
(ВИДЕО) Трилинг: Институционалната (не)способност под превезот на хибридна војна
Во новото издание на магазинот „Трилинг“ гостуваа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Владимир Пивоваров и Марјан Николовски од Факултетот за безбедност, политикологот Владимир Божиновски, Стефан Кофиловски – првенец на генерацијата 2023-2024 и најдобар студент на правниот факултет „Јустинијан Први“ и во рубриката „Знаење што менува“ говори Елена Петковска, менаџер на детскиот едукативен центар во Семос едукација.
Во новото издание на магазинот „Трилинг“ гостуваа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Владимир Пивоваров и Марјан Николовски од Факултетот за безбедност, политикологот Владимир Божиновски, Стефан Кофиловски – првенец на генерацијата 2023-2024 и најдобар студент на правниот факултет „Јустинијан Први“ и во рубриката „Знаење што менува“ говори Елена Петковска, менаџер на детскиот едукативен центар во Семос едукација.

-Кога станува збор за заканите имаме потенцијален ризик, наредната фаза е закана и ако дојде до загрозување веќе тоа е последната фаза, вели за „Трилинг“ професорот од Факултет за безбедност Марјан Николовски, околу се позасилените информации за хибридни закани и евентуалната превенцијата од истите.
За тоа колку нашиот безбедносен систем е ранлив, пробивлив, Николовски смета дека тој е поставен онака како што треба и секој си ја врши работата како што треба, но кога станува збор за хибридните закани на можеме да се потпреме само на една институција.
„Треба да се вклучат повеќето безбедносни институции, не само МВР, тука треба и останатите релевантни институции да се вклучат и неслучајно постои Советот за координација кој треба сето ова да го искоординира помеѓу службите. Клучна улога тука треба да одигра и Агенцијата за разузнавање која што делува надвор од територијата на Македонија и Агенцијата за национална безбедност којашто ја следи внатрешната проблематика како пласирањето на дезинформации, лажни информации коишто во многу нешто можат да наштетат во делот на безбедносниот систем, вели Николовски.

Околу релевантноста на изјавите на властите дека сме цел на хибридни напади, дека одредени домашни па и странски центри на моќ да влијаат врз стабилноста на државата, професор Владимир Пивоваров вели дека досега нема ништо целосно поткрепено.
-Инаку доколку има таква ситуација сите треба да помогнеме – кој и да е, од каде и да доаѓа, без разлика на верска, етничка, политичка или било каква припадност. Но кон што да се потпреме? Кон само две – три реченици кои нон-стоп се повторуваат во иста форма, во иста фраза, а никој не дава никаков аргумент. На крајот на краиштата ако имало такви сознанија ние велиме дека превенцијата е најдоброто решение за сите можни последици. Последиците ги видовме, меѓутоа доколку службите имале такви сознанија како што се најавува, тогаш зошто не е превенирано, зошто немаме уапсено лица. Значи ние веќе имаме некои кривични пријави, меѓутоа тие кривични пријави се однесуваат за сосема друго кривично дело, а не како што беше најавено – уривање на уставниот поредок. Значи треба да бидеме малку одмерени во изјавите. Сепак јавно искажаниот збор многу значи.
-За ваквите нешта од официјални лица што ги слушаме, дека имаме хибридна војна, хибридни напади, сметам дека се апсолутно неодмерливи, односно нема никаков показател или нешто конкретно да изнесат за тоа што го тврдат. Хибридна војна е пресериозна работа. Гледате кај нас не функционира Советот за безбедност, односно не е свикан. Земја членка сме на НАТО, имаме право на договорот и член 4 да побараме помош, но такво нешто не се случува.
-Хибридна војна е воен израз. Генерално предвидува употреба на неконвенционални средства како што се и пожарите, но досега немаме ништо од тоа да се соопшти која држава не нападна, кој центар од надвор, центар на моќ како што велат, центар на моќ од внатре – значи нема кривични пријави како што кажа и самиот министер, нема нешто поконкретно за да може да се држиме до тој израз, затоа што пресериозна е заканата „Хибридна војна“. Сепак кај граѓаните се влева страв кога ќе слушнат војна. Но прашањето е периодот – дали се работи за политички маркетинг пред изборите, дали е осознавање на непостоечки непријател, а ние сега ќе ве браниме од тој непријател.

„Ако се случи пожар во летниот период во некоја оддалечена шума ќе помислите дека тоа е нешто спорадично, дека се дрвокрадци кои сакаат да прават бизнис од дадената ситуација, но кога во исто време ќе имате подметнати пожари на три локации во Скопје, коишто конкретно се отпади, тогаш веќе не може да зборуваме за случајност или пак исклучиво за некои бизнис мотивирани активности. Така што мислам дека станува збор за еден сериозен напад на стабилноста на државата и обид за создавање на паника и страв кај населението.
-Во многу нешта ова го објаснува битието на кривичното дело тероризам – затоа што со подметнување пожар се сака да се предизвика паника и страв кај населението, страв за здравјето, своето, на семејствата, паника за напуштање на живеалиштата, така што не мислам дека станува збор за случајност и не мислам дека станува збор за редовни пожари кои ни се случуваа изминативе години за време на летото, вели за „Трилинг“ министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски за тоа колку хибридните закани се реалност или можеби се работи за обид за дефокусирање на јавноста.
Прашан за тоа кои се центрите на моќ дома и во странство кои се обидуваат да ја урнат владата, Андоновски не сакаше да коментира за детали.
Околу новите форми на безбедносни ризици – сајбер напади, влез во компјутерските системи, Андоновски вели дека суштинскиот проблем лежи во фактот дека архитектурите кои се создавале во системите, никогаш ја нема сајбер безбедноста во вид во моментот на создавање и долго време сајбер безбедноста се третирала како случајност и како реткост, како недостаток на самиот систем, а никогаш не се сметало дека таа би можела да биде искористена како начин на напад, дали од бизнис аспект, дали за злоупотреба на средства или пак од некои државни или недржавни елементи коишто имаат други политички повисоки цели.
„Во таа смисла наследивме ситуација во којашто многу од системите немале заштита кога го граделе системот. Тоа значи дека не биле предвидувани редовни бекапи на системите, соодветен анти-вирусен програм, соодветна заштита, поврзаност, помала изложеност на податоците на граѓаните и тоа е нешто со коешто се справуваме целиов изминат период. Со донесување на законот за сајбер безбедност веќе ставаме и одговорност на институциите коишто не размислувале во таа насока“, смета Андоновски.

За тоа дали во услови на се почесто користење на вештачката интелигенција (ВИ) и кога се постепено се дигитализира ни е потребна или неопходна ваква голема бројка на јавна администрација, Андоновски вели дека во просек, ако се земе целиот јавен сектор, ние сме некаде на просекот на ЕУ.
„Ова значи дека и развиениот свет кога трчал напред во дигитализацијата не ја скратувал многу јавната администрација, но многу се менуваат улогите на вработените. Од архивар или од лице коешто фотокопирало, од лице кое било курир, тие ќе мора да заземат некои покомплексни улоги и ќе треба да работат на системите коишто се развиваат. Затоа мислам дека јавната администрација не треба да се плаши од процесот на дигитализација, но мора да стекнува нови вештини и да напредува. Никој нема да чека определена институција од Македонија сѐ уште да работи на хартија и да испраќа документи по пошта. Веќе не е прашање дали некој ќе сака или нема да сака да се дигитализира. Прашање е дали ќе остане релевантен како институција или некој друг ќе го замени неговото место“, вели Андоновски
На прашањето колку денес сме блиску до дигиталното описменување, министерот за дигитална трансформација вели дека сме еднакво блиску колку што и далеку, меѓудругото затоа што има вакуум простор во образованието.

„Секогаш партијата којашто ќе победи на изборите си го носи тоа бреме на поддршка и доверба којашто ја имале гласачите и им овозможиле да дојдат на власт да покажат што, дали и како можат. Се разбира дека после извесен период на практикување на власт, не се или граѓаните не чувствуваат дека се исполнети нивните надежи тоа ќе резултира со намалување на поддршка. Но ова не е нешто што се случува за месец или два, потребно е од прилика половина од мандатот за една влада за да се види дали таа влада успешно се справува со оние проблеми поради коишто граѓаните и ја дале довербата“, изјави во магазинот „Трилинг“ политикологот Владимир Божиновски колку убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори може да биде товар за владејачкото мнозинство да се исполни ветеното.
Прашан колку актуелната владејачка гарнитура може да ја добие речиси истата бројка на гласови без разлика што сега станува збор за локални избори во услови кога за една година практикување на власта се случи трагедијата во Кочани, случајот со депониите и Трубарево, голем број на проектите не беа целосно реализирани а беа ветени, Божиновски вели дека секогаш се случуваат одредени настани коишто се надвор од она практикување на владеење, дали станува збор за одредени несреќи, дали станува збор за трагедии, дали станува збор за одредени проекти неисполнети или делумно исполнети.
„Она што граѓаните го ценат, или би го ценеле е на кој начин власта или оние кои се одговорни се справуваат со такви ситуации. Доколку они сметаат дека власта успешно се справува со тие предизвици тога они ќе продолжат да и ја даваат поддршката. Доколку не, таа поддршка ќе биде ускратена.
Божиновски не очекува сериозен судир и емоции во однос на битката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од аспект дека, според него, разликата е премногу голема и на едните и на другите им е јасно кој ќе победи, но она што го очекува е исклучително тешка битка во т.н албански кампус каде ДУИ и ВЛЕН ќе се обидат да се претстават дека тие се партиите или коалициите на кои што етничките Албанци им ја даваат својата доверба.
„Најинтересно на овие избори нема да биде битката за Скопје, туку ќе биде битката за Чаир, Тетово, Гостивар. Тука мислам дека ќе биде и изборниот фокус затоа што тука има премногу непознати во однос на тоа кој и како ја има поддршката од граѓаните“, вели Божиновски и додава дека битката за Чаир ќе биде битка лично за кариерите на Меџити и Османи.
„Хипотетички гледано, доколку ВЛЕН победи во Тетово, а ДУИ во Гостивар, битката за Чаир ќе одлучи каква е перцепцијата за победник помеѓу етничкиот албански блок“, додава Божиновски.

„Самата идеја и концепција на законите како што сега е востановена е прилично добра и компаративна со европските правни системи. Затоа сметам дека правилното извршување на законите, онака како што се замислени, а и не секогаш како што се напишани е најважно во нашата држава.
-Правдата е бавна кај нас поради повеќе причини. Главна причина се самите неразумно долги судски судења и одлуки кои што ги носат самите судии. Исто така сметам дека кај нас правдата е бавна поради општиот менталитет на самиот народ. Се разбира, Македонија е држава како и секоја друга, но кај нас недостасува малку поголема колективна свест во исполнување на правните норми. Треба граѓанинот не да биде поттикнат од самиот закон или пак од казната за да ја исполни правната норма, туку и сам одвнатре да има нешто коешто го мотивира и истовремено го прави задоволен да постапи онака како што треба“, вели Кофиловски.
Говорејќи за мотивите да се запише на правниот факултет Кофиловски го спомна и случајот со неговата мајка.
„Случајот со мојата мајка не само што беше доволен, туку беше и централен мотив зошто јас се запишав на Правниот факултет. Вашата мајка да биде незаконски разрешена, па подоцна да и биде даден отказ од нејзиното работно место и во текот на тој период постојано да и биде вршен мобинг, притисоци, закани не само спрема неа, туку и спрема целото семејство и нејзините блиски е нешто коешто за дете коешто е беспомошно и не може никако да и помогне е тешко за поднесување. Токму затоа од тој ден се одлучив за овој пат, патот до правосудството, за утре, за било кое дете да се најде во таа моја положба да му биде пружена помош“.
-Мојата мајка беше вратена на работното место наставник, но не на првичното коешто незаконски и беше одземено“, вели Кофиловски.

-Дигиталната писменост во суштина подразбира учество во дигитализацијата, односно логичко размислување и креирање на содржини во дигиталниот свет. Ја изучуваме азбуката. Ги учиме да ги препознаваме буквите. Од буквите создаваме зборови, па потоа зборовите ги комбинираме во реченици. Истиот принцип важи и за IT едукацијата. Ако децата од најраната возраст се запознаат со компјутерското размислување, дигиталната писменост, тие ќе знаат како понатаму да креираат зборови и да ги комбинираат во реченици во дигиталниот јазик.
-Дигитална писменост значи свесно и правилно користење на телефони, таблети и компјутери. Дигиталната писменост е како да научиме да креираме и свесно да споделуваме содржини на интернет. Дигитална писменост исто така значи како да научиме да креираме видеа коишто ќе ги споделуваме со пријателите или со околината.
-На интернет имаме се – и позитивна и негативна содржина. Децата треба да научат да ја препознаваат содржината и како да се заштитат од неа.
-Она што секој родител треба да го направи уште веднаш за своето дете е да му овозможи IT едукација, да му овозможи дигитална писменост и да го запознае со вештачката интелигенција и нејзиното функционирање.
-Во Детскиот едукативен центар на Семос едукација постојат курсеви за IT едукација на децата од најмала возраст, односно првите чекори кон запознавање со дигиталната писменост. Првите чекори кон запознавање со графичкиот дизајн, со програмирањето. Исто така постојат и курсеви коишто ги водат средношколците напред кон нивната иднина. Средношколците имаат можност да се стекнат со основната дигитална писменост преку IT академијата за средношколци, а потоа стручно да се насочат во други области како што се дигитален маркетинг, програмирање со Python плус вештачка интелигенција, внатрешен дизајн и дата аналист за средношколци.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото