн., но точно е дека е загрижувачки тој тренд и затоа сметам дека е многу соодветно што навремено сега владата ја подигнува оваа тема како приоритетна и многу често се зборува за демографската криза, којашто де факто нас ни се случува неколку години, а кулминираше во 2019-та година, а е резултат на сите оние процеси од 1991-та па наваму, од процесот на транзиција и се она што се случуваше во државата и истовремено е резултат на она иселување на населението коешто се случуваше изминативе 30 години.
-Согласно проекциите на населението, бројките се тие, нема простор за оптимизам. Ова е еден од најсериозните, долгорочни, проблеми за државата, вели Станков.

Анализирајќи го податокот, дека иако Македонија важи за релативно сиромашна држава, а од друга страна има вишок на изградба на згради и продажба на станови, Станков вели дека постојат повеќе причини.
„Фактот дека сме во една глобална неизвесност, населението и компаниите сакаат да ги вложат своите средства во едни стабилни и сигурни инвестиции, а во услови кога кај нас нема развиен пазар на пари и капитал, поголем дел од населението вложувањето во недвижности го смета за сигурна инвестиција. Така што сметам дека овој дисбаланс којшто е создаден во рамки на нашата развиеност како пазар на пари и капитал и пазарот на недвижности, придонесува да имаме раст на овој сектор на недвижности. Како како држава ќе се развиваме, ќе ги развиваме нашите пазари на пари и на капитал, така и притисоците врз пазарот на недвижности ќе се намалуваат, вели Станков.

„Младите се решаваат да пробаат да најдат добра работа во странство, затоа што најверојатно, кај нас нема спрега помеѓу универзитетите и компаниите, односно компаниите веднаш да ги привлечат и ги земат овие млади студенти. Природно е секоја компанија да бара профит. Природно е тие да бараат веќе добро обучени, практично обучени кадри, со вештини и со знаење, а од друга страна универзитетите со своето формално образование немаат доволно практична работа, која би ги профилирала тие кадри уште на универзитетот. И она што е исто многу битно, значи тука не се во прашање само компаниите, ние како држава немаме механизми да младите инженери кои ќе излезат од нашите универзитетски клупи, веднаш да започнат свои бизниси и свои компании. А за да се работи старт-ап компанија, спин-оф компанија, во овие модели секогаш за поддршка мора да биде вклучена и државата, за веднаш по завршувањето на студиите тие да започнат свој бизнис“, изјави во „Трилинг“ проф. Христина Спасевска, поранешна проректорка на УКИМ.

Околу загрижувачките информации кои покажуваат дека се намалува бројот на студенти на градежните факултети, а Македонија во моментов гради три автопати со околу 3 милијарди евра инвестиции и дали тоа не е предизвик за фирмите и студентите, проф. Спасевска вели дека новите генерации на млади студенти сакаат веднаш по завршувањето на студиите да имаат добра работа и да имаат голема плата.
-Јас не сум сигурна колку во градежниот сектор, во овој момент, еден млад инженер може да има примања. Исто така да не заборавиме дека ова е периодот од животот на еден млад човек кога тој треба економски да се осамостои и секако да планира да формира семејство. Се уште мислам дека градежните компании не се подготвени да дадат реални примања на млади инженери без искуство. И мислам дека тој тренд ќе потрае се додека не се надмине таа ситуација“, вели Спасевска.

Говорејќи за предлог законот за високо образование, професорката смета дека многу често ги менуваме законите за високо образование, и тоа не од сега, туку долги години наназад.
„Јас се надевам дека сите забелешки, или повеќето од нив се имплементирани, затоа што знаете дека имаше навистина бурна расправа околу законот. Мислам дека пререгулираноста на било кој закон за високо образование, смета на развојот на академијата, на академската фела и воопшто на образованието и на науката, вели Спасевска.

Прашана за тоа како да се спречи трендот на „brain drain“, проф. Спасевска вели дека се потребни реални конкретни акциски планови за тоа да се спречи.
„Значи не можеме ние да градиме ставови, механизми за да стопираме младите да одат во странство само со говори и со политики кои не се применуваат. Значи мора да имаме реални акциски планови како да ги задржиме“, изјави проф. Христина Спасевска, поранешна проректорка на УКИМ.
Погледнете го новото издание на магазинот „Трилинг“.