(ВИДЕО) Спасовски за мигрантите: Оправдани се стравувањата, постои сомнеж за таен договор
➡ Сега имаме состојба во којашто се разговара дека ќе имаме мигранти коишто ќе бидат на територијата на Македонија, а ќе аплицираат за азил во Велика Британија. Сите оние коишто ќе добијат, ќе заминат таму, остатокот треба да се вратат од земјата на потекло. ➡Македонија нема склучено договори со земјите од Блискиот Исток, од Африка и тн. за реадмисија.➡ Оправдани се стравувањата заради тоа што ние не сме имале ситуација во којашто на транспарентен начин ова се договарало, смета Спасовски. ➡Прашан дали е загрижен дека ќе заврши на обвинителна клупа, Спасовски вели дека нема од што да се плаши.
„За мене беше големо изненадување зошто пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побара да има пауза во моменти кога можеше да се разговара. И ова јас го кажав – ако родителите изнајдоа сила, после сите случувања, не само во Собрание да дебатираат, да разговараат со многу релевантни институции во државата, со Народниот правобранител, со медиумите и тн., да протестираат, тогаш не станува збор дали ние ќе имаме сила да разговараме на таа анкетна комисија, на темата којашто треба да значи промена на системот како што го најави Владата после случувањата, изјави во магазинот „Трилинг“, Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ, говорејќи за случувањата поврзани со анкетната комисија за случајот „Пулс“.

Прашан за тоа какви се ефектите од една ваква анкетна комисија во ситуација кога паралелно се одвива судски процес и дали е ова само за прибирање на политички поени на грбот на родителите, Спасовски вели дека судскиот процес е процес којшто се одвива на основа на истрагата која што е спроведена и таму Собранието нема надлежност да е меша.
„Секако дека секој од нас може да има различни размислувања и ставови во однос на тоа што е обвинението, дали така поставено обвинение ќе дојде до конечни резултати коишто ги очекува јавноста. Јас лично се сомневам, заради тоа што не може ниту еден момент да се подведе под едно кривично дело и да одговараат сите за истата работа, меѓутоа тоа е работа на правосудниот систем.
-Парламентот има своја надлежност која што може да направи една расправа, надзорна функција, преку формирањето на анкетни комисии и тн. Но ова што беше расправа сега во Собрание е седница на постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права и тука родителите имаат доставено во јули месец претставка за заштита на човековите права и на основа на таа претставка се разговараше во Собранието.
-Јас секогаш сметам дека преку вакви дебати да видиме кои се негативностите во системот. Ако сите говориме за тоа дали системот потфрлил во овој случај, тогаш ние ќе мора да најдеме механизми низ таа дебата, анализа да видиме што е тоа што треба да се промени.
-Еден добар дел од работите е на Собранието, затоа што законската регулатива којашто се носи, се носи од страна на Собранието. Ќе го спомнам Законот за угостителска дејност, клучен закон за ваквите угостителски објекти. Собранието го има менувано во периодот до 2017 два пати во којшто практично се намалуваат критериумите за отворање на вакви угостителски објекти, Сега, после тие две измени коишто се направени, законот кажува дека со сопствена изјава, под полна материјална и кривична одговорност да гарантира дека објектот ги исполнува бараните услови“, вели Спасовски.

На актуелното прашење околу евентуалното населување на мигранти во Македонија и дали е тоа реалност или ширење на параноја и ксенофобија, Спасовски вели дека миграцијата како процес е еден феномен којшто нема да заврши сега, тоа е нешто што ќе трае, исто како што е и тероризмот, како што е компјутерскиот криминал и тн.
„Но знаете дека во 2015 година ние имавме сериозен проблем со тоа прашање. До крајот на јануари 2016. година имавме околу 1 милион и 100 000 мигранти коишто поминале низ територијата на Македонија. Ова прашање коешто сега го отвораме најмалку треба да биде прашање на ширење на ксенофобијата, заради тоа што таа човечка емпатија треба да биде клучна во моменти кога е во прашање миграцијата“, вели Спасовски.
„Тука е клучното прашање – дали ваквите процеси треба да се водат транспарентно? Дали разговорите во случајот со Велика Британија треба да бидат транспарентни? Тука е сомнежот, вели Спасовски.
Прашан дали се сомнева во изјавите на премиерот дека мигранти во Македонија нема да бидат примени, Спасовски вели дека постои сомнеж.
„Ако имате ситуации во кои се разговара на темата мигранти, во ситуација каде значајни британски медиуми објавуваат дека има такви разговори помеѓу Владата на Северна Македонија и на Велика Британија, апропо договорот кој го имаме склучено, па дури се спомнуваат и суми од 20 000 фунти по мигрант, и имајќи го предвид искуството кога бев министер 2021 година кога тогашниот британски амбасадор по насока на нивното Министерство за надворешни работи побара средба со мене, истава работа беше понудена – да бидат тука, да се вложуваат одредени финансиски средства во згради и тн, а тие коишто бараат азил да бидат на територијата на Македонија.
-Оправдани се стравувањата заради тоа што ние не сме имале ситуација во којашто на транспарентен начин ова се договарало“, вели Спасовски.
Прашан зошто како најголема опозициска партија не е побарано средба со британскиот амбасадор за изворно да се добијат информации, Спасовски вели дека информациите ги темелат на сите информации коишто ги имаат добиено.
„Работата на опозицијата е да ги прибира сите тие информации и ако гледаме дека Владата не сака транспарентно пред јавноста за тоа да разговара и да се затвори ова прашање, тогаш мора да го отвораме пред јавноста ова прашање се додека не се затвори на начин на којшто треба да се затвори“, вели Спасовски.

За тоа дали е точно она што ВМРО-ДПМНЕ го тврдеше, дека во 2018. година имало договор за отворање на прифатни центри за мигранти, Спасовски вели дека тоа не е вистина, бидејќи таквите центри се отворени во 2015 година.
„Такви прифатни центри имаме два – едниот во „Винојуг“ во Гевгелија, вториот во Табановце. Тие и ден денеска работат како прифатни центри.
Во сегашниов случај се работи за две сосема различни ситуации. Ние имавме мигрантски бран во којшто 2015 година во Македонија влегуваа по 12 до 15 000 луѓе на ден, коишто транзитираа низ Македонија и заминуваа по западнобалканската рута. Во Македонија не постоеше законски основ тие мигранти да се третираат легално кога престојуваат на територијата на државата, па дојде тогаш измена во Законот за странци па се даде рок од 72 часа за да може да ја пројдат државата.
-Сега имаме состојба во којашто се разговара дека ќе имаме мигранти коишто ќе бидат на територијата на Македонија, а ќе аплицираат за азил во Велика Британија. Сите оние коишто ќе добијат ќе заминат таму, остатокот треба да се вратат од земјата на потекло.
-Македонија нема склучено договори со земјите од Блискиот Исток, од Африка и тн. за реадмисија.
-Еве да ви дадам една информација. Во средата навечер во транзитниот центар во Табановце една група на египетски мигранти го имаат демолирано целиот камп. Ова се прашања коишто мора да бидат одговорени пред јавноста и преку таквите одговори, на транспарентен начин, да заземе сите заеднички став. Мојот личен став е дека не можеме да бидеме земја во којашто ние ќе спроведуваме постапка за азил на некоја друга држава, а притоа да ни остануваат мигранти коишто нема да можеме да ги вратиме назад“, вели Спасовски.
За разликата од бегалски кампови и бегалски населби, Спасовски вели:
-Едното е на изјавата на премиерот, кој што рече – додека сум јас премиер нема да има бегалски кампови. Но дали е можно да имаме некакви бегалски населби, да можно е. Втората изјава која ја слушнав од еден од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, беше додека е ВМРО на власт нема да има ниеден илегален мигрант на територијата на Македонија. Ова е симптоматичен став, бидејќи што правиме со легалните мигранти, ако немаме илегални“, вели Спасовски.
Прашан за состојбите во СДСМ и како тоа лидерот на партијата бара одговорност од целото раководство, притоа се иззема самиот себеси, Спасовски смета дека тоа е лична работа.
„Во СДСМ има веќе воспоставена пракса. Јас сметам дека изборниот резултат ќе мора да ги покаже потезите коишто треба да ги повлечете понатаму“, вели Спасовски.
Прашан дали е загрижен дека ќе заврши на обвинителна клупа, Спасовски вели дека нема од што да се плаши.
„Сите аргументи и факти се тука, институциите нека работат. Јас сум тука и ќе останам тука“, вели Спасовски.