(Видео) Трилинг: До кога „митоманијата“ кај нас ќе биде модел на функционирање?

Колку Андреевски беше јадрото на македонскиот патриотизам, како Блаже Коневски, Анте Поповски или пак Гане Тодоровски? Писателката Оливера Ќорвезироска за „Трилинг“ вели дека македонството на Петре Андреевски, како и на другите дејци, останува во една „капсулирана форма“ преку неговата книжевност.

– Тоа е вистинското културно и книжевно богатство на македонскиот народ. Тоа е тоа јадро на македонството, на нашинството на јазикот и на културната и секаква свест во најширока смисла, вели таа.

Академикот Влада Урошевиќ во гостувањето вели дека делата на Андреевски останаа како еден траен репер за следните творци како и каде да ја бараат својата инспирација.

До кога „митоманијата“ кај нас ќе биде модел на функционирање, одговара Александра Цветановска, претседателката на Здружението на млади правници.

– Додека не поведуваме судски постапки, додека сторителите не се санкционираат, истакнува Цветановска.

Според неа, имаме толку скандалозни случувања кои што доведуваат во прашањето дали ние во Судскиот совет ги имаме луѓето кои што треба да ги имаме таму.

Се додека владата е главниот работодавач и има доминантна улога во економијата, ќе опстојуваат и можностите за корупција и таа ќе биде распространета не само на највисокото ниво, туку и ќе премине и на најниските ешалони, порача Лепосава Огњаноска Ставревски, Докторанд на право на ЕУ, во гостувањето во „Трилинг“.

За повторното отворање на „фронтот со Атина“, смета дека не е мудар потег.

– Самиот договор предвидува таков услов, има таква одредба која што ја обврзува бугарската страна не само да не го попречува туку да го поддржува таквиот пат. Таквиот договор секако дека веќе е прекршен, истакнува Огњаноска Ставревски.

Погледнете го најновото издание на „Трилинг“ со Горазд Чомовски: