
(Видео) Трилинг: Даночни мега должници, политички игри, режисерски остварувања
🔴Во случајот со трагедијата во дискотека „Пулс“, директорката на УЈП Петрова вели дека не се работи за еден објект, туку се работи за два објекти поврзани со истите сопственици каде што вршени се контроли на УЈП и изрекувани се казни, меѓу кои и забраната за вршење на дејност, запечатување, која е мерка со привремено важење. Но не сака да изнесува информации кој е тој објект кон којшто била изречена таа мерка со запечатување и во кој период. 👉 Според неа, постојат голем број на системски пропусти кои преку овој случај излегоа на површина. 👉 Петрова вели дека УЈП ја има доставено целокупната документација до истражните органи МВР, Обвинителството и Финансовата полицијата. 🔴- Теоретски се е можно. Можно е и да се спојат и да се вратат и Таравари и други членови на Алијанса за Албанците во Алијанса за Албанците, таму каде и што припаѓаат. Слушам дека има некоја иницијатива, но јас не знам како ќе се одвиваат работите. Во секој случај ние сме за обединување, затоа што обединувањето е најпрво хумана работа“. 👉 -Тој и Ахмети знаат дека се во опозиција, но и гледаат како работи Владата, како работи позицијата. Поаѓајќи од овие вредности и од нашите вреднувања дури и пред да се формира Владата, ние укажавме во ЦО, на нашите седници и собири дека во Македонија се чувствува една тенденција на хомогенизација на македонскиот политички блок. За жал тоа во индиректна форма се случи со големата победа на ВМРО-ДПМНЕ со 58 пратеници, плус шест пратеници на ЗНАМ. Периодов слушавме изјави од претставници на ЗНАМ во кои велат дека Владата нема проблем, дека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат 64 пратеници. Се однесуваат како ништо да не се случува, сакаат да стават до знаење дека можат и без Албанци, без Турци, без Роми. Но оваа логика е во спротивност со демократијата во Македонија, вели Азири. 🔴 -Борбата да останеш свој и покрај сите притисоци е вечна тема на македонскиот народ, но и на сите помали народи кои имаат сличен или ист проблем како што го имаме ние. 👉 -Класиката е секогаш современа. Тоа е она што ја прави класика и мислам дека главните човекови слабости и она што се крие во човечката душа секогаш се актуелни и универзални. Затоа и класиката заедно со националната драма би требало да бидат столб на секој репертоарен театар. По изборот на моите текстови може да се види дека се обидувам да живеам по таа максима“, вели Цветановски.
Директорката на УЈП Елена Петрова, Елми Азири потпретседател на Алијанса на Албанците и режисерот Андреј Цветановски се соговорници во новото издание на „Трилинг“ .
„Трагедијата во Кочани е удар врз целото наше општество, бидејќи на површина излегоа состојби поврзани со спроведување или неспроведување на закони, институционални овластувања, чувството за јавен интерес, вредностите. Овој настан треба да претставува една пресвртница во функционирањето на нашиот систем“, вели во интервјуто за магазинот „Трилинг“, директорката на УЈП, Елена Петрова.

Во случајот со трагедијата во дискотека „Пулс“, директорката на УЈП Петрова вели дека не се работи за еден објект, туку се работи за два објекти поврзани со истите сопственици каде што вршени се контроли на УЈП и изрекувани се казни, меѓу кои и забраната за вршење на дејност, запечатување, која е мерка со привремено важење. Но не сака да изнесува информации кој е тој објект кон којшто била изречена таа мерка со запечатување и во кој период. Според неа, постојат голем број на системски пропусти кои преку овој случај излегоа на површина. Петрова вели дека УЈП ја има доставено целокупната документација до истражните органи МВР, Обвинителството и Финансовата полицијата.
Говорејќи за податокот дека фирмата „ММММ Кафе Доел Кочани“ каде е регистрирана и дискотеката „Пулс“, работела со блокирана сметка“, Петрова вели дека блокадата е поставена од УЈП како мерка за присилна наплата заради неисплатени плати.
„Ние сме ја поставиле таа мерка за присилна наплата. Од УЈП дошла таа блокада и сигурно дека знаеме, но како што реков, Законот освен блокада, ни дава овластувања за преземање и на други мерки за присилна наплата. Во рамки на Законот за даночна постапка постапувано е, преземани се мерки и се што е преземено или не е, ќе си утврдат истражните органи“, вели Петрова и додава дека сите граѓани на нашата земја и сите институции, на некој начин не само преку сегашното, туку и преку минатото постапување „се изложени на чувство на тоа дека постојат голем број на системски пропусти кои преку овој случај излегоа на површина“.
Околу црната листа на УЈП, каде компании и физички лица должат кон државата и како е возможно речиси истите должници, станува збор за околу 5,000, во континуитет да должат кон државата и зошто ова се толерира, Петрова вели дека во последниов период на листата на должници се појавуваат околу 1,900 фирми, секоја од нив должи над 300,000 денари и околу 3,900 физички лица, од кои секој должи над 120,000 денари, а вкупниот долг е околу 11,000,000,000 денари или околу 180 милиони евра.
„Ако ги погледнеме овие статистики, овие листи, ќе дојдеме до податок дека околу 60% од овој долг припаѓа кон одредена мала група на должници. Значи топ 100 должници. Од вкупен долг 180 милиони евра, 120 милиони евра е долг на околу 100 топ должници. Ако одиме подлабоко во овие топ 100 должници и нивниот долг, ќе дојдеме до тоа дека помалку од 10 од тие должници имаат долг којшто пораснал или настанал во текот на 2024 и 2025 година како резултат на наоди од даночните контроли на УЈП. Значи тоа се даноци коишто УЈП ги открила во инспекциски контроли. Станува збор за помалку од 10 правни лица и во рамките на тие бројки нивниот долг изнесува околу 3,2 милијарди денари или нешто над 50 милиони евра и тука се работи за сериозни дела на даночно затајување за кои што се водат постапки пред истражните органи. Факт е дека и меѓу овие топ 100 и генерално на листата има поголема бројка на должници кои се повторуваат со години. И тука разумно се постапува прашањето што можела, што требала да направи УЈП, дали постои некакво затајување во постапките, а дали можеби и самите должници свесно преземале некои дејствија за да не го платат долгот. Особено ова ќе го поврзам со фактот дека од тие должници што со години се јавуваат на листата, голем број или во најголем број се должници коишто се мртви на хартија, вели директорката на УЈП Елена Петрова.

Говорејќи за Солидарниот данок, кој падна на Уставен суд и кога државата ќе им ги врати средствата на 156 компании (станува збор за износ од околу 50 милиони евра), Петрова вели дека Министерството за финансии ќе ја утврди процедурата за спроведување на одлуката на Уставен.
„Колку што знам според одлуката рокот за враќање на тие средства е пет години. Значи во тој законски рок согласно одлуката на Уставниот суд, Министерството за финансии ќе ја утврди процедурата за враќање на тие средства“, смета Петрова.

„Би сакал реално да ги видиме нештата во Македонија. Во една прилика самиот Таравари изјави дека според неговите анкети 70% од граѓаните Албанци се незадоволни од владеењето. Јас мислам дека тој процент е многу поголем и јас лично тука би ја гледал причината за овој чекор на Таравари, изјави во магазинот „Трилинг“, пратеникот и потпретседател на Алијанса за Албанците од Европскиот фронт, Елми Азири говорејќи околу чекорот на министерот за здравство Таравари да ја напушти ВЛЕН и да чека на одлука на Мицкоски дали ќе остане во владината коалиција.
Говорејќи околу тоа која е иницијалната каписла Таравари повторно да се врати, а и да чукне на врата Али Ахмети, довчерашниот негов противник за кого зборуваше дека е изворот на корупцијата и криминалот, Азири вели дека една работа не смее да се заборави, а тоа е дека улога на државата и посебно на Владата е да направи граѓаните да бидат задоволни.
„Повеќе од 80%, можеби 90% од граѓаните Албанците се незадоволни од оваа Влада. Зошто се незадоволни? Затоа што ние сите знаме низ што помина Република Северна Македонија години наназад. Охридскиот рамковен договор е дел од Уставот на Република Северна Македонија. Охридскиот рамковен договор имаше четири главни столба. Сите столбови на Охридскиот рамковен договор на еден или друг начин се начнати. Прво беше Законот за јазици, еве гледаме месеци наназад Уставниот суд прави притисок. Второ, правичната и адекватна застапеност на немнозинските заедници е уставна категорија. Гледаме дека се укина етничката припадност како критериум, а со тоа и балансерот. Трето е фискалната децентрализација. Ние во Македонија немаме функционална фискална децентрализација. И наместо Владата да ја продлабочи фискалната децентрализација, они со унгарскиот заем ја зацврстуваат централизацијата во државата.

„Теоретски се е можно. Можно е и да се спојат и да се вратат и Таравари и други членови на Алијанса за Албанците во Алијанса за Албанците, таму каде и што припаѓаат. Слушам дека има некоја иницијатива, но јас не знам како ќе се одвиваат работите. Во секој случај ние сме за обединување, затоа што обединувањето е најпрво хумана работа“, додава Азири.
Околу тоа што значи повикот на Зијадин Села за обединување на сите Албанци, Азири вели дека Села го има кажано тоа веднаш после изборите.
„Тој и Ахмети знаат дека се во опозиција, но и гледаат како работи Владата, како работи позицијата. Поаѓајќи од овие вредности и од нашите вреднувања дури и пред да се формира Владата, ние укажавме во ЦО, на нашите седници и собири дека во Македонија се чувствува една тенденција на хомогенизација на македонскиот политички блок. За жал тоа во индиректна форма се случи со големата победа на ВМРО-ДПМНЕ со 58 пратеници, плус шест пратеници на ЗНАМ. Периодов слушавме изјави од претставници на ЗНАМ во кои велат дека Владата нема проблем, дека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат 64 пратеници. Се однесуваат како ништо да не се случува, сакаат да стават до знаење дека можат и без Албанци, без Турци, без Роми. Но оваа логика е во спротивност со демократијата во Македонија.

„Можеби 7-8 години ми стои како тема и мотивација, но на неколку места каде што сум се обидол да го понудам како материјал за работа не наоѓав на заеднички јазик. Кога директорот Васко Мавровски ми се јави да соработуваме за оваа година, кога го предложив текстот, без двоумење рече Да. Темата на помал народ е секогаш актуелна и мислам дека и сега е актуелна со се она што се случува во светот“, изјави за „Трилинг“ режисерот Андреј Цветановски, на прашањето од каде провокацијата да ја режира „Црно семе“ токму сега во овој актуелен миг.
Околу тоа дека во „Црно семе“ акцент се става на македонскиот идентитет, Цветановски вели дека една од работите е да останеш свој и покрај сите притисоци.
„Борбата да останеш свој и покрај сите притисоци е вечна тема на македонскиот народ, но и на сите помали народи кои имаат сличен или ист проблем како што го имаме ние“.

Околу тоа како во класиката ја бара современата нарација, Цветановски вели дека токму тоа е класиката.
„Таа е секогаш современа. Тоа е она што ја прави класика и мислам дека главните човекови слабости и она што се крие во човечката душа секогаш се актуелни и универзални. Затоа и класиката заедно со националната драма би требало да бидат столб на секој репертоарен театар. По изборот на моите текстови може да се види дека се обидувам да живеам по таа максима“, вели Цветановски.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.