
Вистинска „вестерн“ приказна се одвиваше во Крива Паланка. Кравите што со месеци слободно шетаат низ кривопаланечкиот регион сè уште не можат да бидат скротени.
Екипите на Телма од терен ја пренесоа драматичната атмосфера – инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) се обидуваа да ги приберат животните, додека нивните сопственици ги бркаа по планината за да спречат тие да бидат одземени.
Меѓу најгласните беше Јулија Ѓорѓиевска, ќерка на сопственикот која викајќи по кравите се обидуваше да ги оттурне од инспекторите и да ги протера кон ридовите. По неа трчаше и службеник, кој безуспешно се обидуваше да ја сопре.
Акцијата не помина без тензии. Ќерките на сопственикот влегоа во директна конфронтација со службените лица и ги бркаа животните по ридовите во обид да ја спречат интервенцијата. Во еден момент, екипите на АХВ беа и физички попречени, по што дојде до турканици со членовите на семејството.
Сопственикот Гоце Ѓорѓиевски тврди дека нема проблем со институциите, но бара кравите да бидат соодветно згрижени и чувани, бидејќи тие ги чуваат веќе 30 години.