(Видео) Потресни сцени: Најмалку 128 загинати при силен земјотрес во Непал

Најмалку 128 лица загинаа, десетици се повредени во Непал кога силен земјотрес го погоди западниот округ Јајаркот, соопштија денеска официјалните лица, куќите во областа се урнати, а зградите се тресеа дури до Њу Делхи во соседна Индија.

Земјотресот се случил во петокот во 23:47 часот по локално време, со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала, соопшти Националниот сеизмолошки центар на Непал.

Земјотресот е најсмртоносниот од 2015 година, кога околу 9.000 лица загинаа во два земјотреси во оваа хималајска земја. Цели градови, храмови стари со векови и други историски локалитети беа претворени во урнатини, при што беа уништени повеќе од милион домови, што ја чинеше економијата 6 милијарди долари.

Официјалните лица стравуваат дека бројот на жртвите од земјотресот може да се зголеми бидејќи не успеале да воспостават контакт во ридското подрачје во близина на епицентарот, на околу 500 километри западно од главниот град Катманду, каде што исто така се почувствувале потреси. Округот има население од 190.000 жители, а селата се расфрлани во оддалечените ридови.

„Бројот на повредени би можел да биде стотици, а и бројот на загинати може да се зголеми“, изјави за Ројтерс функционерот на областа Јајаркот, Хариш Чандра Шарма.

Портпаролот на полицијата Кубер Кадијат изјави дека 92 лица загинале во Јајаркот и 36 во соседниот округ Рукум Вест, и двете во провинцијата Карнали. Епицентарот на земјотресот бил во селото Рамиданда. Најмалку 85 лица се повредени во Рукум Вест и 55 во Јајаркот, изјави официјален кабинет на премиерот, додека Шарма рече дека најмалку 50 лица се во болниците само во Јајаркот.

„Многу куќи се урнаа, многу други отворија пукнатини. Илјадници жители ја поминаа цела ноќ на ладно и отворено бидејќи беа премногу исплашени да влезат во испуканите куќи додека се случуваа последователни потреси“, рече Шарма.

Службите за пребарување и спасување треба да ги расчистат патиштата блокирани од лизгање на земјиштето предизвикано од земјотресот за да стигнат до погодените подрачја, велат полициски извори. Премиерот Пушпа Камал Дахал рано во саботата полета во погодената област со 16-член воено-медицински тим за да ги надгледува напорите за пребарување, спасување и помош, соопшти неговиот кабинет.