(ВИДЕО) „Силјан штркот“ во Трилинг

➡Инспирацијата почна пред три години. Мене на некој начин штрковите цел живот ми биле инспирација, бидејќи имам пораснато со нив во село кај баби и дедовци каде што сум растела. И бидејќи имав и симбол штрк во филмот „Човек против јато“, чиешто снимање се одложуваше, решив да почнам со истражување на тема штркови, за да сфатам малку повеќе логистички како да пристапиме на снимање на штркови, бидејќи навистина голем предизвик“ вели за Трилинг режисерката на филмот „Приказната за Силјан“, Тамара Котевска. ➡ Овој филм не требаше никогаш ниту да постои. Немаше финансии за да постои. На некој начин беше повеќе некое пополнување на време чекајќи да се случи друг филм, така што се што се случи со овој филм е навистина едно чудо и една огромна потврда за нашиот труд, талент и капацитет како една мала екипа и пред сѐ за мојата интуиција - дека одам во права насока и ги наоѓам правите приказни. ➡ Последен пат кога се случи власта да дојде на филм, беше на „Медена земја“ пред шест години. Добро е и значи кога врвот на државата ќе покаже интерес за она што се случува во културата. Тоа значи дека се случил многу силен бран со овој филм кој не може да ги остави рамнодушни, бидејќи зборува и за негативните и позитивните работи во земјата. Верувам дека филмот ќе допре и ќе направи некакви промени, и во културата, но и во земјоделието кај нас. ➡ Ние сме земја која што историски и традиционално има сериозни корени во заедништвото. Ние не сме прозападна и индивидуалистичка земја и ние тука треба да ја бараме силата, вели Котевска.

„Инспирацијата почна пред три години. Мене на некој начин штрковите цел живот ми биле инспирација, бидејќи имам пораснато со нив во село кај баби и дедовци каде што сум растела. И бидејќи имав и симбол штрк во филмот „Човек против јато“, чиешто снимање се одложуваше, решив да почнам со истражување на тема штркови, за да сфатам малку повеќе логистички како да пристапиме на снимање на штркови, бидејќи навистина голем предизвик“ вели за Трилинг режисерката на филмот „Приказната за Силјан“, Тамара Котевска.

„Почнав комуникација со Македонско еколошко друштво, со биолози коишто конкретно работат со штркови. Со нив открив многу новости во врска со штрковите кои се случуваат во Македонија. За жал наидов на неубави вести, а тоа е дека штрковите почнуваат се повеќе да јадат од дивите депонии, и тоа само по себе ме заинтригира да почнам да истражувам на таа тема, што ме доведе до тема за документарен филм, кој што пред сѐ почна како еколошка приказна за животната средина.

-Но како и во секој документарен филм, колку повеќе навлегуваш во темата, толку поголема магија се отвора, поголем свет се појавува пред наши очи, и така и се појави тој магичен лик Никола со неговата фамилија земјоделци. Понатаму се појави неговата невообичаена и чудесна релација со штркот, кој што всушност го нарекуваме Силјан“, вели Котевска.

„Овој филм не требаше никогаш ниту да постои. Немаше финансии за да постои. На некој начин беше повеќе некое пополнување на време чекајќи да се случи друг филм, така што се што се случи со овој филм е навистина едно чудо и една огромна потврда за нашиот труд, талент и капацитет како една мала екипа и пред сѐ за мојата интуиција – дека одам во права насока и ги наоѓам правите приказни.

-Тоа што веднаш го купи „National Geographic“ после премиерата во Венеција е нешто коешто не се случува речиси никогаш на светско ниво во документарниот свет. Изборот токму нашиот филм да биде избран за кампањата за Оскари беше исто така чудесно, бидејќи беше уште една потврда колку „National Geographic“ верува во овој филм. До сега добивме 12 номинации на светско ниво од А категорија и седум Гранд при награди е повеќе од што можев да замислам каде ќе стигне овој филм“, вели Котевска.

Фото: Трилинг / Тамара Котевска

Прашана колку пораките од овој филм допираат македонското раководство, Тамара Котевска вели дека била среќна што некои од нив дошле на премиерата, бидејќи тоа не е вообичаено во Македонија.

„Последен пат кога се случи власта да дојде на филм, беше на „Медена земја“ пред шест години. Добро е и значи кога врвот на државата ќе покаже интерес за она што се случува во културата. Тоа значи дека се случил многу силен бран со овој филм кој не може да ги остави рамнодушни, бидејќи зборува и за негативните и позитивните работи во земјата. Верувам дека филмот ќе допре и ќе направи некакви промени, и во културата, но и во земјоделието кај нас“, вели Котевска.

Говорејќи за тоа што е она што повеќе не сака да го гледа, а што е она што сака да го гледа, Котевска напоменува работи кои го засегаат целокупното општество.

„Секако дека работите кои што би сакала да се сменат се пред сѐ депониите коишто продолжуваат да растат и загадувањето на оваа земја коешто станува од секој аспект се потрагично. Тоа е она што би сакала да се смени, а тука повторно сериозна улога играат власта и самиот народ, којшто мора да има сериозна свест за она се случува. Потоа би сакала да се смени односот кон самите земјоделци коишто не претставуваат само малцинство во оваа земја, туку тоа е однос кон земјата и природата. Сите ние сме дел од тоа поврзани преку еден еко систем и отуѓувањето од земјата и од начините на комуникација со земјата и природата, придонесува до огромни штети по многу други помали еко системи, во случајов како што се штрковите.

-Она што не би сакала да се смени е таа една прекрасна идилична слика на македонската внатрешност – еден начин на живот кој што на некој начин умира. Но тоа навистина треба да се зачува, бидејќи конзумеризмот и капитализмот уништуваат работи длабоко во нас коишто новите генерации многу ќе зажалат што не можат повеќе да ги осетат и да ги проживеат. Тука е и чувството на една заедница, комуна, не само фамилијарна, кое што се повеќе се губи кај нас. Ние сме земја која што историски и традиционално има сериозни корени во заедништвото. Ние не сме прозападна и индивидуалистичка земја и ние тука треба да ја бараме силата, вели Котевска.

Во Трилинг разговараме и со продуцентот на филмот, Јорданчо Петковски.

Фото: Трилинг / Јорданчо Петковски

Тој вели дека „Приказната за Силјан“ е документарен филм кој ни ја прикажува македонската традиција и култура.

„Не само што ни ја прикажува културата, туку ни кажува и каде сме. Обработка на една таква тема како „Приказната за Силјан“ е оживување на едно дело кое е пред сѐ прекрасно, кое ни кажува многу работи за тоа од каде потекнуваме, кои сме, што сме и како треба да се водиме“, смета Петковски.

„’Приказната за Силјан’ настана сосема случајно, спонтано и беше еден добар начин јас и Тамара да се спознаеме како режисер и продуцент, да видиме како дишеме, работиме, во кој смер гледаме, дали сме на иста бранова должина или не. ‘Силјан’ настана чекајќи го играниот филм кој го реализиравме и снимивме минатата година, кој беше повеќе милионски, бараше многу повеќе организација и финансии“, вели Петковски.

„Штркот и штрковите беа приказна и од играниот филм. Распрашувајќи се за на кој начин може да снимиме штрк и да го имаме во филмот, почнавме малку повеќе да говориме за нив и ни станаа многу интересни, затоа што разбравме многу работи кои до тогаш не сме ги знаеле – дека се многу блиски до човекот, дека малтене како и ние, одиме и се враќаме на исто место, со ист партнер живееме, ловиме за да преживееме. Снимивме многу кадри, деловите од приказната почнаа да се редат и на крај дојдовме до еден документарен филм кој направи бум“, вели Петковски.

Разговорите погледнете ги во видеото.