(Видео) Трилинг: Историски кам бек на Трамп – светските лидери на стенд бај
Колку погрешната надворешна политика може да не одведе до губење на државата? Што ќе значи за Балканот, за Македонија, победата на Трамп. Кои се предизвиците пред новата администрација во секторот рударство и енергетика? Македонија и по три децении самостојна држава и натаму е енергетско зависна. До кога и како?
Доналд Трамп патува кон Белата куќа во Вашингтон. На почетокот од наредната година по втор пат ќе влезе во Овалната сала на претседателот на САД. Во досегашните избори републиканецот пред осум години ја победи Хилари Клинтон. Пред четири загуби од Џо Бајден. Во битката со Камала Харис тој го освои т.н „Народен глас“ – мнозинството од сите Американци, со пет милиони повеќе од својот ривал.
Доналд Трамп е американски милионер што завршил воена академија и дипломирал економија. Трамп е татко на пет деца од три сопруги. Последната, Меланија, има потекло од Словенија. Најави дека доаѓа „златно време“ за Америка. Поворното влегување на Трамп во Белата куќа, светските лидери го оценија како историски најголемиот кам-бек.
Малески: Македонија оди по жилет, не може „трабанти“ да водат политика
„Не би можел да кажам дали во светски рамки ова е најголемиот историски кам-бек. Во секој случај ова е еден од најголемите шокови коишто ги доживеа меѓународното општество на држави, затоа што точно се знаеше кој е Доналд Трамп. Се знаеше за неговиот авторитарен лик, за неговиот американски национализам, за неговите политики, а сепак Американците одлучија повторно да му дадат шанса. Ги следам реакциите во светот. Прочитав еден текст во „Гардијан“, од местото во Шкотска каде што Трамп поседува голф игралишта, каде што соседите велат – Америка полуде. Следев исто и кај нас дебата, пропратена со анкети во кои се јавуваат граѓани и бев исто така прилично шокиран дека иако во Америка јавноста горе-долу се подели на Трамп и на Харис, кај нас во Македонија како да 90% од политичарите, аналитичарите и обичните граѓани се радуваат на фактот дека Трамп се враќа во политиката, вели проф. Малески и додава дека негов став е дека има една среќна околност, а тоа е дека ова е последен пат што Трамп ќе може да се кандидира и ќе треба да се издржат овие четири години кои следуваат.
„Големите сили сега се во процес на едно поинакво нивно позиционирање. Американската ера како единствена голема сила завршува и заради тоа ние сме во една прилично деликатна ситуација, како планета да кажам, да не се судрат тие големи сили и да не дојде до нуклерна катастрофа. Колку успешно ќе се носи Трамп со ова ќе видиме. Но има еден парадокс кој го забележувам, а тоа е дека само еден ваков човек, како што е Трамп, на кому што воопшто не му е гајле за демократија, ниту за меѓународно право, може да одигра некаква позитивна улога и да ја замрзне војната, не да го реши конфликтот и да престанат воените дејствија“ ,вели Малески на прашањето дали со изборот на новиот американски претседател ќе може да се очекуваат нови гео-политички поместувања.
„Многу е веројатно дека битно ќе се променат односите помеѓу Америка и Европа во целина. Трамп овој пат ќе биде поподготвен да се соочи со европските водачи, во смисла дека уште повеќе ќе инсистира на својата политика, а тоа е Европа, европските држави да се грижат за својата безбедност, а се зборува дури и за можност Америка да се повлече од НАТО, што би отворило огромни прашања на европскиот континент околу можноста европските држави, толку поделени, фрагментирани да се договорат за така важна работа како што е нов безбедносен поредок.
Што ќе значи за Балканот, за Македонија, победата на Трамп
„Гледам кај нас се отвори оваа дебата, па се промовира тезата дека новата власт се сретнала со некакви потенцијални идни кандидати за во администрацијата на Трамп преку кои ќе влијаеме за доброто на Македонија. Тоа според мене е прилично плитка анализа.
– Анализата е дека сега европско-американските односи ќе се нарушат и мене ми е просто запрепастувачки кога слушам некои мои помлади колеги коишто не ја разбираат таа ситуација и положбата во којашто ќе се најде Македонија, доколку се промени овој американски став, а имено доколку Европа биде принудена да почне да дебатира за својата безбедност и за своја автономија виза ви овие непредвидливи потези коишто се спомнуваат е крајно непредвидливо што ќе се случи. Горе-долу ако сегашното поведение на еден човек го цениме по неговото претходно поведение, тогаш треба сериозно да се загрижиме. Јас мислам дека уште порадикално ќе настапи Доналд Трамп, сега откога ја запозна подобро таа сфера на високата политика од која целиот живот бил исклучен како бизнисмен.
Погрешна надворешна политика може да не одведе до губење на државата
„Сите се сеќаваме дека 25 години спорот меѓу Македонија и Грција го третираа Американците како билатерален спор. Сите нивни амбасадори велеа – тоа е билатерално прашање кое вие треба да го решите. Во моментот кога под притисок на руското влијание на Балканот, Америка мораше да одговори со збивање на своите редови на Балканот, одеднаш се активира американската дипломатија.
– Изврши притисок на двете земји, најде сојузници во двајца храбри млади политичари, Заев и Ципрас, кои ги поведоа своите партии во таа американска насока и така се издејствува „Преспанскиот договор“. Без тој американски интерес во моментот, кој не постоеше претходно, а се појави во моменти кога почна она што веќе наликува на нова „Студена војна“, во секој случај на еден многу сериозен ривалитет помеѓу големите сили – Русија и САД, проблемот ќе си останеше и до денеска, рече Малески.
„Ние сакаме гаранции…ама уште еднаш да не биде. Амбасадорот на Холандија рече – што ви е Вам, па почнете ги преговорите, терајте разговори со Бугарија да видите да се разберете како луѓе околу минатото и на крајот со тие пари во тој процес направете од Македонија Швајцарија и кажете не сакаме да влеземе, бидејќи Бугарите не уценуваат со историјата. Не! Ова се е ставено во служба на политичкото наддавање, да се заграби власта и да се задржи што е можно повеќе. Заедно со тие „трабанти“ од мојата професија, коишто слабо читаат, слабо знаат, не се просветуваат, туку гледаат само кај се движи политичкиот ветер, од каде дува, дали во прилог на нивната политичка опција, партија или не, и тука доаѓаат со своја поддршка, вели Малески.
Лабудовиќ: „Чебрен“ ни е најстратешки објект, РЕК „Битола“ мора да остане во државна сопственост
Фотоволтаични електрани, појаси за ветерници, достапност за гас на големите потрошувачи. Се почнато, но не е целовито. Во овие предизвици на енергетска зелена транзиција има и една непознаница – како и кога ќе се затворат трите блока на РЕК „Битола“. РЕК „Битола“ е всушност прашање кое долго време тлее. Кои се предизвиците пред новата администрација во секторот рударство и енергетика? Македонија и по три децении самостојна држава и натаму е енергетско зависна. До кога и како?
„Ние сме мала држава, меѓутоа географски имаме одличен потенцијал за производство на електрична енергија од обновливи извори. Имаме годишно во просек над 280 сончеви денови, имаме на некои места поволен ветар за производство на електрична енергија од ветро-електрани и имаме сериозен хидро потенцијал кој веќе го искористуваме и имаме планови да продолжиме да го искористуваме.
– Државата сериозно пристапи кон решавање на овие проблеми и побрзо трасирање на патот према зелената енергија со отворање на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Законот е финализиран. Всушност измените и дополнувањата на овој закон не се само малку, туку ги имплементираме сите препораки и директиви на ЕУ и всушност ова ќе претставува една реформа во енергетиката што за многу брзо ќе ја осетиме и после Нова година. Работната група во моментов работи на основниот текст на законот за обновливи извори кој прв пат ќе биде донесен во Македонија и се регулираат сериозни работи во тој дел. После тоа, работната група ќе пристапи кон измените и дополнувањата на Законот за енергетска ефикасност и овој пакет на закони всушност ни го трасира патот кон чистата енергија, изјави за „Трилинг“ заменик министерот за енергетика рударство и минерали суровини, Мирослав Лабудовиќ, одговорајќи околу најновиот извештај на ЕК каде е констатирано дека административниот капацитет за развој и инвестиции е недоволен и дали тоа значи дека не знаеме како системски да ја планираме и да ја користиме зелената енергија.
„РЕК „Битола“ е нашиот прозводител на базна енергија. Тие капацитети мора да бидат во државна сопственост. Можеби имало преговори во минатото, но ние како држава таков капацитет за прозиводство на базна електрична енергија, не гледам простор како би можело да му ги отстапиме на некој во јавно-приватно партнерство. Зошто? Најголем број од државите за таков тип на базна енергија, производителите се во државна сопственост, не се оставаат на партнери. Можеби доколку имаме нови инвестиции како „Чебрен и Галиште“ да разговараме дали да влеземе во стратешко партнерство или да ги изградиме сами. Но за РЕК „Битола“ пренамената во гас не гледам причина зошто би одело со јавно-приватно партнерство, потенцира Лабудовиќ.
Говорејќи за „Чебрен“, заменик министерот вели дека треба да се направи уште студија за да видиме каде сакаме да одиме.
„„Чебрен“ е еден од стратешките проекти на државата не само од енергетска гледна точка туку и како резервоар на вода и развој на туризам. Тоа е хидро систем, енергетски систем на реката Црна. Проектот е започнат уште 1950 година и низ годините се има развивано. Насоките и плановите на државата и наши како Министерство за енергетика се тој проект да се реализира, но не со брзање. Дали како инвеститори би оделе сами или би оделе во некакво стратешко партнерство, треба да се види моменталната економска состојба на државата и како тоа некој нас би ни помогнал од финансиерите – банките. Тука можам да го цитирам премиерот каде што кажа дека се разговара како опција одреден американски капитал да влезе како стратешки партнер, но тоа не е затворено прашање, бидејќи во моментот кога ќе одлучиме да ја градиме централата, а сметам дека тоа нема да биде некоја далечна иднина, туку напротив ќе биде брзо, ќе процениме ние како држава дали можеме да одиме сами, да го носиме тој товар или ќе влеземе со стратешко партнерство. Тука би додал уште нешто. Мој личен став е дека како држава мора да ги искористиме сите оние повозрасни инженери, што работеле на Св. „Петка“ и на „Козјак“, што ги изградиле браните и го проектирале тој објект, да ги вклучиме во новиот проект на „Чебрен и Галиште“, да го пренесат своето знаење на помладите инженери, зошто само така со пренесување на знаењето ќе имаме одржлив систем“, вели Лабудовиќ.
За РЕК „Битола“, ТЕЦ „Неготино“, „Чебрен“, фотоволтаичната експанзија, погледи и видувања и од академик Таки Фити, Александар Дединец истражувач во МАНУ и универзитетскиот професор Атанаско Туневски.
Целата емисија на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски, погледнете ја во видеото.