До каде достигнуваат пипците на корупцијата и организираниот криминал?
Која е вистината за пропаѓањето на Еуростандард банка?
Зачестена комуникација Мицкоски – Орбан. Може ли да се очекува оваа власт да го врати бегалецот Груевски?
Од каде да започне реформата на судството?
Покрај непотизмот, како да се справиме со страничните политички и бизнис влијанија?
Дали во Македонија има картелско поврзување во телекомуникациите, производството и трговијата со струја? – се прашањата кои доминираа во вечерашното издание на Трилинг.
„Тој што се занимава со криминал, тие се браќа по криминал. Или ќе имаме сериозна борба против криминалот, и таа борба треба да добие поддршка, или ќе влечеме потези со кои ќе правиме перцепција – привидна борба против криминалот“, рече меѓу другото во вечерашното издание на Трилинг екс првиот човек на МВР – пратеникот Оливер Спасовски.
За криминалот во Еуростандард банка, за кој премиерот Мицкоски вели дека е „епски криминал“, Спасовски рече „Не ни помага тоа дали е епски или не е, ни помага само да видиме која е борбата против криминалот и кој го сторил тој криминал за да сноси одговорност“
Адвокатот д-р Валентин Пепељугоски вели „Многу е лесно да ги гоните опозиционерите кога ќе бидете на власт, нашиот народ не случајно кажал – прво исчисти си го својот двор, па потоа оди кај комшијата“. Адвокатот за процесот против врховниот судија Ѓорѓиев и екс министерот Мемети со став „Обвинителството требаше да се спогоди со судија, со поранешен министер, поранешен народен правобранител и да му даде условна осуда за мито – тоа е неприфатливо“.
Искра Гешовска – теоретичарка на книжевност и уметност вели „Просто е невозможно сите да се виновни, само ние да сме жртви. Позицијата на жртва е погубна“.
Таа вели „Многу тажна ме прави менталната корумпираност, емоционалната корумпираност“.