
(Видео) Трилинг: До кога неказнивоста ќе убива?!
🔴 „Неказнивоста убива. Фигуративно и за жал буквално“ е констатацијата на поранешниот член на Антикорупциската комисија Владимир Георгиев, говорејќи за фактот дека голем број на прекршители на законот, дали од кривично-правен аспект, во смисла на сообраќајни несреќи или од аспект на корупција ретко се осудувани на онаа затворска казна којашто навистина требало да им се изрече согласно Кривичниот законик. 🔴 -Во сите тие анализи што ги направивме утврдивме дека воглавно инспекторите изрекуваат глоби од неколку стотина евра што веднаш сопствениците ги плаќаат, но тука застануваат инспекциите. И да немаат лиценци се дозволува поголем број од тие дискотеки, кабареа да профолжат со својата работа. Е тука е она што се случило во Кочани, вели Георгиев. 🔴Околу минатогодишните изнесени наводи на претседателот на Србија Вучиќ, дека е можно македонско сценарио во Србија, а неодамна пак македонскиот премиер Мицкоски рече дека не се плаши од можно српско сценарио во Македонија, Вулетиќ вели дека поврзаноста е во лошиот систем заедно со лошата политика. 🔴„Би рекол дека поврзаноста е лошиот систем и лошата политика. И Србија и Македонија имаа кратки периоди на добра политика во нивната понова историја. Меѓутоа, таа добра политика не успеа да опстане на долг рок за успешно да изгенерира некој поинаков систем. Кога го велам тоа, мислам накраткиот период на владеење на Зоран Ѓинѓиќ, само 2,5 години во 2001 и 2002 г. и релативно краткиот период на владеење на премиерот Зоран Заев, кој водеше поинаква политика во однос и на Никола Груевски и на актуелниот премиер, вели Вулетиќ. 🔴 „Граѓаните очекуваат сериозни реформи во сите сегменти. После трагедијата во Кочани се отвори една сериозна тема на нефункционалниот ситем. Лидерската средба којашто ја побара претседателот Филипче беше резултат на тоа, беше слушање на гласот на граѓаните дека треба да се седне на иста маса и да се постават одредени цели и правец по којшто ќе се движи државата. Тоа во одреден момент се реформи, во одреден момент болни резови коишто треба да ги направиме, но сите сме свесни дека тоа мора да го направиме се со цел системот да профункционира. Тука не станува збор за некакво политичко пазарење, ниту за било што во тој правец. Јасните сигнали и на нас како партија се дека бараме тотално неселективна правда, дека бараме тотално отворање на сите случаи и кои се во интерес на јавноста“, вели Димитријевиќ.
Во новото издание на магазинот „Трилинг“ разговаравме со Владимир Георгиев, поранешен член на Антикорупциската комисија, Зоран Вулетиќ од Граѓанското демократско движење – Белград и генералниот секретар на СДСМ Александар Димитријевиќ.
Актуелниот случај со судијата Ферати, влијанието на извршната власт врз судско-обвинителствата се само дел од темите во интервјуто со поранешниот член на Антикорупциската комисија, Владимир Георгиев.

„Неказнивоста убива. Фигуративно и за жал буквално“ е констатацијата на поранешниот член на Антикорупциската комисија Владимир Георгиев, говорејќи за фактот дека голем број на прекршители на законот, дали од кривично-правен аспект, во смисла на сообраќајни несреќи или од аспект на корупција ретко се осудувани на онаа затворска казна којашто навистина требало да им се изрече согласно Кривичниот законик.
„Сето тоа не доведува до ситуација да имаме нелогични пресуди, пред сѐ за јавноста, од аспект на тежината на кривичното дело што е сторено со она што е понатаму досудено. Имаме прекршоци односно кривични дела за кражба многу помали а се носат поголеми санкции.
За тоа кој го толерира сето ова и каде се пропустите, Георгиев смета дека тоа е еден ланец на контролни механизми кој секој би требало да го применува, првенствено во Министерството за правда, како им се дозволувало на тие стотина кандидати да полагаат правосуден испит без да имаат соодветен број на бодови.
„Истото тоа се однесува и на Академијата на судии и обвинители. Веројатно требале и тие да извршат дополнителна контрола на сите прибрани документи затоа што тие воспоставија еден механизам на целосни и детални контроли на сите кандидати, сѐ со цел да се изберат најдобрите кандидати што ќе бидат идни судии и обвинители. Но очигледно е дека овие пропусти се направени, вклучувајќи го и роднината на поранешниот спикер на Собранието.

Околу податокот дека се почесто се соочуваме со селективна правда, неказнивост поранешниот антикорупционер вели дека во мандатот од 2019 до 2024 година кога тој ја вршел функцијата, ДКСК поднела голем број на кривични пријави до ЈО (околу 60).
„Во последниот период гледаме дека неколку од тие кривични пријави се афектуираат во правосудството односно во ЈО. Сега тоа наметнува едно друго прашање, односно дали се чека да има можеби промена на власта па тие лица (коруптивни случаи) кои веќе не се на позиција па на Обвинителството му е полесно да постапува против истите. Тука морам да спомнам едно истражување што го направи ОБСЕ во соработка со ДКСК во 2023 година кое се однесуваше на ставови на самите судии и обвинители во однос на нивното постапување – Колкаво е влијанието на политичарите, на извршната власт пред сѐ, на бизнисите и на другите структури во нивните редови врз нивното одлучување. Околу 50%, тоа се ставови, тоа не е прецепција, на самите судии и обвинители кажаа дека има големо влијание од страна на извршната власт. И јас сметам дека големо влијание има политиката, односно политичките партии, извршната власт пред сѐ врз постапувањето на судските органи, вели Георгиев.
-Но тука јас би се навратил на уште еден момент, не само на кривичните иницијативи. Каде се сите оние иницијативи за одговорност што ДКСК ги доставува до Владата, што се од некривичен аспект? Значи пред сѐ иницијативи за одговорност, односно за разрешување. За истиот директор на Агенцијата за млади и спорт за кој што ЈО сега води судска постапка, ние доставивме иницијатива за разрешување во смисла дека тој работел несовесно што се потврди и со ревизорски извештај. Владата тогаш не најде никаква одговорност кај ова лице. Истото се случува и во 2019 кон вицепремиерот за европски прашања, кој ја искористи својата позиција да се намалат одредени царини за литиум и јонски батерии од кои што неговата сопственост во фирмата имаше бенефит, но Владата не најде тогаш никаква одговорност за судир на интереси кај ова лице, за четири години подоцна, на крајот на 2023 година САД, односно Стејт департментот овој функционер го стави на Црната листа со точно образложение дека ја злоупотребувал својата функција и позиција во времето кога бил член на владата за личен бенефит“, вели Георгиев и додава дека се она што ДКСК го продуцирале со наоди со незаконитости, неправилности едноставно како да тоне во жив песок.
За тоа зошто најчесто властите се имуни на вакви препораки, сугестии одлуки на антикорупционерите, Георгиев вели дека праксата покажува дека моќта која е во власта има тенденција да се корумпира, а со самото тоа таа сака да има влијание пред сѐ во правосудсните органи, односно оние кои го даваат конечниот рез.
Говорејќи за системските и институционални слабости што доведоа до катастрофата во Кочани, Георгиев вели дека ДКСК во 2023 година по основа на пријава од „свиркач“ направиле анализа на постапувањето на постапувањето на Државниот пазарен инспекторат, колку тие инспектори кога одат во контрола ги гледаат документите дали имаат лиценци, сертификати и тн., и врз основа на тоа какви мерки понатаму преземаат.
„Во сите тие анализи што ги направивме утврдивме дека воглавно инспекторите изрекуваат глоби од неколку стотина евра што веднаш сопствениците ги плаќаат, но тука застануваат инспекциите. И да немаат лиценци се дозволува поголем број од тие дискотеки, кабареа да профолжат со својата работа. Е тука е она што се случило во Кочани. Сакам да кажам дека доколку сите би си ја вршеле својата работа, инспекциските служби, тие што ги даваат лиценците, па и полицијата во конкретниот случај, како можело да се дозволи таков еден локал да работи. Тоа се сериозни делиме кои се надеваме дека во оваа фаза ќе бидат решени, вели Георгиев.

Нов мандатар за состав на новата српска Влада е познатиот ендокринолог, Ѓуро Мацут, професор на Медицинскиот факултет во Белград. Вучиќ и Брнабиќ ја подготвуваат новата платформа за Србија како одговор на масовните студентски протести. Состојбите во Србија, замешаноста на политиката во сите сфери на општеството се само дел од темите во интервјуто со Зоран Вулетиќ од Граѓанското демократско движење – Белград.
„Па, јас би рекол дека проблемот е повеќе во политиката, бидејќи погрешната политика изнедри ваов систем кој е длабоко корумпиран и кој го еродира целото општество. Секој систем е израз на политиката. Нашата политика не оддалечува од Европската Унија, која не зближува во последните 20 години и повеќе години кон Русија и Кина.
-И Србија, посебно нагласувам, во последните десет години практично се развива според моделот според кој и Кина се развива. И мислам дека тоа е длабоко погрешно. И морам да нагласам дека ова дистанцирање од Европската Унија започна по атентатот на премиерот Ѓинѓиќ. И подоцна, кога на власт дојдоа од Коштуница, Тадиќ, Вучиќ, Дачиќ, сите по ред практично ја оддалечуваат Србија од Европската Унија и практично живееме во систем кој целосно го еродираше ова општество како израз на обратна и погрешна политика.
-Невозможно е да се поправи системот без промена и корекција на политиката. И тоа најмногу им замерувам на студентите, затоа што после 4 месеци демонстрации мораат и тие да сфатат, како интелектуален крем на нашето општество, дека системот е израз на политиката. И тие упорно бараат преку нивните барања промена на системот и да профункционираат институциите. Сега во јавноста го поставувам прашањето од кого очекуваат да им нареди на институциите да профункционираат?
-Александар Вучиќ да сакал поинакви институции ќе водел поинаква политика и ние не би разговарале денес за овие работи. Само на крајот ќе потсетам дека целата инфраструктура на Србија наназад 10-15 години, уште од 2009 г. првиот договор од држава до држава со Кина го потпиша Борис Тадиќ, а подоцна Вучиќ ја унапреди таа соработка, до највисоки можни височини, се и одвива според државниот договор меѓу Србија и Кина.
-Без јавни набавки, без тендери, без никакво учество на јавноста, со договори во четири очи и ова што се случи во Нови Сад е резултат на таквата изопачена политика. За жал, со смртта на шеснаесет лица и уште неколку трајно осакатени, вели за магазинот „Трилинг“, Зоран Вулетиќ од Граѓанското демократско движење – Белград за состојбите во Србија, замешаноста на политиката во сите сфери на општеството во изминатата декада и повеќе по атентатот на премиерот Ѓинѓиќ.

Околу минатогодишните изнесени наводи на претседателот на Србија Вучиќ, дека е можно македонско сценарио во Србија, а неодамна пак македонскиот премиер Мицкоски рече дека не се плаши од можно српско сценарио во Македонија, Вулетиќ вели дека поврзаноста е во лошиот систем заедно со лошата политика.
„Би рекол дека поврзаноста е лошиот систем и лошата политика. И Србија и Македонија имаа кратки периоди на добра политика во нивната понова историја. Меѓутоа, таа добра политика не успеа да опстане на долг рок за успешно да изгенерира некој поинаков систем. Кога го велам тоа, мислам накраткиот период на владеење на Зоран Ѓинѓиќ, само 2,5 години во 2001 и 2002 г. и релативно краткиот период на владеење на премиерот Зоран Заев, кој водеше поинаква политика во однос и на Никола Груевски и на актуелниот премиер.
-И затоа мислам дека кога Вучиќ рече дека сака да го избегне македонското сценарио, претпоставувам дека мислел на сценариото за преодна влада и бегството на Никола Груевски. Можам да разберам дека сака да го избегне тоа.
-А во Македонија се плашат од сценариото студенти, средношколци да се кренат и ова што се случува кај нас овие 4 месеци во Белград и низ цела Србија. И можам да ги разберам нивните стравови, кои можеби се оправдани.

„Ставот на СДСМ и на Венко Филипче секогаш бил одговорен така и во случајот со уставните измени. Нашиот став е константен и немаме дилема дека местото на Македонија е во европското семејство и затоа мора сериозно да се работи“, изјави во „Трилинг“, генарлниот секретар на СДСМ, Александар Димитријевиќ говорејќи за пораката која претседателот на СДСМ ја испрати од Брисел – Уставни измени веднаш, со целосна подготвеност одговорноста да ја преземе на себе.
„Од другата страна гледаме сериозно закочување на процесот и поради тоа како одговорна и државотворна партија сметаме дека треба да дадеме одреден предллог за целиот тој процес да се откочи, вели Димитријевиќ и додава дека ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт со сериозни ветувања околу ЕУ процесот.
„Добро паметиме дека освоија сериозен број на гласови со реториката дека ќе ја подобрат преговарачката рамка, дека ќе обезбедат подобри услови и дека тој процес на приближување на Македонија кон ЕУ ќе се движи забрзано. Но веќе речиси една година од нивното владеење гледаме дека нема никаков резултат и не само што нема резултат, туку гледаме и една безидејност во рамки на решавање на процесите коишто треба да доведат Македонија да биде дел од тоа европско семејство“, вели Димитријевиќ.
Околу фијаското на последните парламентари избори, генералниот секретар на партијата вели дека се свесни дека ја платиле цената за некои процеси кои се одвивале во државата, но и дека кредибилитетот го црпат од одговорност за учество во процесите кои би ја одвеле Македонија таму каде што и е местото.
„Целта на крај е подобар живот за сите граѓани. Од тие причини сметаме дека е одговорно и дека е државнички да понудиме одредени решенија и цврсто да стоиме позади тие решенија без разлика за тоа каква политичка цена ќе плати дали претседателот на партијата или ние како ново раководство, вели Димитријевиќ.

Говрејќи за средбата Филипче – Мицкоски, Димитријевиќ вели дека таа произлегла од јасниот сигнал на граѓанството.
„Граѓаните очекуваат сериозни реформи во сите сегменти. После трагедијата во Кочани се отвори една сериозна тема на нефункционалниот ситем. Лидерската средба којашто ја побара претседателот Филипче беше резултат на тоа, беше слушање на гласот на граѓаните дека треба да се седне на иста маса и да се постават одредени цели и правец по којшто ќе се движи државата. Тоа во одреден момент се реформи, во одреден момент болни резови коишто треба да ги направиме, но сите сме свесни дека тоа мора да го направиме се со цел системот да профункционира. Тука не станува збор за некакво политичко пазарење, ниту за било што во тој правец. Јасните сигнали и на нас како партија се дека бараме тотално неселективна правда, дека бараме тотално отворање на сите случаи и кои се во интерес на јавноста.
-Навистина ми е многу жал што мораше да се случи една ваква трагедија за да се свестиме дека како општество мора да почнемe да ги менуваме работите, вели Димитријевиќ и додава дека мора да се работи на креирање на систем за сите идни генерации, да се спречи било каков вид на трагедии. Системот може да го креираме само доколку имаме искрени и чесни намери.
Говорејќи за претстојните локални избори, Димитријевиќ вели дека СДСМ прави широки консултации со членството и онаа флоскула која во минатото е употребувана – дека СДСМ во минатото ја научила грешката, сега се спроведува на дело.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ погледнете го видеото.