
(Видео) Трилинг: Дали рекетари блиски до СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со години владееле во Кочани?
Државата еднаш засекогаш мора да сфати дека службена должност не е само привилегија, статус и профит, туку и огромна одговорност, а одговорноста кај нас со децении доцни, изостанува или во најмала рака вината постојано се префрла од еден на друг, а проблемите се наталожуваат.
Државата еднаш засекогаш мора да сфати дека службена должност не е само привилегија, статус и профит, туку и огромна одговорност, а одговорноста кај нас со децении доцни, изостанува или во најмала рака вината постојано се префрла од еден на друг, а проблемите се наталожуваат.
Гости во новото издание на магазинот „Трилинг“ беа новинарот Горан Лефков, Д-р Константин Коцев од Градскиот завод за белодробни болести и туберкулоза во Белград, Даниела Рендевска, Претседателка на Инспекциски совет и Умејр Мухамеди од граѓанско движење „Кој е следен“.

„Сите шевови многу добро ги нотиравте коишто доведоа до катастрофата. Ние како истражувачки новинари сме фокусирани во делот на борба против корупцијата и таму знаеме дека за да ти се случи еден коруптивен настан, мора целиот круг да биде затворен како струјно коло. Една институција да профункционирала во тој момент немаше да се случи ова. Да не се лажеме, највиновна е полицијата. Да имаше доблест, да имаше морал министерот, требаше веднаш да си поднесе оставка, за да остави простор целата истрага да се одвива независно. Тоа не го видовме. Не видовме одговорност кај највисоките чинители на власта, бидејќи тие се тие коишто го водат системот. Ден претходно да направеле една контрола тоа немаше да се случи.
-И не само тие. Тука се и инспектори за противпожарна, Дирекција за заштита и спасување, финансиски институции. Како можела да работи таа дискотека со блокирана сметка, на црно набавувала пијалоци. Се збори за сума од 1.500.000 денари кои се потрошени за набавка на пијалоци само за таа вечер. Тоа е на црно, тоа е затајување на данок, перење на пари. Ние гледаме дека луѓе одат во затвор за ќебапи, а овде овие не изреагирале. Ако ја пломбирале како може да отпломбираш објект кој е затворен од државна институција“, вели Лефков.
Говорејќи за тоа дека Кочани се спомнува и е поврзуван со „Франкфуртската мафија“, случајот „Детонатор“ кој никогаш не се расветли, Лефков вели дека тоа е една екипа, една група од двете партии која се шалтала како уценувачи и рекетари.
„Тоа е една цела структура што правеше многу кривични дела. Тоа е екипа на која цело време и е прогледувано низ прсти. Знаеме дека едно од тие лица беше обезбедување на Никола Груевски. Имаше и друга група со која се конфонтираа. И нив и полицијата и сите други служби многу добро ги знаат, но сите замижуваа. Деведесетите години тие групи беа создавани во Кочани, потоа ги кренаа на ниво на цела Македонија.
Околу гласините дека во Кочани има две-три семејства кои имаат се под контрола и кои се тие, Лефков вели дека е точно дека има семејства кои контролираат одредени процеси.
„Тие биле политички активни ликови во СДСМ. Тука е едно семејство на поранешен пратеник на СДСМ, Ванчо, стопанственик од Кочани, а од страната на ВМРО-ДПМНЕ ако се извлече како моќен лик е поранешниот градоначалник Ратко Димитровски. Сегашниот градоначалник, Љупчо Папазов беше директор на Комуналното претпријатие и беше лицето кое беше контакт со централата во Скопје“, вели Лефков.
Околу тоа дека јавноста е сведок на обидите за лично оцрнување на независни медиуми, новинари, па и закани кон нив поради нивната критичка обсервација и откривањето на корупција, Лефков вели дека тоа било присутно, го има и ќе го има.
„Тоа што ние како општество и новинари треба да се бориме е да зборуваме за тие права. Тоа е начинот на којшто се чуваат правата и новинарското право за известување не е еднаш за секогаш дадено и за тоа треба да се избориме. Тие не не гледаат нас како пријатели. Ако можат да не искористат за нивни ПР тогаш е ОК, а ако не можат да не искористат тогаш ние сме нивни непријатели. И така ќе не гледаат и така ќе не третираат. Искрено не верувам дека тие имаат поголема општествена свест. Огромен дел од нив се влезени за да решат приватни финансиски проблеми, да се обезбедат за 5-6 генерации и тоа е. Не можеме од нив да очекуваме да придонесат за развојот на општеството, за развојот на граѓанните, за развојот на државата. 40 години не убија со оваа корупција. Кога ќе се споредиме до каде отиде една Словенија може да констатираме дека не убија со таа корупција“, смета Лефков.
Говорејќи за тоа колку реално може да се очекува рестартирање на системот за проблеми кои со години се наталожувани, Лефков смета дека несреќата во Кочани преставува едно будење и отрезнување.
„Катастрофите се едно будење и отрезнување. Ако ништо не се промени нивниот број ќе се зголемува затоа што видовме дека системот не функционира. Не функционираше во Модуларната болница во Тетово, не функционираше системот за „Беса транс“ кога живи изгореа луѓе кои патуваа, не функционираше и во случајот со „Дурмо турс“ и така кататрофите се редат. Затоа што некој со „Дурмо турс“ не си ја завршил работата на техничкиот преглед, затоа што полицаец не го сопрал „Дурмо турс“ да го изнесе на техничка контрила, цариниците во Бугарија не го исконтролирале добро автобусот на „Беса транс“ за да видат дека има запаливи материи… Целиот систем на контрола е девастиран. Имаме инспектори, полициски инспектори, за животна средина инспектори што се лесно поткупливи, за едно кафе се продаваат“, вели Лефков и додава дека митоманијата стана стил на живот затоа што ние како граѓани тоа го толерираме.
„Ако ние тоа го пријавиме каде што треба да го пријавиме, и ако тој орган го следиме во постапувањето со тоа дело, тие нема да се осудат да го прават тоа. Има голема вистина во тоа дека во моментот кога ќе го пријавиш ти си спасил државни ресурси. Милијарди годишно ние губиме поради корупција. Кога се тоа тоа ќе го поделиш на денови и часови и секундата кога тоа ќе го пријавиш ти си спасил нешто. Системот е како автомобил, ако го оставиш сам да се движи без да го управуваш, тој ќе заврши во ендек. Ние така завршивме сега со катастрофата во Кочани. Корупцијата не убива секој ден“, вели новинарот Горан Лефков.

-Она што можеби Македонија треба да го копира од Србија е формирање на регистар на наши македонски лекари секаде низ светот. Србија секој мај организира конгрес на Српска медицинска дијаспора и главен покровител е кралското семејство на Република Србија. Така што многу години сум бил учесник и сум имал прилика да видам дека од САД доаѓаат дваесетина Срби, а тие не доаѓаат сами. Носат барем по уште еден Американец и кога ќе соберете 400 или 500 умни глави на едно место секако дека ќе дојдете до некои убави и пријатни решенија, вели д-р Коцев.
„Не знам дали знаете, Кочани има полуконцертно пијано, но Кочани нема ни четвртина апарат за комјутеризирана томографија. Значи Кочани како подарок доби КТ апарат којшто повеќе од 20 години бил во функција на Клиниката за неврологија и Клиниката за неврологија го донираше тој апарат на Кочанската болница. Нормално сите се израдуваа, тоа не е мала работа, но тој е стар апарат и никој тоа не го спомна. Се изврши промоција, се ветуваа кули и градови, се ветуваше дека апаратот ќе работи 24/7, дека тој апарат ќе послужи за дијагностика на сите болести, на сите органски системи. Не знам каков е тој апарат, но вие не можете да работите на дијагностика на болестите на кардиоваскуларниот систем ако тој КТ апарат нема барем 64 детектори. Не слушнав дека некој тоа го спомна, не слушнав колку детектори тој има, не слушнав како средниот медицински персонал и групата на радиолошки техничари од Кочани се едуцираше за тој апарат, и тој не проработе никогаш. Значи таа вест ги пополни сите весници, но никој не спомна дека Кочани во тој момент имаше само еден специјалист по радиологија кој едноставно физички не може да стигне да го работи тоа. Ако немате КТ апарат во современа смисла на зборот вие немате Болница и верувам дека не можете да се пофалите со фактот дека сте град.
-Значи нам не ни треба полуконцертно пијано, сакаме концертно пијано, не сакаме четвртина КТ апарат, туку сакаме КТ апрат. Тоа е скапа работа и некој тоа мора да го каже јасно и гласно. Значи мора да се погледнеме во огледало, да се прашаме себе си дали ние можеме да го постигнеме нивото коешто го сонуваме. Ако сме сиромашни тоа мора да го признаеме и мора да знаеме дека тоа е скапа дијагностика, дека медицината во целиот свет е исклучително скапа и дека некои работи за нас се можеби навистина недостижни, дека ние со тоа мора да се помириме. Не би сакал да верувам во тоа. Јас сонувам за една друга Македонија, многу поинаква. Практично мојата перцепција за Македонија во многу нешта се разликува од реланата слика во Македонија“, вели д-р Коцев.

„Инспекциските служби како институции не потфрлиле, можеби поедницни вработени во службите, за коишто истрагата е во тек и ќе покаже кои и зошто, со име и презиме, требале да го врши надзорот и зошто не го извршил. Но треба да бидеме свесни дека инспекциските служби се само една алка од синџирот во контролирањето на субјектите на надзор“, изјави во „Трилинг“, Даниела Рендевска, Претседателка на Инспекциски совет околу тоа дали требаше ваква трагедија да се случи за инспекциските служби да се мобилизираат, а и во јавноста се има впечаток како да имало ноншалантен однос и прогледување низ прсти на одредени институции, кафулиња, згради…
На прашањето од што се плашат инспекторите и дали и тие самите се дел од алката на корумпирани институции, Рендевска вели дека истрагата сама ќе покаже.
„Не би би шпекулирала. Сигурно имало некакво влијание, но тоа истрагата треба да го покаже“, додава Рендевска.
Претседателката на Инспекцискиот совет вели дека тие немаат надлежност да одредуваат каде ќе оди инспекторот, туку тоа го прави неговиот претпоставен по претходно донесен годишен план за инспекциски надзори која што се утврдува согласно методологија за проценка на ризик.
„Угостителството е проценето со среден ризик. Проценето е така бидејќи согласно Законот за угостителска дејност, угостителите се тие коишто се должни да гарантираат дека ги исполнуваат минимално техничките услови“, вели Рендевска.
За тоа каде е вината што се толерира работење на кабаре, дискотека, се издаваат дозволи за работа кои во меѓувреме им истекува лиценцата а објектот проддолжува да функционира, Рендевска вели дека се работи за неусогласеност на законите.
„Се работи за аномалии во законската регулатива. Законот за угостителска дејност никаде стриктно не пишува кога инспекторот треба да излезе, колку пати годишно. Има различни толкувања дека 15 дена пред да започне со работа угостителот должен е за исполентоста на минималните технички услови да ги достави и до Државниот пазарен инспекторат. Се претпоставува, но нема законски пропишано обврска дали во рок од тие 15 дена инспекторот треба да отиде и да ја провери исполнетоста на минималните технички услови или тоа е слободно толкување – кога ќе може да го провери и слично, вели Рендевска.
На директното прашање каде го гледа пропустот во случајот со Кочани и дали можело да се избегне ваква трагедија, Рендевска вели дека можело ако прво самиот угостител бил свесен што прави – а продавал карти за капацитет на гости којшто го немал.
„Тој бил свесен дека немал две излезни врати, односно едната цело време била затворена, се употребувале пиротехнички средства за коишто претходно требало да се има дозвола“, вели Рендевска.
„Угостителот најмил Агенција за обезбедување. Законот за угостиелска дејност убаво кажува што е должен. Тој или обезбедувањето има право да ги легитимира. Во законот за угостителска дејност, мислам дека беше член 15 стои за што се е должен угостителот. Тој може да проверува и дали има малолетници. Јас не сум обвинител или судија, истрагата ќе покаже“, смета Рендевска.

„Ќе продолжиме со изразувањето револт. Во тек сме со состаноци каде ќе определиме во која насока ќе се одвиваат нашите активности. Дали тоа ќе бидат протести, дали други начини на изразување на револтот, дополнително во рамките на организацијата тоа ќе го договориме“, вели за „Трилинг“, Умејр Мухамеди од граѓанско движење „Кој е следен“.
За тоа што беше главниот мотив и што највеќе ги испровоцирало да излезат на улица, Мухамеди вели дека тие излегле под мотото „Системот е следен“ и нивното вмрежување почнало за време на протестите околу трагедијата каде животот го изгуби младата Фросина Кулакова.
„На тој протест видовме дека постои еден акумулиран гнев кај луѓето и спонтано се здруживме. Сметавме дека и понатаму треба да дејствуваме, организиравме состанок и ги определивме нашите цели. Сега се случи ова со Кочани, па другите активности ги ставивме на мирување. Сега фокусот ни е околу трагедијата во Кочани, којашто е најголема трагедија во историјата на државата со оглед на тоа што животот го изгубија голем број на млади луѓе“, вели Мухамеди и потенцира дека целта на власта е да се дискредитира движењето „Кој е следен“.
„Ние немаме партиски барања и не сме партиски поврзани. Нашето дејствување секако дека е политичко со самиот факт што ние предлагаме барања. Одиме со главното мото ‘Системот е следен’, ‘Системски промени’. Првично треба да знаеме што е тоа систем и за што збориме. Најпросто да го дефинираме системот е како збир на правни правила, правни норми, начини на дејствување, на постапување итн…, со кои се уредуваат општествените односи во една држава. Целта на системот е на тие граѓани во таа територија да им обезбеди правна сигурност, безбедност, правда, да промовира вредности. Сега сме во ситуација каде не сме безбедни да излеземе на улица, бидејќи може некој да не згази. Не сме безбедни да одиме на лекар, бидејќи може да ни дадат погрешна терапија. Ние не сме безбедни да одиме во дискотека, ресторан итн.,, бидејќи може да се запали. Ние не сме безбедни никаде, вели Мухамеди.
„Неколку политички партии излегоа со став дека ги поддржуваат протестите, но ние се оградуваме од сите политички партии, особено од СДСМ, затоа што беа дел од системот и се дел од системот. Нивната поддршка воопшто не ни е потребна. Ништо не може да ни помогне, може само да ни одмогне. Ние се оградуваме од сите такви прес конференции на политички партии каде се спомнува името на ‘Кој е следен’. ‘Кој е следен’ е неформална организација, спонтано настаната, додава Мухамеди.
Говорејќи за изјавата на премиерот дека во Македонија ќе се случи народ доколку Обвинителот и членовите на Судскиот совет не поднесат оставка, Мухамеди вели дека Премиерот не смее да се меша во Обвинителството и Судството.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.