(Видео) Трилинг: Дали, кој и зошто го следел Христијан Мицкоски

➡Во првата емисија од новата сезона на магазинот „Трилинг“ гостуваат универзитетскиот професор, кривичарот, д-р Гордан Калајџиев со кого разговараме за најновата афера со наводното прислушување и следење, декласификацијата на информациите, безбедносните ризици, и подготвеноста на нашите институции да се справат со нив. Прашуваме и за злоупотребите на државните функции, правните лавиринти низ кои високи функционери го наоѓаат начинот да ја избегнат одговорноста и колку судско-обвинителскиот систем е подготвен да одговори на овие предизвици како и политичко-полициските замешателства во случајот со пожарот во Кочани. ➡Со Марија Стоилковска, девојка со оштетен вид разговаравме за тешкотиите низ кои проаѓа во суровото македонско секојдневие, храброста и упорноста да се истрае во намерата да се успее без оглед на сите препреки и сопки низ кои луѓето со хендикеп како по правило се соочуваат во нашата држава. ➡Во третиот дел една од темите беше и технолошка револуција, односно вештачката интелигенција и какви се предизвиците кои ни престојат со нејзината употреба. На оваа тема разговараме со Валентина Тасева, извршна директорка на Семос едукација. ➡Последниот дел е наменет за новата рубрика „Знаење што менува“. За најновите ИТ трендови, дигиталната трансформација, вештачката интелигенција. Сето ова не е научна фантастика, напротив е реалност и дел од секоја професија. Таа е новиот неопходен јазик. Соговорник во „Трилинг“ е Петар Пејовски, дата и ВИ специјалист.

Во првата емисија од новата сезона на магазинот „Трилинг“ гостуваат универзитетскиот професор, кривичарот, д-р Гордан Калајџиев со кого разговараме за најновата афера со наводното прислушување и следење, декласификацијата на информациите, безбедносните ризици, и подготвеноста на нашите институции да се справат со нив. Прашуваме и за злоупотребите на државните функции, правните лавиринти низ кои високи функционери го наоѓаат начинот да ја избегнат одговорноста и колку судско-обвинителскиот систем е подготвен да одговори на овие предизвици како и политичко-полициските замешателства во случајот со пожарот во Кочани.

Со Марија Стоилковска, девојка со оштетен вид разговаравме за тешкотиите низ кои проаѓа во суровото македонско секојдневие, храброста и упорноста да се истрае во намерата да се успее без оглед на сите препреки и сопки низ кои луѓето со хендикеп како по правило се соочуваат во нашата држава.

Во третиот дел една од темите беше и технолошка револуција, односно вештачката интелигенција и какви се предизвиците кои ни престојат со нејзината употреба. На оваа тема разговараме со Валентина Тасева, извршна директорка на Семос едукација.

Последниот дел е наменет за новата рубрика „Знаење што менува“. За најновите ИТ трендови, дигиталната трансформација, вештачката интелигенција. Сето ова не е научна фантастика, напротив е реалност и дел од секоја професија. Таа е новиот неопходен јазик. Соговорник во „Трилинг“ е Петар Пејовски, дата и ВИ специјалист.

Фото: Трилинг / проф. д-р Гордан Калајџиев

-Однапред тешко е да се каже дали е на повидок нова партиско-полициска афера или се работи за „фингерајка“ за дефокусирање на јавноста, но она што може да го извлечеме како заклучок е дека работите се појавуваат како инциденти и афери. Она што е очигледно е дека во суштина постои некаков континуитет на беззаконие, недоволна контрола и законско и професионално постапување на службите кое што влече корени уште од стариот систем и кое во суштина никогаш не беше ни вистински реформирано, вели за „Трилинг“ универзитетскиот професор, д-р Гордан Калајџиев, околу последната афера поврзана со наводното следење и прислушување на функционери и јавни личности.

Околу наводите од тогашниот опозиционер а сегашен премиер Мицкоски дека бил предмет на безбедносна опсервација Калајџиев вели дека дипломатско-конзуларните претставништва по дефиниција вклучуваат разно разни агентури, разузнавачки служби и тие непосредно комуницираат и со партиите и со високи партиски фигури и теоретски е можно да нема злоупотреби и покрај тоа што можеби на еден или друг начин бил евентуално и следен.

-Теоретски е можно да нема злоупотреби и покрај тоа што можеби на еден или друг начин бил евентуално и следен. Вие знаете дека дипломатско-конзуларните претставништва по дефиниција вклучуваат разно разни агентури, разузнавачки служби и тие непосредно комуницираат и со партиите, така што во следење на нивните активности не е чудо да се јават како таргет или како некој што упаднал во тие ситуации и високи политички фигури. И тоа не е лошо, ниту забрането доколку е „bona fide“ според професионални критериуми зависно од ситуацијата. Проблем е ако тие надвор од безбедносно-професионалните, од аспект на чиста злоупотреба, се ставени на опсервација за да се оцрнат. Затоа можни се и двете ситуации“, вели Калајџиев.

Прашан дели смета дека Обвинителството е инертно и не реагира по допрен глас во однос на актуелниот случај за наводното прислушување, Калајџиев вели дека обвинителите немаат лесен пристап, но верува дека како што и самите истакнале, дека случајот ќе се расчисти во некој догледен период.

„Затоа е добро нивната работа да оди паралелно со работата на парламентарната комисија и на некој начин да се „подбуцнуваат“, а јавноста да остане заинтересирана“, вели Калајџиев.

Фото: Трилинг / проф. д-р Гордан Калајџиев

За тоа каква разврска очекува, Калајџиев смета дека по природа на нештата шансите да да дознаеме се, зависи од самата природа на случајот.

„Јас не верувам дека сега државата има интерес да обзнани кој се комуникации се следени кај Мицкоски или било кој друг. Имаме еден посериозен проблем што дури на ниво на државата не ни е до крај јасно, бидејќи овие работат против непријателски служби и условно кажано непријатели на државата, ние уште не сме го надминале проблемот – кој тоа професионално и неполитизирано би ги определил вистинските непријатели и пријатели против кој делуваат тајните служби. Дали на пример израелските служби се пријателски или непријателски особено во овој контекст каде што практично таа држава е еден агресор.

-Од тој аспект аспект гледано мислам дека државава не може да си дозволи да се конфронтира со служби коишто се битни, пред сѐ мислам на западните држави. Затоа мислам дека ние вистината тешко би можеле да дознаеме зошто некои лица се следени и затоа мислам дека ќе се затвори без пошироката јавност да дознае повеќе што можеби е добро. Затоа велам дека е деликатна природата на целата оваа работа“, вели проф. Калајџиев и нагласува дека кога во државата би имале поголем степен на професионализам би имале многу помалку проблеми.

На прашањето зошто се има противење и скепса околу процесот на декласификација на содржината на прислушуваните разговори, доколку бил прислушкуван и следен, Калајџиев вели дека има Комисија за следење на комуникациите, која не е активирана иако не е јасно дали е во прв ред проблем прислушување или во случајов следење.

„Ако е прислушување, има посебна комисија за следење на комуникациите која сега не е активирана. Инаку е добро што таа комисија теоретски е можно да ангажира експерти, за разлика од оваа по општата Комисија за надзор којашто на по генерален план ја испитува законитоста на работењето на службите, но која што има сериозна слабост прво со тоа што политичарите што се пратеници немаат искуство и познавање од работата на службите и е прашање без надворешна помош на експерти дали воопшто може да се снајдат во контролата“, вели Калајџиев.

Осврнувајќи се на изјавата на премиерот дека никој од поранешните функционери нема да одговара дури и ако се измени Кривичниот законик Калајџиев вели дека малку се фетишизира таа слабост околу тие измени.

„Едно се реторики друго е вистината. Ние видовме и низ предметот со Кочани дека иако власта зборуваше во стилот „и брат да ми е ќе одговара“ се трудеа до последно, многу жилаво и многу безобразно, да ги заштитат своите кадри – од челниците на МВР до началниците и другите кадри па се удри на сметка да се приведуваат невини луѓе во однос на конкретниот настан“, вели Калајџиев.

Фото: Трилинг / Марија Стоилковска

„Доколку си лице со било која попреченост, во случајов со оштетен вид значи да бидеш зависен од помошта на семејството, да не можеш да бидеш вклучен во никакви збиднувања во нашето општество како што се забавните, културните. Тоа значи и да не можеш да побараш вработување, затоа што ако го направиш тоа добиваш одговор дека лицата со попреченост не можат да работат одредени професии. Јас кога ќе излезам од нашата куќа наоѓам на луѓе кои ме сожалуваат, што сметам дека е погрешно. Мислам дека лицата со попреченост не треба да се сожалуваат туку треба да се мотивираат затоа што како и сите и тие можат да работат“, изјави за „Трилинг“ храбрата Марија Стоилковска, девојка со оштетен вид која дипломирала политички науки.

Марија говореше за проблемите при запишувањето на факултет.

„При УКИМ ме одбија со изговор дека немам положено државна матура, иако ние знаевме дека лицата со попреченост не го полагаат тој предмет/испит. По одбивањето на УКИМ поразговаравме и дознавме за двојните дипломи на ФОН. Во другиот уписен рок дојдовме да се запишеме и одлучив да се запишам на политички науки. Добив стипендија и бев прв студент оштетен вид и попреченост со кој професорите се имаа сретнато“, изјави Стоилковска.

Фото: Трилинг / Марија Ѓуревска

Нејзината асистентка Марија Ѓуревска вели дека со Стоилковска е седум години, од 2018., односно од самиот почеток кога во Македонија беше воведена асистенцијата.

„Од тогаш работиме заедно. Обично пет дена во текот на неделата и сега за сега добро функционираме“, вели Ѓуревска.

За тоа колку образовниот систем и општеството воопшто е подготвено за лицата со оштетен вид, асистентката на Марија вели дека има пречки но и дека сега за сега добро се снаоѓаат.

„Излегуваме секојдневно надвор од домот. Е тука наидуваме на чудни погледи од луѓето, знаат да се завртат, Марија го забележува тоа. Професорите на факултет се консултираа со мене бидејќи беа неподготвени, односно сѐ уште не знаеја како да и пристапат, да и помогнат полесно да ги сфати материјалите и можам да кажам дека од ФОН наидовме на огромно разбирање“, вели Ѓуревска.

Фото: Трилинг / Валентина Тасева

„Нашата земја низ годините не е назад во поглед на едукација на ИТ кадарот. Многу пати сме создале нови индустрии како софтвер тестерите кои беа доста популарни и допринесоа кон севкупната економија на државата, допринесоа кон извоз на сервиси, на услуги, на дополнителни пари кои стигнаа во нашата држава. Но сега се случува глобално, па и кај нас, тренд на примена на вештачката интелигенција (ВИ) и тој тренд и кај нас е видлив, сеопфатен, но сѐ уште има доста простор

-Деновиве имав многу дискусии дали нашите компании и нашите граѓани знаат за тоа што е генеративна вештачка интелигенција. Тоа всушност е „промптинг“, односно оној начин на разговор што го имаме секојдневно со ЧетЏПТ или со било кој друг програм на вештачката интелигенција, но таа не завршува тука. Тоа значи дека нас ни е потребна понатамошна едукација, понатамошен развој како за индивидуалците така и за компаниите за тоа што значи ВИ како начин за примена, не само во технологијата туку и во бизнисот, изјави за „Трилинг“ Валентина Тасева извршна директорка на Семос едукација.

Фото: Трилинг / Валентина Тасева

Тасева за „Трилинг“ говореше и за тоа дали и колку вештачката интелигенција ќе допринесе во зголемување на БДП-то.

„Многу е важно како ќе го искористиме ова знаење. На пример во Англија 360.000 луѓе се занимаваат со ВИ. Стратешка определба на државата е да се движи кон вештачката интелигенција. Ќе ги споредиме ЕУ и САД. Европската унија, Европската комисија интензивно вложуваат во сите знаења за ВИ со цел да ги држи земјите членки конкурентни на остатокот од светот.

-Ние како земја, со оглед на нашата големина, со оглед на тоа дека светот е неограничен денеска и нашите знаења се неограничени, апсолутно треба да ја видиме ВИ како можност да го зголемиме својот БДП. И не само тоа. Може да допринесеме младите да се вратат назад, може да допринесеме кон подобра бизнис клима, кон зголемена продуктивност и тн. Значи на многу нивоа може да ни помогне да имаме дополнителен развој.

Фото: Трилинг / Петар Пејовски, DATA и AI специјалист

-Вештачката интелигенција не е научна фантастика. Тоа е реалност и ќе биде дел од секоја професија. Ако децата го учат тоа порано, тие не учат само да го користат туку и да го разберат. Кога детето ќе сфати дека може да ја користи за да направи домашна работа, да создаде цртеж или да си смисли нова игра, тоа е момент кога технологијата станува алатка за креативност, а не само играчка.

-Една од најчестите заблуди е дека ВИ е опасна за децата. Јас би рекол дека опасно е ако децата не ја разбираат. Кога ќе ја разберат и кога ќе научат да ја употребуваат правилно тоа е супермоќ, вистинска супермоќ!

-И уште една практична порака до родителите: Започнете со мала промена. Седнете заедно и направете еден мал проект. Нека биде некоја едноставна игра. Ќе видите како ќе му засветат очите на детето. И тоа е најдобриот доказ дек учењето може да биде и забава и иднина.

-Кога почнуваш млад, технологијата ти станува на некој начин природен јазик. Исто како кога ќе учиш странски јазик. Кога си помлад најлесно е. Плус ако тогаш направиш грешка во Ексел веројатно никој нема да ти ја смета како финансиски скандал.

-Денес дигиталната писменост е како да знаеш да пишуваш и читаш. Без неа си изгубен. Децата не мора сите да станат програмери, но мора да знаат како да се снајдат во дигиталниот свет каде што се е поврзано, вели Петар Пејовски, DATA и AI специјалист.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото