(Видео) Режисерката Јакимска: Уметноста е огледало на реалноста

Сфатив дека има една многу важна глобална перспектива во тоа како ние ги претставуваме нашите приказни од овде и која е тежината што ние ја носиме како раскажувачи. Дали нешто заработуваме, дали ги искористуваме тие егзотични стереотипи и призвуци коишто доаѓаат секогаш со источната култура на екранот или правиме нешто за да се бориме против тие стереотипи, вели Јакимска.

Соговорничка во „Трилинг“ беше режисерката на филмовите „Ќе дојдат децата“, „Синиот час“, „Неонски срца“, „Нема духови во туѓина“, Ана Јакимска. Тоа се само филмовите кои се и наградени. Дипломирала на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“, а потоа дипломирала и на филмската режија на Факултет за драмски ументости при УКИМ. Неодамна магистрираше во Велика Британија, Лондон, на Универзитетот „Goldsmiths“.

„Јас благодарение на стипендијата имав прилика во 2022 година да се преселам во Лондон и да се запишам на едногодишни мастер студии, конкретно по режирање фикција. Тоа беше фантастична прилика за мене, затоа што можев да се посветам на совладување нови алатки, нови пристапи на изразување на екранот, да работам со луѓе што доаѓаат од различни позадини, од цел свет. Филмот „Полноќен воз“ се уште не снимен, реализиран, тоа е само сценарио за долгометражен филм коешто го развивав и го завршив.

-Инспирацијата за филмот „Нема духови во туѓина“, ми дојде од комуницирањето со луѓето кои доаѓаат од различни страни на светот и особено кога зборуваш за некоја приказна којашто е македонска, којашто доаѓа од култура којашто е на светската сцена мала, не доволно претставена, за тоа како зборуваме за нашите приказни, како ги раскажуваме пред светот, како ги претставуваме, како ја отвораме цела оваа култура и ова место на картата што во голема мера им е непознато на луѓето.

-Сфатив дека има една многу важна глобална перспектива во тоа како ние ги претставуваме нашите приказни од овде и која е тежината што ние ја носиме како раскажувачи. Дали нешто заработуваме, дали ги искористуваме тие егзотични стереотипи и призвуци коишто доаѓаат секогаш со источната култура на екранот или правиме нешто за да се бориме против тие стереотипи, вели Јакимска и додава дека одговорноста е многу важно прашање во се што правиме.

„Секогаш мора сме свесни за тој динамичен, општествен и политички контекст околу нас. Која е нашата улога? Што и да правиме ние, не го правиме тоа во вакуум. Секогаш има некои последици и тоа во уметноста некогаш е занемарено, но мислам дека е исклучително важно, затоа што уметноста е сепак огледало на реалноста.

-Тоа што го правиме ние можеби не може да го промени светот или нема таков капацитет, таква моќ за да направи инстатно некоја промена, но многу е важно што ние го ставаме на екранот тоа што од нас излегува како приказна. Така што апсолутно имаме одговорност“, потенцира Јакимска.

Целиот разговор во магазинот „Трилинг“ со режисерката Ана Јакимска, погледнете го во видеото.