
(ВИДЕО) Трајанов: Имаме распаднат систем, но не сме мета на центри на моќ
➡ Државата ја потпалуваат политичките партии. Тие се главни носители на мирот, стабилноста, но и на нестабилноста или нарушување на мирот во државата, смета поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов. ➡ Генерално прашање е како и на кој начин функционира системот или кризниот менаџмент за спречување на кризи, начин на дејствување на Дирекцијата за заштита и спасување, посебно Центарот за управување со кризи. Тие се две институции кои во основа треба да се грижат за сузбивање или спречување на можни настани вклучително и од пожари. Проблем е што тој систем не е реформиран. ➡ Во многу сегменти мислам дека ние имаме распаднат систем. Земете ја железницата како пример во каков тотален распад е. ➡ Се на се ние немаме разработено систем, како како држава ќе дејствуваме во услови на криза, во услови на терористички акт, во услови на пожар од поголем обем. ➡ Многу е лесно да префрлите дека ние сме под некакви геополитички напади бидејќи сме членка на НАТО, но тоа е апсолутно неточно. Во целост ги спроведуваме политиките на НАТО и ЕУ и немаме никакви стратешки напади врз државата, смета Трајанов.
„Државата ја потпалуваат политичките партии. Тие се главни носители на мирот, стабилноста, но и на нестабилноста или нарушување на мирот во државата“, смета поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов и додава дека системот не ни функционира така како што е предвидено и конципирано. Генерално како оценка тоа би било дијагнозата на нашата држава“, вели во интервју за „Трилинг“ Павле Трајанов, Национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам и поранешен министер за внатрешни работи.
За тоа кои се тие центри на моќ, внатрешни и надворешни, кои се обидуваат да ја дестабилизираат државата а за кои предупредува премиерот Мицкоски, Трајанов вели дека информациите кои се од сензитивен карактер, со висок степен на доверливост прв што ги добива е претседателот на Владата и претседателот на државата и тие располагаат со тие информации.
„Генерално прашање е како и на кој начин функционира системот или кризниот менаџмент за спречување на кризи, начин на дејствување на Дирекцијата за заштита и спасување, посебно Центарот за управување со кризи. Тие се две институции кои во основа треба да се грижат за сузбивање или спречување на можни настани вклучително и од пожари. Проблем е што тој систем не е реформиран. Значи осум години се работи на реформирање на системот. Едно време бев Национален координатор за кризи и тогаш подготвив една сеопфатна анализа. Таму точно е утврдено какви се состојбите и што треба да се направи понатаму. Таква анализа имаше амбасадата на САД заедно со ЕУ, НАТО. Таква анализа направи Факултетот при Универзитетот „Гоце Делчев“. Меѓудругото се бара интеграција на овие две клучни институции затоа што така како што е поставен системот тој не функционира. Има ривалитет помеѓу овие две институции, има вработени таму кои се апсолутно против било каква интеграција“, вели Трајанов.
Околу тоа дали можеше да се превенира ова што се случи со Трубарево, Вардариште, Дрисла и дали овие нови облици на т.н еко тероризам се на сцена сега, Трајанов вели дека главната улога на целокупниот систем, на полицијата, на службите за безбедност, АНБ, разузнавањето, Министерството за одбрана и посебниот сектор кој исто така има за превенција од тероризам, вклучително и Дирекцијата за заштита и спасување е да превенираат.
„Но во многу сегменти мислам дека ние имаме распаднат систем. Земете ја железницата како пример во каков тотален распад е. Се на се ние немаме разработено систем како како држава ќе дејствуваме во услови на криза, во услови на терористички акт, во услови на пожар од поголем обем“, вели Трајанов.

Говорејќи за тоа дали реално постојат сериозни закани за стабилност врз државата, Трајанов смета дека Македонија е на ниско ниво на загрозеност од терористички закани или напади, но тие оценки брзо се менуваат.
„Ова сега што се случува со пожарите, не навлегувам во тоа дали се тие намерно предизвикани или поради несоодветен третман на отпад или пак несоодветно обезбедување, создава вознемиреност, се создава страв кај граѓаните за за здравјето на децата и повозрасните и тука критика трпи власта и владата. Тоа е неспорно. Но обврска на службите е ако има такви индикации и ако има информации да бидат во целосна мобилна состојба и мора да дејствуваат. Мора во кусо време институциите да излезат со конкретни факти – дали е тоа поттикнато од политички партии, дали е поттикнато од надвор заради тоа што сакаат да го попречат развојот на државата или интеграцијата во ЕУ, што значи мора да го расчистат до крај и што е најважно – треба многу силно превентивно да делуваат“, смета Трајанов кој тврди дека има обиди за дестабилизација на државата, првенствено од внатрешни структури и сили, политички партии.
„Етнонационализмот го поттикнуваат политичките партии, сите во целина, но првенствено оние кои што се во опозиција бидејќи тоа им носи гласови. Ако една политичка партија постојано тврди дека правата на Албанците се загрозени, дека се деградираат, тоа поминува во медиумите и создава чувство на незадоволство и тие се нудат како алтернатива“, вели Трајанов.
„Реформи се потребни во многу области. Тие процеси многу тешко и сложено се одвиваат. Има отпор има опструкции, бидејќи тие што треба да ги сработат реформите се соочуваат со партизирани институции, останата се многу малку луѓе коишто можат да работат на стратешки реформски прашања и тоа клучен проблем“, додава Трајанов.
На прашањето дали сме влезени во геостратешки интриги од типот дека сме дел од „српскиот свет“, дека на сцена е руска инфилтрација, Трајанов вели дека тоа е апсолутно неточна дијагноза која ја промовираат домашни поранешни функционери – „српски свет“ поврзан со Вучиќ, Орбан и тн.
„Немаме руско влијание во Македонија. Тоа е неточна теза или дијагноза за состојбите или расположението во Македонија. Ако вие не може да ги дефинирате внатрешните проблеми кои се носители на поттикнување на меѓуетнички судири и незадоволство тогаш најлесно може да кажете дека заканите доаѓаат од Кина, од Русија, од Иран.
-Сакам да укажам дека многу е лесно да префрлите дека ние сме под некакви геополитички напади бидејќи сме членка на НАТО, но тоа е апсолутно неточно. Во целост ги спроведуваме политиките на НАТО и ЕУ и немаме никакви стратешки напади врз државата“, вели Трајанов.
Поранешниот министер за внатрешни работи смета дека е сериозен проблем како сме поставени од аспект на полицијата.
„ЕУ и другите моќни меѓународни центри зборуваа дека ние сме полициска држава, дека не треба да има полиција на улица. Тоа е сосема погрешен пристап. Полициска држава се прави со тајните служби коишто ги кршат и ги газат човековите права, а не со полицаецот на улица којшто може и собира информации. Ако имавме ние во Трубарево припадник на полицијата тој ќе имаше информации. Тој ги знае сите луѓе што се таму, дали има некој деликвент, дали некој се радикализирал, дали некој сака да направи штета на власта, на државата и тн. Тогаш ќе ги имавме правите информации и ќе имавме многу поефектна превенција“, вели Трајанов.

Околу иницијативите за драстични законски казни за потпалувачите и дали тоа може да допринесе во намалување на ваквите трагедии или се работи само за палијативни решенија, Трајанов вели дека е противник на брзи законски промени.
„Барам промените, и цел живот за тоа настојувам и како министер за внатрешни работи и како член на парламентот и сега, да бидат резултат на продлабочени анализи, на компаративни искуства, на проценка на ефектите дали тие ќе обезбедат генерална превенција. Добра е идејата, иницијативата, ќе се раздвижи експертскиот состав, политичките партии во државата, ќе се отвори расправа, но мислам дека многу треба претпазливо да одиме.
-Не викам дека не треба да се зајакнат казните но тоа мора да биде резултат на продлабочена анализа и тоа претходно да помине на широка експертска расправа, политичка расправа, вклучени медиуми кои ги познаваат овие проблеми. Сакам да кажам дека не значи ако има иницијатива дека таа треба да се спроведе. Треба да се анализира и да се видат можните ефекти, затоа што и во други области ќе имаме криза и не можеме постојано да ги зголемуваме казните. Еве сега најавуваме дека во сообраќајот треба да се зголемат казните бидејќи има налудничаво однесување на голем број на млади граѓани кои беснеат по улиците. И ако направиме компарација гледаме дека и во другите држави ги заоструваат казните. И тоа е во ред“, вели Трајанов.
Говорејќи за последниот фемицид односно грозоморното убиство на младата Росица и нејзиниот татко од страна на поранешниот партнер, а притоа било барано помош од полицијата, од обвинителството, Трајанов е дециден дека во конкретниот случај се работи за затајување на системот.
„Системот за безбедност, полицијата во овој дел потфрла. Системот ни е раштиман во целина – правосудниот, јавно-обвинителскиот. Затоа викаме треба реформи кои сите бараат да бидат час поскоро. И повторно ќе го поврзам со барањето за полицаец на улица. Ако имаме информација за овој што го изврши убиството, ако имаме информација за жената која настрада можеби поинаку ќе реагирала полициската станица или СВР Велес. Значи системот не ни функционира така како што е предвидено, конципирано. Тука е проблемот и тој систем треба да се менува, добро да се разработи и што е најбитно – партизацијата значи смрт за државата и мора да се ослободиме од партиските кадри и вработувањата по партиски список“, оценува Трајанов.
Целото интервју погледнете го во видеото.