(ВИДЕО) Трендафилов: Време е за улица, доста си игравте со работничката пот!
➡Времето кога разговаравме на маса заврши – сега ќе мора да нѐ слушнат од улица. ➡Треба да ги симнат розовите очила, да излезат од службените возила и да видат како семејствата одат од маркет во маркет барајќи поевтин леб. ➡Ние нема да потклекнеме под притисоците, на прагот сме на генерален штрајк. ➡Газдите не се деспоти – мора да сфатат дека без работници немаат капитал. ➡Со вашите ставови не ги иселивте само работниците, туку ги иселивте и нивните семејства, роднини и пријатели. ➡Увозот на странски работници е само 'увоз-извоз' – ќе им платат пат и храна, а тие само ќе ја искористат Македонија како станица за Западна Европа, се само дел од поентите од интервјуто со првиот човек на ССМ Слободан Трендафилов.
„Владата и работодавачите си играат со работничката судбина, со работничката пот, со работничката мака. И си играат многу долго време. Затоа времето кога разговаравме, а ти ни велеа договорете се, а ни е ќе прифатиме се ќе се договорите вие, заврши. Тие не се договорија до 31.12.2025 година и револтот го изнесуваме на улица, затоа што ако сакаат да ве слушнат на маса мора да ве слушнат од улица. Тоа што го прават е не само што си играат со работничката судбина туку и со работничките животи.
-Ако Македонија останува на дното со висината на минималната плата, тогаш едниве уживаат, а другиве трпат. Не знам каква е таа политика, без оглед дали е на работодавачите, односно газдите или на владата, да ги имате најсиромашните работници и да водите најсиромашна држава, и патем да се фалите на интервјуа со таквата состојба“, вели во интервју за „Трилинг“ претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
„Ние нема да се откажеме како што не сме се откажале во минатото а го барале тоа од нас. Минатата година бараа од нас да се откажеме, не напаѓаа за да се откажеме. Се обидуваа да не спречат со разно-разни мерки да престанеме да бараме, да престанеме да протестираме. Во Владата размислувањето е дека само ССМ бара зголемување на платите на работниците и дека работниците добро живеат во Македонија. На газдите исто така пречка им е ССМ затоа што укажуваме на таква состојба. Но ние нема да се откажеме и покрај сите притисоци. Ќе организираме и нови протести, нови блокади и на прагот сме на генерал штрајк во јавниот и приватниот сектор. Ако ним им одговара 33% од вкупниот број на вработени да живеат со плата под 31,200 денари, колку што е прагот на сиромаштијата, ние не можеме да го дозволиме тоа“, вели Трендафилов.

Прашан со какви притисоци се соочуваат, Трендафилов вели дека цела 2025 година се обидуваа да го дискредитираат ССМ.
„Ние нема да потклекнеме. Се обидуваа да не спречат да излеземе на улица, правеа упади во синдикалните организации, вештачки направија репрезентативен жолт синдикат за да стане партнер на власта и на работодавачите. И покрај тоа не им успеа да не замолчат“, додава Трендафилов.
Околу изјавите на министерот Дурмиши дека нема да потклекнат под синдикалниот притисок, и дека останува на ставот – во март зголемување на минималната од 1.500 на 2.000 денари, Трендафилов вели дека тоа што е важно да знаат во владата и работодавачите е дека никој не им прави притисок освен работниците, затоа што работниците не можат да си дозволат да ги прехранат семејствата.
„Работниците не можат да врзат крај со крај во месецот. Ако тие сметаат дека притисок е тоа што работниците им бараат корка леб, а тие уживаат манго, папаја и разно разни луксузи кои си ги овозможуваат, тогаш забораваат да им кажат на работниците нешто, а тоа е дека нивните плати се зголемуваат 10 пати повеќе од 25 евра, односно 250 евра или 200 до 300 евра. И не ли им е срам да им кажуваат на работниците дека нема да им потклекнат под притисокот, а ќе земат 250 евра или една цела годишна плата ќе ја земат во еден месец. Во таквиот случај мислам дека треба да ги симнат розовите очила, да излезат од оние затемнети стакла во службените автомобил, да излезат од кабинетите и да отидат во супер маркетите и да видат како едно семејство влегува во еден, во друг, во трет маркет за да купи поевтини производи за да може да го прехрани своето семејство“, вели Трендафилов.

Прашан за оценка на изјавата на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески кој вели „ние можеме да одиме со какво сакате зголемување на минималната плата која утре може и да не ја добиете“, првиот човек на ССМ вели дека поразително е што едни исти луѓе 26 години не ги иселија само работниците од Македонија со ваквите ставови, туку ги иселија и целите нивни семејства.
„Во 36 години огромен број на семејства, покрај работниците кои одат на печалба, напуштија државата. Ни ги иселија нашите роднини, пријатели, браќа, комшии, сестри. Тоа мислам дека е пораз. Денес Македонија се наоѓа каде што се наоѓа токму поради работодавачите, а работодавачите имаат изговор дека треба да се зголеми продуктивноста. Јас знам дека македонските работниците се премногу продуктивни за платите кои ги примаат во Македонија. Работодавачите мора да разберат дека не се деспоти. Мора да сфатат дека тие се партнери со работниците, дека работниците им го создаваат капиталот и дека без работници немаат капитал. Изговорите дека можат тие да зголемат минимална плата која потоа нема да се добие не се точни. Ние како синдикалци сфативме дека мора да зборуваме со јазикот на аргументите затоа што поинаку не сакаа да не разберат“, вели Трендафилов.

Македонија ја отвора вратата за 10 илјади странски работници. Прашан дали навистина немаме работоспособно население или никој веќе не сака било што да работи и за било каква плата, Трендафилов вели дека денес веќе никој не сака да работи било што и за било колку, затоа што работниците имаат избор.
„Ако не го најдат изборот тука, многу лесно можат да го најдат некаде во нашето опкружување или во Западна Европа. Но тоа што е поразително е тоа што владата и работодавачите, а веќе и претседателот на Стопанската комора кажа дека не им се потребни толкави квоти за странски работници, дека треба да се искористи домашниот потенцијал. Вие да сакате да ги замените домашните квалификувани работници со неквалификувани или нискоквалификувани работници, кои не познаваат јазик, претставува увоз-извоз. Ќе ги донесат во Македонија, ќе им платат транспортни трошоци, храна и сместување, а истите ќе им заминат во некоја странска држава“, вели првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов.
Целото интервју погледнете го во видеото.