(Видео) Симовски: Се иселуваат сите, со ред, нема етнички граници

„Наталитетот опаѓа, се отселува младо население, се намалува број на новородени деца. Ферталитетот е стабилен веќе 10-тина години, сега е 1,5 дете по жена, за проста репродукција треба да е 2,1. Наталитетот опаѓа најмногу заради миграцијата, она население кое треба да ја носи репродукцијата, не е тука веќе“ вели Апостол Симовски – директор на Државниот завод за статистика во најновото издание на Трилинг.

„Се иселуваат сите, со ред, за жал. Ова е процес кој нема етнички граници. Луѓето тука немаат правна сигурност, сакаат за своите деца да имаат поквалитетно образование, поквалитетен здравствен систем. Луѓето се повеќе живеат во урбаните средини каде што нема услови за големи семејства, во стан од 50 квадрати нема можност за живеење на 10 луѓе“ вели Симовски.

Вели дека „годишниот емиграционен бран е 15.000 лица. Не сакам да звучам политички, но клучот е да се интегрираме. Секаде во Европа демографските проблеми се случуваа, по влезот во ЕУ за 2 до 3 години ги снема“.

„Руралните средини се испразнија многу одамна. Педесетите години имаше миграција село – град. Уште пред 30 години имаше 150-тина празни населени места. Проблемот е што има уште толку што се до 15 жители. Не е точна тезата дека Скопје се наполни со луѓе. Од пописот 2002 и 2021 Скопје е зголемено за 23.000 жители, меѓутоа Скопје и територијално се прошири. Радишани, Ченто, Даме Груев, Драчево, Припор, тогаш не беа дел од Скопје. Скопје има намалување на населението, тоа е главниот извозен центар на луѓе, најголем дел на емиграцијата во странство е од Скопје“ вели Симовски.

За парадоксот на изградени станбени единици кои зјаат празни, вели „Македонскиот граѓанин она што го има заштедено сака да го чува во материјални добра, не во пари. Вредноста на становите постојано расте, не можам да разберам која е вистинската причина“.

На прашање дали ќе мора да увезуваме работна сила, смета дека „Имаме голем број странци и сега, најчесто работат на градежни објекти. Потребата на пазар за труд е голема. Имаме проблем – недостаток на квалификувана работна сила, не очекувам дека од поразвиените земји луѓе ќе дојдат да работат тука“.

За иселувањето на здравствените работници, Симовски вели „Жално е што губиме потенцијал во сите области. Нас ни требаат мајстори, квалификувани“.

„Согласно податоците, ја следиме инфлацијата, се симна под 3%. Никој не може да предвиди што ќе се случи во иднина. Цените пораснаа нагло, но се стабилизираа. Ако се задржат ваквите состојби, не треба да очекуваме големи потреси. За потребите, тие од ден на ден се зголемуваат. На дневна основа се зголемуваат. Има раст на платите, според она што го изработуваме според податоците на УЈП. Растот на платите е поголем од растот на инфлацијата“ вели Симовски.