
(Видео) Трилинг: Дали гнилиот систем ни ги уби децата?
Ќе се извлече ли поука од од трагедијата во Кочани? Гневот, бесот и смртта на млади луѓе нема да ги излечат лузните, но ќе отворат ли пат за конечно да разбереме дека толерирањето на беззаконието, корупцијата и криминалот може да предизвикаат последици од невиден размер како оваа трагедија, која ќе остави печат во поновата македонска историја.
Ќе се извлече ли поука од од трагедијата во Кочани? Гневот, бесот и смртта на млади луѓе нема да ги излечат лузните, но ќе отворат ли пат за конечно да разбереме дека толерирањето на беззаконието, корупцијата и криминалот може да предизвикаат последици од невиден размер како оваа трагедија, која ќе остави печат во поновата македонска историја.

Сведоштво на маратонецот Игор Јакимовски: Да газиш преку мртви, да гледаш јагленосани тела, локви крв, да ги пакуваш и да им пишуваш имиња и презимиња, да ги товариш, да гледаш семејства како се распаѓаат, како не им се живее повеќе, така изгледаше траорната слика, по пожарот во кочанската дискотека, во кочанската болница. Правевме максимум да помогнеме да се спасат сите оние од очајот.
„Доволно беше во одреден момент едно шише вода да дадеш некому, доаѓаа возила со пијалоци, со вода, се носеа столчиња од ресторани, имаше и ќебиња бидејќи утрото беше студено. Значи многу работи се случуваа со брзината на светлината. Ете јас се се ставам последен, но им оддавам признание на сите што беа од Црвен крст, од МВР, болничари, доктори, медицински сестри, шофери на брзата помош. Имаше млади медицински сестри на кои јас би им дал признание за животно дело, додава Јакимовски.
-Сега гледаме дека нешто се прави, има конкретни акции, но дефинитивно треба нешто да се направи и тоа сите ние треба да го направиме. Институциите се тие кои треба да го спроведат тоа, но верувајте ми дека јас како граѓанин, родител, на било каков начин, дали со воспитување на сопственото дете, дали професор со воспитување на целото одделение, дали било каков лидер на некоја група, ние сите мора нешто да направиме и да доведеме се во ред, за да не доаѓа до ова. Па од ова не може нешто пострашно да има за да ни се отвори таа визија за нормален живот. Сите како дел од општеството мора да направиме се за да имаме подобро утро. Тука мора да се преземе нешто.
-Јас тргнувам од себе. Еве јас велам дека јас се гледам виновен затоа што сум родител и можеби како родител треба нешто повеќе да направам за моето дете. Иако тоа е полнолетно, чувствувам вина дека можеби не сум обрнал внимание во онаа мера во која што треба. Така би го дефинирал тоа и во иднина ќе се посветам онаму каде што се чувствувам лидер, во спортот, да делувам на моите спортисти коишто ги тренирам, вели Јакимовски.
„Години на молк водат до минута молк“, ќе констатира Мерсиха Шукри од Македонската филхармонија.
„Многу јасна порака. Тоа е тоа. Треба да се биде толерантен, но прашање е до кога и до која граница. Ова треба сите на разбуди. Дефинитивно треба добар „шамар“ да ни биде на сите. Мора да се освестиме, мора да преземеме нешто. Еден град е погребан во Македонија. Јас така го чувствувам Кочани. Тоа што го видов јас во неделата можам слободно да се изразам дека на тој град можеби ќе му треба цела генерација за да почне да живее. Не пет или десет години – цела генерација да се смени. Ќе требаат години и години за тој град да почне да живее нормално, вели Јакимовски.

Во магазинот „Трилинг“ политичарот Ивон Величковски вели дека зад оваа трагедија виновниците треба да се бараат во неколку гарнитури предводени и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и потсетува на „франкфуртската мафија“, случајот „Детонатор“…
-Забележувате дека во Кочани, можеме слободно да зборуваме и за тој триаголник со Велес и Свети Николе, функционираше една т.н „Франкфуртска мафија“ којашто не може да биде дел од организираниот криминал доколку државата не стоеше зад неа. Сетете се за улогата на Кочани во минатиот систем и кои се служби беа распоредени во него и кој беше третманот на т.н источниот дел од караулата на тогашна СФРЈ кон Бугарија и кон Албанија. Едноставно треба да зборуваме за фактите. Таа мафија не се јави сама по себе и нејзините последици ги гледаме денеска во Кочани.
-Организираниот криминал е тој кој овозможи ниту судство, ниту обвинителство да не регистрираат обиди за рекетирање, за насилничко однесување и слично.
-Таа мафија, вели Величковски, беше трансформирана, но не значи дека не постои.
-Таа функционирала во мандати на најмалку три или четири локални самоуправи, раководени и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Таа функционирала и во Министерство за економија раководено и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Таа цело време требала да биде инспектирана, како и сите други угостителски објекти. Но зошто не било тоа така? Дали е тука сплетот на организираниот криминал кој најлесно ги наоѓа своите патишта во таквите делови од ноќниот живот. И конечно да се запрашаме дали потоа се перени пари кои понатаму се движеле, било низ градежништо, било низ игри на среќа и биле пуштени во легалниот промет.
„Не е точно дека сите сме виновни“, вели Величковски и додава дека виновни се тие коишто ќе бидат најдени во една ваква истрага којашто ќе биде многу поголема и од тие причини смета дека премиерот Мицкоски одби меѓународна истрага.
– Кога власта вели тргнавме и нема запирање и кога велат имаме голема мафија, Величковски вели власта да каже кој е капо ди тути капи во државата.
„Ние ги охрабруваме во тоа, но да се соочиме и со другите факти. Штом тоа го велат, значи дека знаат. Штом знаат, значи дека имале допир со неа. Можеби ги имаат во своите структури, партиски, политички. Можеби се инсталирани во државните, правосудните органи.

На крај универзитетската професорка пак, Неда Здравева, зборува за мирниот собир на студентите, упадот на власта на платото пред УКИМ, но и за правните аномалии и ноншалантноста на сите власти, без исклучок, кои во изминатиов период поради неделување дозволија ваква голема несреќа да ни се случи.
Говорејќи за тоа дали несовесноста, неодговорноста, алчноста, аматеризмот на речиси сите досегашни власти не доведоа во ситуација оваа трагедија да ни ги открие длабоките системски пропусти, Здравева со став дека ова е дното на сето ова.
„Се надевам дека нема уште некое дно под ова дно, бидејќи на сето ова ситемското нефункционирање на системот или пропаѓањето, немањето на систем, не е нешто ново што сега ние одеднаш го откривме или го видовме. Свесни сме децении наназад дека работите не функционираат онака како што треба. Сведоци сме и гледаме кога законите не се спроведуваат. Некогаш реагираме погласно, некогаш сме потивки во тоа“, вели Здравева и додава дека не било прашање дали нешто вакво ќе се случи, туку кога и во каква форма.
Околу тоа дека преку моќта на емоциите, а сега премиерот создава надеж и вели дека ако треба од дома за уши ќе ги вадиме, дека нема враќање назад – или Македонија или мафијата, како и изјавата на Црвенковски во деведесетите за кратење на пипците на „октоподот“, и како сето тоа заврши, проф. Здравева вели дека ова не е ваков прв говор.
„Излегуваат со разно-разни емотивни обраќања, особено во тешки ситуации, дека – готово, ова е последно и никогаш повеќе. Но 35 години ја слушаме истата приказна и стигнавме до оваа ситуација. Не требаше ова да се случи за да кажеме дека законите ќе се спроведуваат онака како што треба. Не треба да чекаме вакви моменти за да ја покажеме нашата одлучност да се справуваме со општествените девијации. Таа одлучност треба носителите на функции да ја имаат во првиот момент кога ќе се нафатат да ја вршат таа тешка и одговорна задача, смета Здравева и додава дека ситуациите на помпи и апсења од пред десетина години очигледно е дека сѐ уште се реалност.
За тоа дали е возможно во оваа колективна трагедија да се управува со гневот на луѓето и да се релативизира одговорноста на власта, Здравева вели дека не знае како воопшто може да се управува со гневот, бесот, со тагата.
„Деновиве прочитавме експертски мислења за тоа како тоа се прави и што треба на граѓаните да им се овозможи, но не мислам дека во ваква ситуација треба да се вклучат т.н ПР машинерии и ако се вклучени мислам дека погрешно работат, заради тоа што секоја работа што е ставена под тепих на крајот излегува планина од којашто сите ќе се сопнеме. Граѓаните единствено бараат работите во оваа држава да функционираат – без привилегии за никого. Законите да важат за сите подеднакво, без разлика кој чиј е, од која партија и сл. При тоа морам да кажам дека се научивме да подзамижуваме или некои работи коишто се случуваат да ги сфаќаме – ете така е, се случува“, вели универзитетската професорка и претседателка на Хелсиншкиот комитет, Неда Здравева.
Целото издание на магазинот „Трилнг“ погледнете го видеото.