
(ВИДЕО) Трилинг: Воен конфликт- можна ли е нафтена и енергетска криза?
➡Во новото издание на „Трилинг“ интервју со Слободан Поповски машински инженер кој работел на гасоводните и нафтоводни линии во сега воените подрачја на Блискиот Исток. Со Поповски разговараме за цената и снабдувањето со нафта, импликациите од кризата, гасификацијата на Македонија и најавата за влез на „Казанџи Холдинг“, турска инвестиција која би градела три когенеративни гасни централи. ➡Синдикатот на културата и министерот Љутков во клинч - кој манипулира, а кој ја говори вистината за платите и колективниот договор на вработените во културата, разговор со претседателката на Синдикатот на културата Вера Атанасовска. ➡Една година по кочанската трагедија, гостинка во Трилинг, Сузана Тунева Пауновска од Црвен Крст.
Во новото издание на „Трилинг“ интервју со Слободан Поповски машински инженер кој работел на гасоводните и нафтоводни линии во сега воените подрачја на Блискиот Исток. Со Поповски разговараме за цената и снабдувањето со нафта, импликациите од кризата, гасификацијата на Македонија и најавата за влез на „Казанџи Холдинг“, турска инвестиција која би градела три когенеративни гасни централи.
Синдикатот на културата и министерот Љутков во клинч – кој манипулира, а кој ја говори вистината за платите и колективниот договор на вработените во културата, разговор со претседателката на Синдикатот на културата Вера Атанасовска.
Една година по кочанската трагедија, гостинка во Трилинг, Сузана Тунева Пауновска од Црвен Крст.

„Подолг период работев за една голема меѓународна компанија којашто се занимаваше со инфраструктурата на нафта и гас, односно во енергетските објекти, не само на Блискиот Исток. На Блискиот Исток бев присутен подолго време, посебно во Катар и Саудиска Арабија, меѓутоа и во други интересни области земјината топка, што се непосредно поврзани и со нафта и со гас, како на пример Југоисточна Азија, Виетнам, Малезија, но и уште поспецифично, во големите центри во Африка, како Алжир, со најголемата компанија за нафта и гас во Африка – „Сонатрак“, Мароко, Ангола и тн. Јас бев во улога на технички директор на интернационалниот оддел на таа компанија“, изјави за „Трилинг“ Слободан Поповски, машински инженер кој работел на гасоводните и нафтоводни линии во сега воените подрачја на Блискиот Исток.
Прашан како гледа на сегашните состојби на Блискиот Исток, особено околу нафтата, недостигот на нафта, снабдувањето со нафта и гас, Поповски вели дека многу е рано да се направи проценка дека постои некаков тренд.
„Промената на цената кратко траеше и сега гледаме дека насоката е надолу. Траеше неколку дена кога почна конфликтот и кога завладеа таква паника. Големите производители на нафта, а и на гас, што се наоѓаат во тој регион, имаат огромни капацитети чиешто производство така лесно не може да запре, а дополнително на тоа имаат извонредно развиени складишни и преносни капацитети. Јас мислам дека станува збор за моментално прилагодување, кое согласно развојот на настаните, потоа ќе си го заземе природниот тек. Прашање е само какви ефекти, каде и во кои делови на светот ќе има“, вели Поповски.

Прашан за мислење дали смета дека снабдувањето со нафта нема да биде проблем во наредниот период, иако постојано нејзината цена на некој начин „дивее“, Поповски смета дека нема проблем со снабдувањето и прави анализа.
„На светско ниво дневно се трошат околу 100-110 милиони барели, и сега вие велите ги употребуваме резервите од 400 милиони барели. Колку дена би ви обезбедило тоа крпење ако застане се? Битно е колкава е дупката. Е сега дупката, односно недостатокот на енергенс, мислам дека ќе зависи само од фактот колку време и за колку ќе се намали протокот, а моите информации се дека не е многу забавен протокот низ Ормускиот Теснец, и колку овие 400 милиони што се ослободени ќе го пополнат тоа време. Мислам дека тоа е една резерва не за да се намали недостатокот. Нафта ќе има, деривати ќе има, туку за да се интервенира на цената, бидејќи ако има недостаток тогаш оние што ќе немаат контрола врз ресурсите и изворите, тие економии, фирми, компании, региони и тн. , тие мора да купуваат во тој момент она што е слободно, а тоа се продава на берза и во тој момент тие се најизложени на ризикот дека ќе добијат продукти по највисока, односно берзанска цена“, смета Поповски.
За импликациите врз Европа и регионот, имајќи предвид дека Хрватска и Србија недела донесоа привремена забрана за извоз на нафта и гориво и дали Македонија требаше да ги следи овие чекори, Поповски вели дека тоа најмногу зависи од резервите.
„Доколку резерви има, тогаш треба да се спречи тие да бидат извезени, бидејќи тие резерви се купени пред постоењето на кризата по некоја цена која тогаш била актуелна. Можеби била многу пати пониска од постоечката. Јас не би знаел дали Македонија има доволно резерви, но она што мене ми падна во очи, е што поведени од паниката којашто се создаде, македонските граѓани придонесоа да цената на горивото биде повисока. Како? Одеднаш се создадоа редици пред бензинските пумпи и сите беспотребно ги наполнија резервоарите, очекувајќи дека ќе се зголеми цената. Тоа значи дека се испразниле резервите и тоа значи дека добавувачите, по новата цена, што во тој момент била актуелна на берзата, истата таа количина што е ставена во резервоарите ја купиле и ја донеле во Македонија. Согласно правилата и законите на регулираниот пазар, таа сметка оди кај Регулаторна комисија и таа веќе е вкалкурирана како нова цена на горивата. И сега додека тие резерви не се потрошат, новите што се набавија, ние нема да имаме промена на цена, без оглед што цената на светските берзи веќе е подолу. Јасно е дека кога психозата ќе преземе, рационалноста исчезнува и тогаш се прават услови за секакви погрешни одлуки“, оценува Поповски.

Говорејќи околу најавата за новиот проект и влезот на турската компанија „Казанџи Холдинг“, Поповски смета дека оваа нова инвестиција е решение кое на долг рок ќе биде одржливо.
„Тоа е решение проектирано така да во себе обедини три битни елементи. Прво да обезбеди пристап до извор на енергенсот, односно да го стабилизира снабдувањето. Второ да ја обезбеди неговата потрошувачка, бидејќи вие ќе го обезбедите изворот, но ако немате потрошувачка, бадијала сте го обезбедиле. И третиот дел е тоа да биде направено со економска логика која што ќе направи прво да се намалат обврските по однос на емисиите и климатските промени. Второ, цените на електричната енергија, топлината, а и природниот гас до домаќинствата да бидат предвидливи и стабилни на многу долг период. Она што е јавно достапно е дека една гасна централа би била во Скопје, во Општина Кисела Вода, на подрачјето на некогашниот ОХИС. Втората локација е во полошкиот регион и третата локација е во Кичево, односно во Осломеј, во рамките на ТЕЦ Осломеј.
Прашан дали во оваа инвестиција ќе учествуваат и македонски компании, Поповски одговора потврдно.
„Ние имаме производител на челични цевки. Имајќи ги предвид царинските односи помеѓу Македонија и Турција, ќе има 15% помалку за плаќање на цевките. Имаме и производител на пластични цевки. Значи имаме компании што може да се справат со тоа. Прашање е сега дали во услови кога има и други инвестиции во земјата, македонскиот сектор ќе има доволно капацитет да се справи со ваков опсег на работи. Инаку да, турскиот инвеститор знае и сака да го искористи сето она што е расположливо на македонскиот простор“, вели Поповски.

Како и со претходната министерка, така и со сегашниот министер, се е настанато со потпишувањето на колективниот договор за култура и неговата имплементација. Најпрво одредбите во колективниот договор за култура, иако тој беше потпишан во декември 2019-та, почнуваат да важат од јули 2020-та. И тогаш исто така имавме доцнење на платите во културата, бидејќи не беа обезбедени финансиски средства за да се имплементира колективниот договор. Па така, во тој период, јули 2020-та, ние останавме скоро три месеци без плата и без здравствено осигурување. После тоа се реши тој проблем, дојде порастот, усогласувањето со минималната плата, бидејќи колективниот договор во културата предвидува усогласување со минималната плата. Значи како расте минималната плата, така се усогласуваат сите останати плати во културата. И така со усогласувањето на минималната плата исто беше проблем необезбедените финансиски средства за таа намена. Потоа стапи на сила општиот колективен договор за јавен сектор во 2023-та во октомври, што предвидуваше покачување на 10% на платата, значи на основната бруто плата на сите вработени во јавниот сектор, вклучувајќи ја и културата“, изјави за магазинот „Трилинг“ Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот на културата, говорејќи за поводот за кривична пријава за министерот Љутков.
Околу тоа дали денес платите им се поблиску до минималната или до просечната плата, Атанасовска вели дека се поблиску до просечната, а на стручните лица и уметниците одат и над просечната.
„Но методологијата за пресметка на плата е погрешна уште од самиот старт, уште од 2023-та, бидејќи општиот колективен договор прецизно кажува – основната бруто плата се зголемува за 10%, а не вредноста со која што се пресметува платата, односно минималната плата. И тука настана најголемиот проблем, што допринесе минатата година во април, платите на вработените во културата да бидат исплатени со намалени 3%“, вели Атанасовска.

Прашана што се сака да се постигне со поднесувањето на кривична пријава, наспроти ставот на министерот кој вели дека обвинувањата се неосновани, Атанасовска вели дека сега е на потег Обвинителството да оцени дали сторил кривично дело – прекршување на права од работен однос и злоупотреба на службена положба.
„Сакаме да постигнеме правда, сакаме да постигнеме почитување на закони, почитување на колективни договори“, вели Атанасовска и додава дека до сега осум тужби кои се поднесени се правосилни и се во корист на вработените во културата.
-Тие осум правосилни пресуди коишто се добиени скоро пред еден месец сѐ уште не се имплементирани. Што значи тоа? Тоа е грубо кршење на законот. Судската пресуда е највисоката инстанца којашто треба да се почитува. Непочитувањето на правосилна судска одлука е кривично дело“, потенцира Атанасовска.
Околу тоа дали денес може да се каже дека платите во културата се мизерни, Атанасовска со одговор:
„Не, денес не можам да кажам дека платата ни е мизерна. Платата ни беше мизерна до пред потпишувањето на колективниот договор за култура.
Значи бевме на едно многу ниско мизерно ниво и затоа во 2014-та и се формираше Синдикатот за култура, за да можеме да се избориме за своите работнички права и за своето достоинство. И откако се потпиша овој колективен договор, платите во културата пораснаа и сега не можеме да кажеме дека платите се лоши. Платите се доволни за еден нормален живот“, вели Атанасовска.

„Генерално може да земеме дека имаме некој мал напредок во целата таа заедница во којашто луѓето функционираат. Меѓутоа полека треба да се навикнуваат на тоа дека се случила таа несреќа. И за нас кои не живееме во Кочани, е нешто што ни го одбележува нашето функционирање, бидејќи е една масовна, колективна тага којашто се случи во тој мал град. После една година можеме да зборуваме дека на некој начин емоциите полека може да ги ставаме во некој колосек, самите луѓе да можат да функционираат. Ние бевме таму уште во 04:30 часот, формиравме мобилни тимови во градот, во болниците, за да дадеме поддршка на сите кои беа загрозени после тоа што се случи во дискотеката. Ако ја споредиме таа енергија и таа емоција тогаш со сега, можеме да зборуваме за неколку чекори унапредување во делот на она што значи справување со таа кризна состојба“, вели за магазинот „Трилинг“, Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот Крст и дел од оперативниот тим за време на трагедијата во Кочани, одговарајќи на прашањето дали може да се каже дека полека зараснуваат лузните од оваа трагедија.

Прашана за првата реакција кога им јавиле за трагедијата, Тунева Пауновска вели дека тие имаат искуство со кризи.
„Поголемиот дел од членовите на тимот за одговор при катастрофи се луѓе со искуство и поминале кризи во регионот, значи од војните во некогашна Југославија, во мигрантски кризи, нашата домашна криза од 2011 година. Се тоа е многу поразлично од ова што го доживеавме во Кочани. Навистина и нас ни требаше психолошка поддршка, сите ние коишто работевме на терен, заради тоа што беше нешто што се случи на некој начин – блиску, а далеку. Нешто што не погоди како една мала држава, во еден ден да загубиме толку млади животи и сето тоа предизвика големи емоции кај самите волонтери, особено волонтерите кои беа од Општинската организација – Кочани. Ние моравме и со нив да работиме многу на тој фидбек, едноставно нивната психолошка состојба да ја задржиме на ниво, како би можеле да функционираат и да дадат поддршка на своите сограѓани.
Тунева Пауновска вели дека ова е една најголема катастрофа и трагедија со која се има соочено изминативе години.
„Со оглед на тоа што 30 години сум во Црвениот крст, претходно работев во Меѓународниот Црвен крст, значи од босанската криза, многу страдања имаме видено. Меѓутоа ова мене исто лично ме погоди и прв пат имав исто така потреба од разговор со психолози, за да можам својата емоција да ја контролирам. Можам да кажам дека беше најтешка од се она што до сега сум го доживеала, вели Тунева Пауновска.
Погледнете го новото издание на магазинот „Трилинг“.