(Видео) Тензии на Косово, фрлен солзавец во Звечан, се слушаат рафали

Нови тензии денеска избувнаа во северниот дел на Косово, јавуваат српските медиуми. Во Звечан дошло до судир меѓу насобраните граѓани и косовската полиција, а се слушнале и истрели. Било запалено полициско возило и биле фрлени шок бомби, јавува РТС, пренесува Н1.

Околу 11 часот се огласиле сирените за тревога во Лепосавиќ, Косовска Митровица и Зубин Поток.

„Српскиот претседател Александар Вучиќ нешто пред 14 часот издаде наредба до Армијата да ја подигне борбената готовност на највисоко ниво и од тој момент Армијата започна со активности. Наредено е итно движење кон административната линија со Косово“ – изјави министерот за одбрана Милош Вучевиќ за ТВ Пинк во живо од центарот на Белград.

Тој предупреди дека настаните на северот на Косово, каде владата во Приштина ги презема зградите на локалните самоуправи, не се игра, туку ја загрозуваат безбедноста на сите во регионот.

Како што нагласи Вучевиќ, армијата апсолутно ќе ја исполни наредбата на Вучиќ и ќе го брани суверенитетот на Србија и правото на живот на сите нејзини граѓани.

„Јасно е дека се врши терор врз српската заедница на Косово“ – заклучи Вучевиќ.

Луѓето се собраа пред зградата на општина Звечан и, како што претходно јави репортерот на радио Контакт плус, со телата го блокираат влезот. РТС јавува дека се вклучени вработените во тие институции.

Наставата на факултетите и во училиштата во Косовска Митровица е прекината. РТС јавува и дека на патиштата во Лепосавиќ се поставени барикади, како и дека на тоа место се појавиле оклопни возила.

Извори на РТС во Зубин Поток рекле дека специјалните сили имале намера да „закачат сино-жолто знаме што ја симболизира државноста на Косово“ на општинската зграда, во која е сместено и Привременото општинско тело на Владата на Србија.

Во Лепосавиќ, откако се огласиле сирените, на главниот плоштад пред општината се собрале голем број граѓани, кои по најавата за пристигнување на специјалци го блокирале сообраќајот на главната улица од двете страни на приодот кон општинска зграда со камиони.

Косовската полиција соопшти дека „им помага на новоизбраните градоначалници да го остварат правото на работа во официјални општински згради“, јавува РТС.

Во полициското соопштение се наведува дека „полицијата согласно законските и уставните овластувања презема мерки за безбедност, ред и јавна безбедност“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Zubin Potok INFO (@zubinpotokinfo)