
(ВИДЕО) Трилинг: Каде се парите? Може ли да се излечат лузните од кочанската трагедијата и кој владее со светот?
Во магазинот „Трилинг“ разговаравме со филмската и театарска актерка Наталија Теодосиева, Фатмир Битиќи пратеник и поранешен вицепремиер, Лилјана Јоноски извршна директорка на Рурална Коалиција, како и со Рик Берман член на Обединетатa Голема Ложа на Англија и Пол Енегхам, Офицер за меѓународни односи на Обединетата голема ложа на Англија. Во рубриката „Знаење што менува" поддржана од Семос Едукација анализа на Марко Серафимовски сениор директор во Семос Едукација.
Во новото издание на магазинот „Трилинг“ разговаравме со филмската и театарска актерка Наталија Теодосиева, Фатмир Битиќи пратеник и поранешен вицепремиер, Лилјана Јоноски извршна директорка на Рурална Коалиција, како и со Рик Берман член на Обединетатa Голема Ложа на Англија и Пол Енегхам, Офицер за меѓународни односи на Обединетата голема ложа на Англија. Во рубриката „Знаење што менува” поддржана од Семос Едукација анализа на Марко Серафимовски сениор директор во Семос Едукација.

„Првата асоцијација за Кочани ми е ориз. Но за жал не е веќе оризот или дека Кочани е мојот дом. Денес е катастрофата и пожарот што се случи во годинава. Таа среќа или несреќа му се падна на Кочани, а тоа можеше да се случи било каде во оваа држава. Младите кои живеат во Кочани, излегуваат таму, познато е дека градот имал многу добар ноќен живот, многу добри рејв журки, културен живот, театарски претстави, театарски фестивали и тн. и самиот град е жив сам по себе. Луѓето кои живеат таму сакаат да излегуваат и до ден денес кога ќе отидете во Кочани, сите кафиќи и такви локални места се полни. Така што ако некогаш барам некакво објаснување зошто баш во Кочани, си реков можеби затоа што многу сакаме да се забавуваме. Меѓутоа не е тоа одговорот. Одговорот е невниманието, негрижата и корупцијата која веќе со години владее во нашата држава и во нашиот трул систем“, вели за магазинот „Трилинг“, филмската и театарска актерка Наталија Теодосиева, говорејќи за трагедијата која ја потресе Македонија.
-Имам неколку другари кои починаа. Починаа спасувајќи други деца и верувајте дека тоа е првата помисла кога ќе влезам во Кочани. Често одам таму и дискотеката беше на самиот влез на градот. Секогаш кога поминувам од таму ги замислувам нивните ликови и како успевале да се справат со тоа, како го изгубиле животот, како се задушиле, кого спасиле. После тоа се замислувам себе си како јас сум таму, дали ќе се спасам или не. Секој друг кочанчанец истото би ви го одговорил. Ние пораснавме со таа дискотека. Таа постоеше некаде 15 години, јас работев таму кога бев помала, од самиот ден сум била во таа дискотека, така што без разлика дали имаме близок роднина, пријател другар кој е загинат или повреден, сите го чувствуваме тоа, затоа што сите можевме да бидеме на тоа место“, вели Теодосиева и додава дека по природа е оптимистичен човек и многу и е жал што се повеќе се чини дека живееме во некаков дистописки филм.
„Пред очи ни се случуваат трагедии од вакви размери. Буквално мирисот го осетивме на пожарот и на тие изгорени тела во таа дискотека. Буквално го осетивме“, вели Теодосиева.

„Бев многу амбициозна кога бев студентка и кога завршив. Мислев дека светот ми припаѓа на мене и дека се треба да работам и дека морам да работам. Ми се случуваа проекти, но и не ми се случуваа проекти, меѓутоа добро се снаоѓав со нив. Имав прекрасна соработка со Унковски – три проекти кои одговорно тврдам дека ме имаат оформено како актерка. Тоа искуство не би го заменила со ништо. Така што мислам дека почетоците ми беа доста плодни и креативни и шаренолики. Кога ќе кажам шаренолики мислам на тоа дека работев во повеќе театри, а не се вработив брзо. Јас се вработив пред три години. Тоа што долго време работев во различни театри, со различни ансамбли исто така ме оформи да бидам денес тоа што сум, да ги гледам работите малку поразлично и да сакам да работам нови работи и нови форми“, вели Теодосиева за нејзините почетоци како актерка.

Прашана дали културата е на маргините, Теодосиева вели дека последните три години дури и малце бега од маргините.
„Како да избледува. Не се инвестира доволно во културата, не се инвестира доволно во македонски автори, во драматурзи, писатели. Генерално македонскиот филм зависи од македонската филмска агенција која влече финансии од Министерство за култура. Значи се зависи од државниот буџет и еден од проблемите, односно пречките е тоа што сите чекаат од државниот буџет. Кај нас сѐ уште се нема развиено онаа продукција која сама се финансира и сама си ги враќа парите. Така што сите чекаме од државата, а таа не нуди многу голем буџет“, вели Теодосиева.
„Ме прави среќна љубов. Ме прават среќна среќни луѓе. Кога ќе видам среќен човек и јас сум среќна. Ме прави среќна правда и ме прави среќна кога ќе добијам нешто што го заслужив само затоа што јас сум јас и сум го заслужила тоа.
-Неправдата и лагите ме вадат од такт. И непотизмот. Дупките ме иритираат. Како сакате сфатете ги – дупките на улица, дупките на тротоар, дупките во системот, дупките во душата, дупките во луѓето. Многу често гледам несреќни луѓе на улица. Сакам да одам пешки и луѓето со кои се разминувам се тажни и разочарани. Тоа е затоа што живеат во општество кое ги тера да бидат исплашени, да се плашат од комшијата, да се плашат од системот, да се плашат од болести, да се плашат ако отидат во болница дека не можат да се излечат и тн. Се плашат дека не можат да си ги вратат кредитите кои ги извадиле за некои елементарни работи“, вели Теодосиева.
За тоа колку денес се слуша гласот на уметниците, актерката се прашува дали воопшто некогаш се слушал.
„Додека јас сум овде и творам не мислам дека се слуша. Ние си мислиме дека се слуша и некои луѓе ни даваат простор и само не залажуваат дека нашиот глас се слуша. Мислам дека најмалку се слуша гласот на уметниците. Се слуша гласот на политичарите. Тоа многу ме иритира. Не мислам дека јас како уметник можам да кажам нешто што некој до сега не го кажал и дека јас ќе ја поправам државата, меѓутоа моето искуство, јас со тоа што се бавам, со емпатијата, со емоциите и со проблемите на некои карактери и луѓе, можат да допрат и тоа како до некого. Има некои луѓе кои не почитуваат, доаѓаат во театар, ги гледаат нашите филмови, веруваат во нас и можеби тие луѓе кога ќе не видат на други платформи исто така ќе веруваат во нас и можеби ќе поправиме нешто. Секој карактер кој го износувам на сцена има порака, има нешто да каже и има луѓе кои го слушаат тоа“, смета Теодосиева.

„Корупцијата е системски проблем, не е само личен проблем на одредени луѓе, но бидејќи они дојдоа на власт со укажување дека ќе докажат, смета дека многу брзо тоа треба да го направат и мислам дека најдобар доказ за тоа би било кога Кривичниот законик, согласно и Извештајот на ЕК, треба да биде променет. Казнивоста да биде соодветно на тие коишто постапуваат спротивно на вредностите за коишто сите сме полни со укажувања“, вели Битиќи.
„Јас не сум многу запознаен со случајот и на вклучените страни. Знам само дека нерешавањето и одолговлекувањето ќе направи уште посериозен проблем во општеството, особено во секторот на земјоделие, кај одредени луѓе коишто се занимаваат и веќе имаат договорни обврски. Штетата ќе биде повеќекратна од тоа што го слушаме во овој момент. Можно е и Европската Унија целосно да го раскине договорот“, вели Битиќи прашан за тоа каква разврска очекува во случајот со ИПАРД фондовите.
Говорејќи за тоа дека мината година веднаш по поразот на парламентарните избори си поднесе оставка од потпретседателската позиција во СДСМ и дали смета дека актуелното раководство треба да го следи неговиот чекор, Битиќи вели дека тие што го знаат, знаат дека тој секогаш се води од лична одговорност.
„Јас во тој момент почувствував лична и морална одговорност и поднесов оставка од позицијата на потпретседател. Јас сметам дека секој, особено затоа што СДСМ било познато и е познато да во нејзе учествуваат луѓе кои што се со високо интелектуално мнение, високи морални вредности, веруваат во вредностите на социјалдемократијата и во принципите на владеење, да они, секој од нив сам одлучи неодложно дали има одредена одговорност во резултатот којшто е на локалните избори. Јас велам дека не секогаш треба да го вперуваме прстот на колективните органи на управувањето. Можеби во колективните органи на управување не сите подеднакво се одговорни за одредените резултати“, вели Битиќи.

На прашањето дали постои судир помеѓу сегашното раководство на СДСМ и пратеничката група, Битиќи вели дека судир не постои, но има некогаш несогласување околу ставови.
„Јас сум еден тие кој што знае понекогаш да бидам гласноговорник на несогласувањето и сметам дека тоа е убавината на политичката партија СДСМ, но секогаш после разговори сме нашле заеднички јазик за да ги претставам интересите на, во случајов политичката партија, и на вредностите кои ги носиме.
-Поразот на парламентарните избори можеби се должи на внатрешната недоволна организираност, занемарување на идеолошката матрица на партијата и вредностите во партијата, земање на тоа што не е својствено на СДСМ, а тоа е станување на партија која што е повеќе клиентелистичка наспроти вредносна партија.
-За локалните избори се зависи какви беа очекувањата. Јас го очекував овој резултат. Некоја внатрешна желба беше да имаме еден глас повеќе од парламентарните избори. Но земајќи го предвид малиот одзив на гласањето беше за очекување дека ќе имаме ваков резултат. Кога овој резултат би се повторил на парламентарни избори сметам дека е навистина за загрижување и затоа сметам дека ова е конечниот момент на сериозни концепциски промени во партијата ако сакаме навистина СДСМ полека да се врати таму каде што и е местото, а тоа е да владее со државата, оти очигледно дека капацитетот на владеење со државата пости таму.
-Јас сметам дека реформи мора да има. Реформите не вклучуваат само име и презиме, туку реформите вклучуваат целосно внатрешно реконфигурирање на начинот како функционира“, смета Битиќи.

„Она што се случи за жал внесува одредена неизвесност во целиот овој процес, со оглед на тоа што сепак станува збор најпрво за европски пари. Ние сѐ уште немаме јасна слика до каде сето ова ќе оди, односно дали истрагата и она што ќе се случува во наредниот период ќе остане само на национално ниво, дали Европската комисија ќе преземе посебни други мерки, дали тука ќе се вклучи ОЛАФ агенцијата каде што би се правела посебна независна финансиска истрага која што би траела обично од две до три години, што уште повеќе на долг рок ја зголемува неизвесноста кај земјоделците“, вели за магазинот „Трилинг“, Лилјана Јоноски извршна директорка на Рурална Коалиција, околу тоа во каква состојба се сега земјоделците, по последниот скандал со ИПАРД фондовите.
„Ова е состојба којашто со години наназад се провлекува. Ако ме прашувате кои во моментов се најзагрозени, според она што имавме можност да го слушнеме според официјалното известување на Министерството за финансии, би рекла дека можеби најзагрозени се тие чиишто договори се веќе завршени и чиишто инвестиции се веќе реализирани. Според она што беше кажано од страна на Министерството за финансии е дека тој износ е околу 400 000 евра и најзагрозени во моментов се можеби оние коишто веќе аплицирале, веќе нивните барања се во процес на обработка. Според Министерството за финансии тие се некаде дури околу 20 милиони евра коишто ќе бидат ставени под знак прашалник. Така да можеби ги има сите мерки, и од мерката 1 и од мерката 3 и од мерката 7. Сите овие мерки се однесуваат на различни аспекти од земјоделскиот развој, од руралниот развој. Мерката 1 ние конкретно на модернизацијата во земјоделското стопанство. Најмногу имаме тука апликации и тука директно ќе бидат погодени индивидуалните пред сѐ земјоделци и семејните земјоделски стопанства, затоа што тие оттука и најмногу влечат средства“, вели Јоноски.

Околу тоа дали постои опасност некои или дел од земјоделците финансиски да заглават после ваквата одлука од Брисел, Јоноски вели дека нејзин впечаток познавајќи ги состојбите во земјоделството повеќе од 17 години е дека нема некоја таква опасност со оглед на тоа што станува збор за договор којшто државата го потпишува со ЕУ, со ЕК.
„Има одредени правила под коишто тој договор се спроведува и мислам дека крајното би било сепак овие трошоци, доколку се случи да дојде до некаква негативна одлука, она што досега е договорено е завршено и истото ќе мора и да биде исплатено, со тоа што претпоставувам би се користеле наши средства“, вели Јоноски.
Говорејќи дали се точни некои информации дека многу често средства од ИПАРД завршуваат во погрешни џебови, Јоноски вели дека имало доста индиции и доста се говори за тоа дека има такви примери, но тоа сепак не е докажано.
„Можеби и затоа и една од забелешките во последниот Извештај на ЕК е дека отсуствува тој елемент на мониторинг, отсуствува поголема застапеност на мерки коишто ќе бидат насочени кон борба против корупцијата, токму во овој елемент во делот на исплатите, каде истите завршуваат, затоа што и во делот на мониторинг којшто во моментов се спроведува, не се спроведува на сите средства коишто се доделуваат, туку се спроведува на сосема мал елемент, дали се тоа 5 до 10% коишто ад хок или по одредено време се врши проверка на инвестицијата и дали истата завршила во правилните раце. Можеби заради ова е дојдено до некој ваков момент, па самата истрага ќе покаже и некои други недостатоци коишто биле присутни во текот на годините кога станува збор за користењето на ИПАРД средствата и ќе може ваквите елементи да се докажат дека навистина биле или не биле такви“, смета Јоноски.

По повод трите значајни јубилеи – 20 години од консеграцијата на Големата ложа на Македонија, 25 години од основањето на Ложа Скопје и 30 години слободно ѕидарство во Македонија. Големата ложа на Македонија беше домаќин на повеќе 20 делегации од различни Големи ложи од целиот свет. Присуство на бројни големи мајстори и големи Офицери. од Европа, Америка, Африка и Азија.
Во „Трилинг“ за улогата, влијанието во општественото и политичко делување искажувања на едни од главните масони во Велика Британија – Пол Енегхам, Офицер за меѓународни односи на Обединетата голема ложа на Англија, како и Рик Берман, теоретичар на слободното ѕидарство, автор на шест публикации и член на Обединетата Голема Ложа на Англија.

„Би се вратил на првите принципи од кои потекнува модерното масонство. Oд период во англиската историја кога излеговме од војна што ги подели луѓето во Европа, на политичка и религиозна основа. Масонството е збир на морални принципи што не зависат од одредена религија, туку ги обединува сите луѓе за кои сметаме дека се добри и се обидува да ги направи подобри преку едукација за своите начела“, вели Пол Енегхам, Офицер за меѓународни односи на Обединетата голема ложа на Англија.
На прашањето дали може да кажеме дека масоните се тајна организација, Енегхам вели:
-Никако, во никој случај. Мислам дека отвореноста е многу важен дел од модерното масонство. За жал, имало периоди во Европа кога во Германија, Италија и Шпанија, ако си бил масон, те прогонувале како непријател на државата. Тоа е затоа што станува збор за диктатури, а масонството верува во демократија, во слобода на говор, во важноста на поединецот, што е закана за оние кои се диктаторски настроени, било во црквата или во државата. Всушност, враќајќи се на нашите први принципи, тоа било бегство од апсолутната власт на државата и црквата. Па, понекогаш сме биле принудени да молчиме, зашто инаку државата ќе нè прогонувала, но денес е важно да бидеме целосно отворени.
-Единственото што го задржуваме, уште од средновековните времиња кога масоните требало да се идентификуваат меѓу себе, во ложата, но само во ложата, се одредени знаци со помош на кои се препознаваме.

„Јас сум доктор по историја, а мојата специјализација, односно темата на мојата теза беше Англија во 18 век и особено нејзините врски со масонството. Јас сум масон веќе 40 години и многу уживам во тоа“, вели Рик Берман, теоретичар на слободното ѕидарство, автор на шест публикации и член на Обединетата Голема Ложа на Англија.
-Па, не сум сигурен дека постои таен свет на масоните и не сум сосема сигурен дека масонството е најстарата братска организација во светот, иако е веројатно една од најстарите. Масонството започнало на почетокот на 18 век како организација што ги промовирала и мислам дека на некој начин ги забрзала идеите на Просветителството.
Тоа се идеи за верска толеранција, уставна влада, меритократија, образование и само подобрување, а овие идеи во раниот 18 век биле целосно радикални. Тие биле пионерски идеи. Тие биле поврзани со луѓе како Сер Исак Њутн, Џон Лок, луѓе кои биле на челото на промените на општеството, не само во Англија, туку со текот на времето и во цела Европа и масонството во 18 век било исклучително популарно и во тој смисол моќно затоа што луѓето сакале да станат масони и да ги споделат овие вредности и да ги промовираат, вели Берман.

Во време кога дигиталната трансформација е клучна за секој бизнис, најсилната алатка што ја имаме е знаењето. А кога зборуваме за продуктивност, комуникација и ефикасност, зборуваме за Microsoft 365. Марко Серафимовски, сениор директор во Семос Едукација со повеќе од осум години искуство во развојот на IT програми, ќе ни открие зошто М365 не е само сет на апликации туку целосен еко систем што го менува начинот на кој работиме, соработуваме и учиме.
За моќта на знаењето и технологијата што ги поврзува луѓето, во рубриката „Знаење што менува“ со Марко Серафимовски.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.