(Видео) Проф. Малески за односот на Трамп кон ЕУ

-Кај нас во Македонија како да 90% од политичарите, аналитичарите и обичните граѓани се радуваат на фактот дека Трамп се враќа во политиката, изјави во ноември 2024 година за „Трилинг“, проф. Малески и додаде дека негов став е дека има една среќна околност, а тоа е дека ова е последен пат што Трамп ќе може да се кандидира и ќе треба да се издржат овие четири години кои следуваат.

Претседателот на Америка ги влече и првите најавени потези. Двосмислена порака за Путин – признание за големото антифашистичко сојузништво, но и барање Кремљ да ја прекине војната во Украина. Нови војници на границата со Мексико. Панама и Гренланд – за нив подоцна.

Непредвидливоста и неизвесноста се стартните оценки за првите решенија на новиот американски претседател.

САД се наши стратешки партнери, но тривијално е заминувањето на Мицкоски за Вашингтон да се сведе на балканската ложа во Конгресот или за буџетот за патување. Дали е на сцена реобнова на американскиот економски хегемонизам?

Професорот Денко Малески во најновата колумна за „Либертас“ напиша:

Политиката на отворени врати во светската економија, Доналд Трамп ја менува во политика на затворени врати, со високи тарифи.

За новата геостратегија со првиот министер за надворешни работи и екс амбасадор на ОН, Денко Малески во ноември 2024 разговаравме ден по супериорната победа на новиот американски претседател.

„Не би можел да кажам дали во светски рамки ова е најголемиот историски кам-бек. Во секој случај ова е еден од најголемите шокови коишто ги доживеа меѓународното општество на држави, затоа што точно се знаеше кој е Доналд Трамп. Се знаеше за неговиот авторитарен лик, за неговиот американски национализам, за неговите политики, а сепак Американците одлучија повторно да му дадат шанса“.

-Кај нас во Македонија како да 90% од политичарите, аналитичарите и обичните граѓани се радуваат на фактот дека Трамп се враќа во политиката, изјави во ноември 2024 година за „Трилинг“, проф. Малески и додаде дека негов став е дека има една среќна околност, а тоа е дека ова е последен пат што Трамп ќе може да се кандидира и ќе треба да се издржат овие четири години кои следуваат.

„Големите сили сега се во процес на едно поинакво нивно позиционирање. Американската ера како единствена голема сила завршува и заради тоа ние сме во една прилично деликатна ситуација, како планета да кажам, да не се судрат тие големи сили и да не дојде до нуклерна катастрофа. Колку успешно ќе се носи Трамп со ова ќе видиме. Но има еден парадокс кој го забележувам, а тоа е дека само еден ваков човек, како што е Трамп, на кому што воопшто не му е гајле за демократија, ниту за меѓународно право, може да одигра некаква позитивна улога и да ја замрзне војната, не да го реши конфликтот и да престанат воените дејствија“, вели Малески на прашањето дали со изборот на новиот американски претседател ќе може да се очекуваат нови гео-политички поместувања.

„Многу е веројатно дека битно ќе се променат односите помеѓу Америка и Европа во целина. Трамп овој пат ќе биде поподготвен да се соочи со европските водачи, во смисла дека уште повеќе ќе инсистира на својата политика, а тоа е Европа, европските држави да се грижат за својата безбедност, а се зборува дури и за можност Америка да се повлече од НАТО, што би отворило огромни прашања на европскиот континент околу можноста европските држави, толку поделени, фрагментирани да се договорат за така важна работа како што е нов безбедносен поредок.

-Мислам дека апсолутно ќе изостане досегашната посветеност и фокусот на Вашингтон во однос на Европа и регионот. Самата девиза на Трамп – „Америка на прво место“ е повик на секој за себе, за разлика од демократите коишто го негуваа мултиратерализмот, соработката со другите држави, во градење на единство, единство на евро-атлантскиот свет, Трамп нема такви идеи, нема такви амбиции.

– Неговата цел е како да направи од Америка побогато општество и како да ги израмни сметките со оние сојузници коишто живеат на сметка на Америка кога е во прашање нивната безбедност. Така што веќе тој спрема високи тарифи, ќе се обиде да се огради од Европа и од европските индустриски сили, потези во економијата кои сигурно ќе се рефлектираат и во политиката, во смисла на оддалечување помеѓу Америка и Европа“, потенцира Малески.