(Видео) Теменугова: Луѓето одбиваат да гледаат вести, не сакаат да слушаат негативни содржини
„Политичките лидери се јавни личности, тие забораваат дека се креатори на јавното мислење. Имаат сериозна ресурсна база за да креираат штетни наративи. Веројатно ќе има бумеранг ефект од она што се слуша на телевизиите. Ако постојано некого обвинувате за криминал, и притоа има штетни наративи, придонесувате за загадување на комуникацијата. Луѓето одбиваат да гледаат вести, не сакаат да слушаат негативни содржини“ – вели Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии во најновото издание на Трилинг.
Таа смета дека „Употребата на реторика која поткрепува силни емотивни чувства е легитимна алатка, но она што го гледаме е дека последните два месеци кај албанските партии има употреба на амплитуда со која се јакне етникумот. Во однос на медиумите, она што го прокламираат партиите се совпаѓа со она што го гледаме или читаме. Партиите и медиумите се во дослух, тоа се гледа во прекршувањето на новинарските стандарди. Постојат одредени медиуми кои отскокнуваат во отстапувањето на новинарските стандарди. Доминира еднострано информирање, има пристрасност, а вториот момент е што медиумите, особено кај он лајн медиумите, има хиперпродукција на штетни наративи, што се прави преку хибридни жанрови. Најчест жанр се пренесени партиски соопштенија или говори на политичари“.
„Има сериозна реторика каде се дискредитираат политичките противници. Она што треба сите да го имаме предвид, како медиумски работници, да се потсетиме на новинарските стандарди. Се почесто се забораваме, новинарите забораваат на проверка на изнесената реч. Затајуваме. Медиумите немаат време и го пласираат она што ќе го слушнат на дневната прес-конференција без да ја проверат втората страна“ вели Теменугова.