Српскиот музичар и фронтмен на групата „Рибља чорба“, Борисав Ѓорѓевиќ – Бора денеска беше погребан на Градските гробишта во Чачак, со песната „Погледај дом свој анџеле“.
Од Ѓорѓевиќ се простија поранешниот српски претседател Воислав Коштуница, гитаристот Радомир Михајловиќ – Точак, членовите на групата „Бајага и инструктори“, Горан Шепа – Гале од групата „Кербер“, претставници на фудбалскиот клуб Црвена звезда итн.
„Ми беше вистинска чест што заедно бевме дел од златната доба на музиката. Ми беше вистинско задоволство. За мене, ти секогаш ќе бидеш најдобар и најголем. Со гордост истакнувам дека бевме пријатели“, изјави пејачот Мирослав Илиќ.
„Витез со Сретенски орден, чачанец, белграѓанец, ѕвезда, Србин и рокер, Ѓорѓевиќ беше сето тоа и бараме прошка од него доколку на некој начин сме го навредиле“, рече министерот за култура Никола Селаковиќ, кој додаде дека Ѓорѓевиќ го отсликал животот со зборови со бескрајна леснотија, но со моќ на вулкан.
Од Ѓорѓевиќ, кој почина на 4 септември на 72-годишна возраст во болница во Љубљана, се прости и градоначалникот на Чачак Милун Тодоровиќ. Тој го спореди Ѓорѓевиќ со поетот Владислав Петковиќ Дис.
„Ќе му ја исполниме секоја желба. Легендо, нека ти е вечна славата“, рече Тодоровиќ.
Пејачот на „ЈУ Група“ Жика Јелиќ изјави дека Ѓорѓевиќ никогаш не бил намуртен, туку добар пријател и голем поет.
Да потсетиме, Борисав Ѓорѓевиќ – Бора е роден во Чачак на 1 ноември 1952 година.
Првите музички чекори ги направил во родниот град во 1965 година во бендот „Хермелини“, каде свирел на бас-гитара и бил вокал.
По пристигнувањето во Белград, Ѓорѓевиќ бил член на неколку групи, а во 1978 година го основал бендот „Рибља чорба“.