(Видео) Трилинг: Гаранции за уставните промени со одложена примена – (не)возможна мисија

На македонските прашања им се потребни многу енергија и визија, сеопфатен проект и стратегија за државата до 2050 година, повика Христијан Мицкоски. Инаку во МАНУ и на универзитетите има најмалку стотина сериозно изработени стратегии, за јазикот, името, демографскиот развој, рударството, енергетиката... Но кој воопшто читал и применувал. Дали воопшто премиерот заборавил или пак не знае дека сепак во државата се работат стратегии, но колку тие се применуваат во секојдневието и за перспективата и иднината на оваа држава?

Во Јули пред две години, Фон дер Лајен во македонскиот Парламент – „Европа ве чека. Вашата земја е на пат да стане членка на ЕУ. Тоа го сака младата генерација. Европската унија не е целосна без Северна Македонија“.

Тогашните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, пред усвојувањето на „Францускиот предлог“, на своите гради, бунтовно, ги имаа испишано најпатриотските македонски пораки. Две години потоа, премиерот Мицкоски на панел во Австрија со помалку иронична интонација побарал – ако „Преспанскиот договор“ беше ремек дело на европската дипломатија, нешто брилијантно, зошто да не го реплицираме? И уште испоставил и реципроцитет – зошто да го смениме македонскиот Устав во време кога Бугарија не го прифаќа тамошното македонско малцинство? Фон дер Лајен и Мицкоски, пред себе имаат полни, целосни мандати да учествуваат во новите тектонски и геостратешки потреси во Европа. Но кој и како ќе ги надживее?

Во средата на 23 Октомври е одбележан денот на револуционерната борба во Македонија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со една порака и иницијатива – Ајде да се обединиме и заеднички да носиме одлуки за иднината, бидејќи друга татковина немаме. Можеби и ова е знак дека Мицкоски сака и да ја сподели одговорноста да се обезбеди политички консензус за важните одлуки што ќе мора да ги носи.

Премиерот со јавен повик до МАНУ и универзитетската заедница.

На македонските прашања им се потребни многу енергија и визија, сеопфатен проект и стратегија за државата до 2050 година, повика Христијан Мицкоски. Инаку во МАНУ и на универзитетите има најмалку стотина сериозно изработени стратегии, за јазикот, името, демографскиот развој, рударството, енергетиката… Но кој воопшто читал и применувал. Дали воопшто премиерот заборавил или пак не знае дека сепак во државата се работат стратегии, но колку тие се применуваат во секојдневието и за перспективата и иднината на оваа држава?

Изет Меџити: Уставни измени ќе има

Изет Меџити

„Добри се посетите. Оваа Влада е про-европски ориентирана за да зачекориме по тој пат, за да фатиме чекор со Албанија и со другите, рече Изет Меџити, потпретседател на Владата и министер за животна средина, на прашањето дали посетата на Фон дер Лајен треба да ја сметаме како утешителна или стимулативна откако Албанија ги почна преговорите со ЕУ.

„Политичкото прашање се уставните промени, односно да се вметне бугарската зедница во Уставот, но има доста делови коишто треба да се сработат во сите поглавја, во сите области. Тоа подразбира секаде. Администрација, животна средина, правна држава, и со тоа да се доближиме до европските стандарди, смета Меџити.

„Мислам дека до сега никој не оспорил дека Бугарите треба да бидат дел од Уставот, туку работата е во деталите. Да нема нови барања, да има некаква гаранција дека тука ќе се заврши. Инаку во принцип сите се ЗА. Тие се фактичка состојба, присутни се тука, ги има и на последниот попис и зошто да ги нема како заедница, заедно со другите заедници во државата, рече Меџити на прашањето дали премерот ја подготвува домашната јавност за компромисно решение и конечно внесување на Бугарите во Уставот.

„Сакам да потенцирам дека граѓаните и државата немаат друга алтернатива. Единствена алтернатива е Европската унија и затоа интензивно работиме со нашите стратешки партнери, внатре во Владата, да се најде најдобриот и најкраткиот пат за да стигнеме до оваа цел“, изјави министерот Меџити.

„Јас верувам дека стратешките партнери и мислат добро на државата и на сите граѓани тука. Секојдневно работиме да се најде најдобриот начин да чекориме кон ЕУ. Јас сум оптимист, мислам и дека Таравари е исто така оптимист, и сето ова води кон побрзо решавање на прашањето, бидејќи друго решение нема“, вели Меџити.

На прашањето и констатацијата дека Европската унија е услов над условите за ВРЕДИ во Владата и дали се спремни да го условуваат Мицкоски, во ситуација кога другиот коалиционен партнер ЗНАМ, народски кажано „не ги есапи“, до тој степен што сметаат дека дури и ако ја напуштат владината коалиција, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ќе може да функционира, за вицепремиерот и министер за животна средина, пологично и полесно е дека може да функционира коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, отколку ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.

„ЗНАМ мислам дека од почеток играат на националистичка карта. Не знам што им треба тоа, бидејќи е несвојствено за нив – произлегуваат од СДСМ, до вчера се бореа за граѓански концепт, сега од еден екстрем на друг, но тоа е нивно право, вели Меџити.

Проф. д-р Бојаџиев: Образованието никој не го разбира сериозно, затоа е во слободен пад

Проф. д-р Марјан Бојаџиев

Македонското образование последниве неколку години е во слободен пад. Ниту еден македонски Универзитет ниту година не се најде меѓу најдобрите 1.000 високообразовни институции на „Шангајската листа“. Таму се најдоа дел од универзитетите во регионот, како што е Белград, Загреб, Нови Сад.

Соговорник во „Трилинг“ беше универзитетскиот професор, ректор на Универзитетот „Американ колеџ“, проф. д-р Марјан Бојаџиев.

„Почнав со рангирање на универзитетите од 2011, кога шангајското рангирање „стана модерно“. Во светот има три популарни рангирања – „Шангајското“, и две се базирани во Лондон – „Кју Ес“ и „Тајмс хајер еџукејшн“. Сите три имаат повеќе или помалку ист модел, а моделот е: Истражување, настава, влијание на заедницата“.

Говорејќи за состојбите во образованието и можните реформи во тој систем, проф. д-р Бојаџиев, вели дека образованието, секоја влада, не го „есапи“ за озбилна приказна, така што никој не се занимава каде треба да биде високото образование денеска.

„Во Македонија не е направена ниту една евалуација на ниту еден Универзитет, Факултет, Институт. Во државава можеби има пет-шест професори што се меѓународни евалуатори, но никој не ги кани да направат нешто. Никој не спроведува некаква евалуација, додава Бојаџиев.

„Само видете во последниве седум години кој се беше министер за образование. Да биде бељата поголема, Македонија отиде во целосна автономија на образованието, министерството нема некоја ингеренција, освен финансирањето, се направи национален Совет којшто треба да има две основни точки – стратегија за развој на високо образование и модел на финансирање. А кај нас националниот совет наместо да се занимава со овие две, се занимаваше со креирање на некакви подзаконски акти, создаваше хаос, така што никој не се бави каде треба да биде високото образование денес, вели Бојаџиев.

Мамудовска: Предрасудите дека сте Ром постојат, но со труд и образование секаде се успева

Сибела Мамудовска

Сибела Мамудовска, најдобра меѓу најелитните на Битолскиот Универзитет, следена од кадровските сектори од неколку компании.

Најпрво се вработила во една од банкарските филијали, но својата професионална кариера ја надоградува. Амбициозната Ромка во магазинот „Трилинг“ раскажува за нејзините предизвици – за македонското образование, за патот до успехот трасиран во својот живот.

„Неодамна бев добитничка на наградата за најдобар студент, на ниво на Универзитетот СВ. „Климент Охридски“ – Битола, што за мене е навистина поттик и понатаму да продолжам да се надоградувам, така што сега сум на завршен стадиум на постдипломски студии на истоимениот Универзитет, што секако за да се стигне до тој успех значеше бројни непроспиени ноќи и многу вложен труд, вели Мамудовска.

„Јас за мене можам да кажам дека полесно го изодев тој пат за да најдам вработување, затоа што претходно бев две години практикант во Стопанска банка – АД Скопје, во филијалата во Битола. Сметам дека тоа беше олеснителна околност за полесно да се вработам во банката, затоа што ги увидоа моите компетенциивели Мамудовска.

„Предизвиците постојат, особено кога сте припадник на ромската етничка заедници, кога треба да се вработите. Постојат низа на предрасуди и стеротипи, но секако јас, но јас не се соочив со таков проблем. Мене лично ми е сатисфакција да се надоградувам себеси и да продолжам со своето образование. Тоа што се надоградував во оваа држава и во текот на студиите имав поддршка од бројни организации и поединци, секако беа пресудни да останам во Македонија и да го дадам својот придонес. Едноставно, сметам дека на некој начин, чувствував и се уште чувствувам должност дека треба на некој начин да и вратам на државата во која што се градев. Тука ми е се познато, тука се родив, изразнав и сметам дека може и тука да се пронајдат можности, како што јас веќе пронајдов, додава Мамудовска, и додава дека сепак работа може да се најде и во помалите градови“, вели Мамудовска.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски, погледнете го во видеото.