(Видео) Проф. Калајџиев: Да сум Груби и јас би избегал од Македонија
Погрешно е кога ќе дојде било која нова власт да може да си постави, да може да смени судски органи. Тоа за мене е државен удар. Во модерна правна држава не може извршната власт по сопствено наоѓање да сече глави во судството. Судскиот совет е поставен за да биде брана од тоа. Е сега ако почнат да сечат глави во Судскиот совет и натаму, всушност тоа е директен атак врз Уставот на државата. Не смее извршната власт да си замислува, како мали Ѓокица, дека ќе извади меч, ќе исече некои глави, ќе стави нови глави. Најгрдото во сево ова според мене е во тоа што тргаат едни а носат свои. Ако така го градат независното судство и правната држава, фала им, заклучува проф. Гордан Калајџиев.
„Сашо Мијалков е слободен граѓанин, но приказната со Груевски не се расчити до крај. Мене никогаш не ми беше јасно како човекот што му овозможи на Груевски да добие азил, а тоа беше претседателот на Комисијата за дискриминација којашто надвор од своите овластувања си даде за право да каже дека има дискриминација врз основа на тоа дека кажа дека тој не добил фер судење. Човекот водеше правни комисии во ВМРО-ДПМНЕ, после водеше ДИК и до ден денес ништо не му фали, а луѓето дигаат галама кој го пуштил преку граница. Како тој момент на поминување на државната граница како да е одлучен. Тоа е само финалето, до таму е веќе се договорено“, изјави во „Трилинг“ универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, говорејќи за случувањата кои ја „раздрмаа“ македонската јавност како измените во Кривичниот законик, бегството на Груевски, Мијалков во Монте Карло, „црната листа“ на САД…
Околу сомнежите во релевантноста на доказите на Стејт департментот, проф. Калајџиев вели дека се додека доказите не се спротивстават во една постапка, пред независен суд, со можност да се тестираат, тие се неверодостојни.
„Црните листи“ никогаш не ми биле симпатични, ниту ми е до крај јасна нивната смисла, со оглед на тоа што на црни листи се наоѓаат луѓе коишто не прават директна штета на САД, а трпат последици да патуваат или да имаат бизниси, што за мене е чудно и е дури мешање во внатрешните работи. Замислете кога сите други држави би го правеле тоа – секој во секоја држава да се меша без реципроцитет и ефектите, иако сите од стравопочит кон САД никој не ги критикува и сите ги фалат, ефектите се исто проблематични, бидејќи овие луѓе, практично без никакви процедури, се однапред осудени. Тезата дека САД сигурно имаат добри докази е исто така непроверена. Ако они имаат добри докази, ако се толку пријателски расположени, нека им ги дадат на нашиве државни органи, а не сега ние да си ги бараме. Тоа малку и изгледа детски и неодговорно, вели проф. Калајџиев и додава дека голем дел од луѓето сметаат дека тие доказите се собрани разузнавачки и повеќе од „рекла-кажала“ муаебети.
Говорејќи за конфискацијата на имот и редовната и побрза казна, Калајџиев смета дека таа е важна во кривичниот дел каде што е од користољубива, лукративна природа.
„Но конфискацијата кај нас исто така има голем број на проблеми, особено што Обвинителството по правило не бара конфискација само за незаконски докажаната корист, туку бара целосна конфискација, што е нешто што не е соодветно ни со нашето законодавство ни со повеќе законодавства во компаративното право. Значи треба да се утврди дека има сигурни докази за незаконитиот карактер и проширената конфискација се базира на тоа дека мора да се утврди имотна корист барем кај некое свежо дело и наназад тогаш да се префрли товарот на докажување ако има очигледни околности дека капиталот што лицето го има е стекнат во слични прилики“, смета Калајџиев.
Околу повикот на Мицкоски сите бегалци, вклучувајќи го и Артан груби да се вратат во земјава и тука да си ја докажат правдата, односно невиноста, проф Гордан Калајџиев со свое мислење:
„Деновиве слушам многу навивачка поддршка на МВР дека одлично ја има завршено работата и верба дека сега е тргнато, многу успешно, што е под голем знак прашалник, а дека постои стравување дека Обвинителството и судството веројатно ќе ја расипат добрата работа на полицијата. Тоа е само за неинформирани, вели проф. Калајџиев и додава дека најважна работа за да биде обвинителската работа, како и судската постапка и побрза и успешна е да е добро подготвена од полицијата и од Обвинителството претходно.
„Неподготвени предмети нас не доведоа до меѓународни арбитражи. Им замрзнуваа имот на луѓето, постапките, истрагите траат по пет години. Милион наши адвокати, за среќа на државата немаат доволно позновање дека за замрзнување на имотот којшто е непропорционален на имотната корист за којашто има докази може да се обжали во Стразбур по член 1 на протокол 1 – право на мирно уживање на сопственоста. Навивачката атмосфера којашто се создава, а е предизвикана од самото ставање на црната листа, премиерот ја гористи како голема ПР агенда и лично е секој ден на телевизија. Затоа велам, да сум јас Груби и јас ќе избегам, затоа што Груби во овој момент во Македонија неможе да добие фер судење. Сите што малку ја познаваат практиката во Македонија ќе ви кажат дека шансите на обвинетиот да добие ослободителна пресуда, кој што по теорија би требало, ако е докажано или веројатноста дека го сторил делото, да биде над 95%. Значи со 90% докажност би требало да го ослободиме сторителот врз основа на повисокиот праг што си го поставуваме во кривичната постапка, врз основа на пресумпцијата на невиност и нашиот став на модерната цивилизација дека е подобро некој виновен да го ослободиме отколку невин да осудиме – тоа се вредности и критериуми прифатени во целата модерна цивилизација“, смета проф. Калајџиев и додава дека кај нас постои огромен притисок врз обвинителите и судиителуѓето да бидат осудени.
„Кога таа кампања во јавноста е таква да ве оцрнат уште од претходно, со прес-конференции, партиски, обвинителски, шансата ваша на суд е теоретска. Не е тоа класично монтирано судење, но е вид на монтирано судење, бидејќи судењето се сведува на една лажна претставакојашто само наводно ќе го легитимира исходот, а исходот ние го знаеме однапред. Значи сега да го фатат Груби, одма треба или да се спогоди и врз таа основа да добие поблага казна или да го направи ова што го направи – да избега, вели Калајџиев.
Говорејќи за „Црната листа“, најавите на премиерот Мицкоски за робусна акција во судско-обвинителскиот сектор и акција против корумпираните личности, Калајџиев со реторичко прашње – Што мислите дали може во САД извршната власт да стави некој на Црна листа и да му го одземе имотот, без судење? Не може!
„Покажуваат само сила надвор. Принципите што важат од американскиот Устав, на коишто ние се огледуваме, не важат за нив надвор од границите, а ние се колнеме во тоа дека е тоа како од Господ дадено. Кај нас целата приказна е наопаку поставена. Прво со атакот врз Судскиот совет, како да е тој некаков најважен орган во судството. Ние и без него имавме судство. Јас не велам дека таму нема проблеми, туку проблемите се прикажуваат црно – бело, при што се посочува дека е виновна само судската власт. Владата не беше многу јасна дали им смета моделот, дали сакаат модел заради независно судство, или им сметаат некои луѓе затоа што се со корени поставени од претходната власт. Погрешно е кога ќе дојде било која нова власт да може да си постави, да може да смени судски органи. Тоа за мене е државен удар. Во модерна правна држава не може извршната власт по сопствено наоѓање да сече глави во судството. Судскиот совет е поставен за да биде брана од тоа. Е сега ако почнат да сечат глави во Судскиот совет и натаму, всушност тоа е директен атак врз Уставот на државата. Не смее извршната власт да си замислува, како мали Ѓокица, дека ќе извади меч, ќе исече некои глави, ќе стави нови глави. Најгрдото во сево ова според мене е во тоа што тргаат едни а носат свои. Ако така го градат независното судство и правната држава, фала им, заклучува проф. Гордан Калајџиев.
Целиот разговор со универзитетскиот професор Гордан Калајџиев погледнете го во видеото.