(Видео) Проф. Јовев: Бројот на пациентите со срцева слабост е светска епидемија
Проф. д-р Јовев вели дека за 10-15 најмногу 20 години, повеќе од 50-60% од пациентите коишто ќе се оперираат на кардиохирургија ќе бидат пациенти со срцева слабост.
Говорејќи за предизвиците, кардиохирургот проф. д-р Сашко Јовев за „Трилинг“ вели дека додека ја предводел Клиниката долго време размислувал да се дојде до степен сѐ да се работи.
„Да работиме се она што се работи во Западна Европа, во САД и стигнавме до тој степен. Не беше лесно. Бевме изложени на големи предизвици, на големи ризици. Имавме плус уште два големи ризика со воведување на уште две нови процедури – тоа е имплантацијата на механички срца и операцијата на лакот на аортата што на тој начин се работи во два центра во целиот регион, кај нас и во Загреб, но ова беше попосебен предизвик затоа што е на некој начин многу популарна самата операција, самото име – срцева трансплантација, нешто што го немавме правено. Моравме да собереме храброст тоа да го направиме и да бидеме свесни дека доколку утре тоа не биде добро ќе мора да се соочиме со последиците“, истакна кардиохирургот проф. др Сашко Јовев.
Јовев во разговорот за „Трилинг“ потенцираше и дека бројот на пациентите со срцева слабост е епидемија во светот.
„Не само како срцева слабост туку и со конкретна причина за срцевата слабост“.
Проф. д-р Јовев вели дека за 10-15 најмногу 20 години, повеќе од 50-60% од пациентите коишто ќе се оперираат на кардиохирургија ќе бидат пациенти со срцева слабост.
„Зошто го велам ова. Медицината напреднува. Правите корекција кардиолошки, потоа доаѓате до степен да праите корекција кардиохируршка и го продолжувате животот. Потоа доаѓате до степен кога пациентот има останато сѐ уште здрави органи, кога не можеме да имаме корегибилна хирургија, да ја корегираме таа состојба и останува единствена опција само да се пресади срцето“, вели Јовев.
Целиот разговор со проф. д-р Јовев погледнете го во видеото.