(Видео) Проф. д-р Бојаџиев: Образованието никој не го разбира сериозно, затоа е во слободен пад
Говорејќи за состојбите во образованието и можните реформи во тој систем, проф. д-р Бојаџиев, вели дека образованието, секоја влада, не го „есапи“ за озбилна приказна, така што никој не се занимава каде треба да биде високото образование денеска.
Македонското образование последниве неколку години е во слободен пад. Ниту еден македонски Универзитет ниту година не се најде меѓу најдобрите 1.000 високообразовни институции на „Шангајската листа“. Таму се најдоа дел од универзитетите во регионот, како што е Белград, Загреб, Нови Сад.
Соговорник во „Трилинг“ беше универзитетскиот професор, ректор на Универзитетот „Американ колеџ“, проф. д-р Марјан Бојаџиев.
„Почнав со рангирање на универзитетите од 2011, кога шангајското рангирање „стана модерно“. Во светот има три популарни рангирања – „Шангајското“, и две се базирани во Лондон – „Кју Ес“ и „Тајмс хајер еџукејшн“. Сите три имаат повеќе или помалку ист модел, а моделот е: Истражување, настава, влијание на заедницата“.
Говорејќи за состојбите во образованието и можните реформи во тој систем, проф. д-р Бојаџиев, вели дека образованието, секоја влада, не го „есапи“ за озбилна приказна, така што никој не се занимава каде треба да биде високото образование денеска.
„Во Македонија не е направена ниту една евалуација на ниту еден Универзитет, Факултет, Институт. Во државава можеби има пет-шест професори што се меѓународни евалуатори, но никој не ги кани да направат нешто. Никој не спроведува некаква евалуација, додава Бојаџиев.
„Само видете во последниве седум години кој се беше министер за образование. Да биде бељата поголема, Македонија отиде во целосна автономија на образованието, министерството нема некоја ингеренција, освен финансирањето, се направи национален Совет којшто треба да има две основни точки – стратегија за развој на високо образование и модел на финансирање. А кај нас националниот совет наместо да се занимава со овие две, се занимаваше со креирање на некакви подзаконски акти, создаваше хаос, така што никој не се бави каде треба да биде високото образование денес, вели Бојаџиев.
Целото интервју со проф. д-р Марјан Бојаџиев, погледнете го во видеото.