За мене е непознат феномен да добиете услов дека ќе ви дадам поддршка, ама треба да го правите тоа што го правеше СДСМ досега, да измислувате решенија што никаде ги нема, изјави во интервју за „Трилинг“ професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на државата, поддржана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за тоа како би одговорила на прашањето дека нема да добие поддршка од албанската заедница доколку не даде гаранции дека по изборите ќе се спроведат уставните измени.
„Кој кого условува да ве прашам? Во политиката значи, оној кој што прави влада е тој што предлага, исто така коалициски парнери. Инаку, без оглед на резултатот на изборите, Влада без албански партии не е добро решение. Кабинет на Претседател без Албанци не е добро решение. Ама со кого? Во кабинетот треба да бидат стручни и компетентни Албанци“, вели таа.
На прашањето дали треба и кога да се спроведат уставните измени, кандидатката за претседателка вели дека нема одговор.
„Точно е дека претседателот е еден од предлагачите можни за уставни измени, меѓутоа во случајот со претходните уставни измени, за кои не ми е јасно зошто не дојдоа на дневен ред, тоа беше тотална злоупотреба и кршење на Деловникот од страна на претседателот на Собранието, не можам да кажам кога“, вели таа.
Силјановска Давкова вели дека не очекува гласови од разочараните од актуелното раководство на СДСМ, само затоа што имала пофални зборови за поранешниот премиер Бранко Црвенковски.
„Моите изјави никогаш не се насочени кон профит. Јас и некогаш и сега тврдам дека луѓето од техничките и природните науки имаат логика и многу брзо учат политика. Времето во кое премиерот Црвенковски беше премиер, беше неверојатно тешко време. Ако го видите составот на неговата влада, ќе си речете дали е ова Влада или Академија. Без оглед дали се работело за ПДП, дали за ЛП или за СДСМ. Ако го видите составот на пратениците тогаш ќе речете посветени луѓе, луѓе кои таму спиеја. Ако го споредите со овој состав, кои се овие луѓе“, изјави кандидатката за претседателка.
Додаде дека апсолутно не смета, ниту може да влијае, бидејќи во Парламентот имало Социјалдемократи кои ќе се помнат.
„Нема да гласаат тие неопределени или оние кои си заминале од СДСМ заради тоа што јас го фалам Бранко Црвенковски, оти Црвенковски си оставил траг во поновата македонска историја, туку затоа што не само разочарани туку и во депресија од сегашната и од претходната власт на СДСМ“, додава таа.