(Видео) Проф. Узунов: Околу унгарскиот кредит има скриени, необјавени клаузули
„Целиот кредит е земен за потреби на Владата за претстојните локални избори. Така што уште од тука ако појдеме, тој кредит не и беше потребен на Македонија. Ниту делот за општините, ниту делот за фирмите“, вели проф. Узунов.
Банките и Владата постигнаа договор околу кредитирањето и преземениот Унгарски заем за поддршка на стопанството. Во меѓувреме расте јавниот долг на државата, веројатно до крајот на оваа година ќе достигне 65-66%, а одредени познавачи на економските прилики предупредуваат дека јавниот долг во текот на наредната година може да достигне и до 70%.
Околу економско-политичките теми во магазинот „Трилинг“, Горазд Чомовски разговараше со универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
„Целиот кредит е земен за потреби на Владата за претстојните локални избори. Така што уште од тука ако појдеме, тој кредит не и беше потребен на Македонија. Ниту делот за општините, ниту делот за фирмите. Владата го зема и дава 250 милиони за инвестиционен циклус. Банките во Македонија имаат многу повеќе од 250 милиони. Милијарди имаат коишто се пари кои ги даваат на стопанството за кредити и не е проблем во недостаток на пари и немањето на инвестиционен во Македонија не е проблем од недостаток на пари, туку на проекти и бизнис окружување за добро деловно работење, како и добар квалитет на работна сила, знаење, иновации итн. Тоа е проблемот, не парите. Така што нема да почне никаков инвестиционен циклус, само затоа што Владата решила, предизборно, иако не го вика така, тоа е предизборно, да вбризга уште некави 250 милиони евра во стопанството.
– Другата работа е што владата постигна договор со некои банки, не со сите, не ги ни знаеме уште кои се, за каматна стапка од 1,95, која не е висока, но не е никаква историска. Имало и пониски стапки за претпријатијатаТака што сметам дека е една договорена сума, веројатно е дека и банките попуштиле малку со целиот овој притисок што го направи Владата врз нив. Ја спуштиле малку каматата од таа што вообичаено ја давале и банките тој дел ќе си го задржат. Државата ќе си остане задолжена за тие исти пари према Унгарија за 3,25% или 3,50% колку беше каматата за кредитот. Тоа е суштината. Кога ќе видите на овој кредит камтната стапка што вкупно ќе се плати е таа што ќе ја плати Владата према Унгарија, плус оваа што ќе ја платат претпријатијата према банките. Тоа е вкупната цена на кредитот, само што нема да ја плати еден субјект туку едната ќе ја платат граѓаните, тоа е преку полнење на буџетот за да го вратиме непотребнио заем преку Унгарија, а другиот дел ќе го платат претпријатијата кон банките. Банките се нето добитник, граѓаните се нето губитник, претпријатијата зависи кој како, а Владата ако добие на избори заради овој кредит е нето добитник, ако не неикому ништо, бидејќи не ги извадила парите од џеб“, вели проф. Узунов.
Според него не можеме да знаеме дали под неповолни услови е постигнат овој договор и дали кредитот и каматната стапка не е поволна за нас, бидејќи целиот кредит е земен во нетранспарентни услови.
„Бидејќи е непотребен он е земен затоа што бил уште пред избори договорен. Тоа е очигледно, ианку така брзо кредит не се добива тукатака. Една недела после освојување на власт, еве ти милијарда или 500 милиони евра. Премиерот на една држава ќе му даде на нашиот премиер како тоа да е играчка. Тоа се претходно договорени работи, но ние условите не ги знаеме. Јас тврдам, дај Боже да грешам, но ретко за вакви работи сум грешел, овде има скриени клаузули и тоа необјавени. Инаку Унгарија зошто би ни давала нас кредит, за која причина, уште со ниска камата? Многу не сака? Нема врска. Премиерите се пријатели, а тоа се лични пари па се позајмуваат за сиромаштија? Не, тука има нешто скриено кое ќе го дознаеме“.
– Не можам да претпоставам што се крие зад овој дил. Може да бидат најразлични работи, од политички, безбедносни, секави, па и лукративни“, изјави Узунов.
Околу изјавата дадена во „Трилинг“ на екс министерот за финаснии проф. Никола Поповски дека евтин кредит не постои и дека граѓаните нема да ја платат цената, туку дека тие плааќаат даноци, односно само каматата ќе ја платиме и дека Владата во целина не е доволно упатена што прави, проф Узунов вели дека апсолутно се согласува со оваа констатација освен во еден дел.
„Поповски вели дека граѓаните само си плаќаат даноци. Да, но од тие даноци, наместо тие пари да бидат употребени за детски градинки училишта, патишта и, почист воздух итн. ќе бидат употребени завраќање на глвницата и каматите од кредит од којшто ние фајде нема да видиме“, додава Узунов.
Во мометов државниот долг е околу 64%, до крајот на годината ќе достигне 65-66%, предвидувањата се дека идната година може да биде и 70%. За тоа како ќе се сервисираат долговите и како и дали ние можеме да западнеме во категоријата должничка држава, Узунов вели дека за сега не сме премногу задолжени, но сме на граница, како што ние во економијата го викаме „исцрпен е фискалниот простор“ за понатамошно лесно и ново задолжување .
„Како ќе ги враќаме парите зависи не од тоа колку се парите, не од тоа колкав е степенот на задолженост туку како се употребени парите и за што се употребени парите. АКо тие пари што Македонија и секоја држава ги должи се употребат за работи коишто утре ќе донесат додадена вредност и поголем приход, поголеми даночни приходи и поголема благосостојба – поголеми плати и други приходи на граѓаните и на претпријатијата, тогаш не е проблем сервисирањето на долгот. Но ако не биде така, а се изгледа дека нема да биде така, тогаш понатаму тоа ќе биде опаѓање на животниот стандард или поспоро растење на животниот стандард на граѓаните, од тоа што би можело доколку парите биле употребени како што треба“, смета Узунов.
2025-та е критична година кога треба да се исплати еврообврзницата во вредност од 500 милиони евра, а истовремено има и државни хартии во вредност што доспеваат, во вредност од 136 милиони евра.
За тоа што е подобро – да се искористат во текот на идната година втората половина од унгарскиот заем или да одиме преку еврообврзница проф Узунов вели дека во моментов не може децидно да се одговори, бејќи треба да се види колкава би била каматата на таа еврообврзница, што би ја издале во иднина.
„Ако втората половина од овој унгарски кредит претпоставиме дека би била под исти услови, како овој, тогаш барем таа цена ја знаеме, но дали издавање на еврообврзница догодина би било поскапо или помалку скапо, тоа сега не можеме да го одговориме. Старата политиката на популизам во економијата е дефинитивно вратена на голема врата. И претходната Влада почна со некои малку популистички мерки, оваа Влада откако е на власт јас гледам дека нема никаква друга намера да прави нешто освен популизам, бидејќи премногу ја сака власта. Премногу се сака себе на власт. Ова е Влада, политичка гарнитура, на власт што нема намера да жртвува свој политички рејтинг за цели на граѓаните или државата. Тоа го покрива со популизам, смета Узунов.
За тоа како ги оценува првите шест месеци од владеењето на новата гарнитура предводена од премиерот Мицкоски, Узунов вели дека постои голема желба за владеење, голема желба за добивање на следните избори и понатаму задржување на власта што подолго и многу помали можности и капацитет за реално испорачување на добро владеење.
„Добар број од мерките што ги спроведува Владата, не да зборам дали се квалитетни како мерки, туку начинот на кој што ги спроведува е спротивност на добро владеење. Добро владеење е техника на практикување на власта согласно одредени принципи што се докажале како погодни за спроведување на мерки на политиката во други држави. И тоа се вика добро владеење. Ова што го прави владата, не само со уннгарскиот кредит, туку со повеќе работи, е спротивност на тоа“, потенцира Узунов.
СДСМ доби ново раководство. Лидерот Филипче вели дека партијата е подготвена во било кое време да оди на избори. За тоа дали толку брзо опозицијата се консолидираше или пак ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби поддршката, односно ги изневери очекувањата на граѓаните, проф. Узунов смета дека опозицијата се уште се нема опоравено од изборниот пораз.
„Они сега избраа комплетно ново раководство и претстои оваа зима, пролетта, летото да видиме што де факто ќе покажат. Краток е периодот, но ако стварно многу работат, можат стварно да ја подобруваат ситуацијата, но тоа следи, до сега не е. А дека ВМРО разочара одредена категорија граѓани, тоа е точно и во разговор со луѓе се осеќа дека барем кај еден дел од населението очекувањата не се пресретнати, исполнети. Јас само не знам зошто луѓето очекувале нешто повеќе од оваа политичка номенклатура, но ете, очекувале, гласале, па сега викаат – „пак ништо“.
– Владата игра на емоции, бидејќи не може да испорача реални работи, може да испорача емотивен привид дека ќе ни биде подобро во иднина само трепете и истрајте со мене. Големите проблеми не се решени. Не зборам само за проблемот на промена на Уставот со Бугарите, не само тоа, да беше само тоа ќе беше лесно. Вие гледате борба со корупцијата, стварно да се води и да дава резултати? Не. Гледате борба со непотизмот? Гледате нешто навистина добро да се случува и лесно проаѓа и сите дас е радуваат на тоа? Не. Фактички стоиме во место, а некој сака да не убеди дека е добро и дека ќе ни биде подобро, само вие чекајте и оставете ме мене да работам“, вели проф. Узунов.
Целото интервју со универзитетскиот професор Ванчо Узунов дадено за „Трилинг“ погледнете го во видеото.