(ВИДЕО) Поповски: Нафта и деривати ќе има – граѓаните придонесоа цената да биде повисока
➡Поведени од паниката што се создаде, македонските граѓани придонесоа да цената на горивото да биде повисока. Одеднаш се создадоа редици пред бензинските пумпи , и сите ги наполнија резервоарите беспотребно. Сега цената на дизелот и бензинот нема да биде пониска додека не се потрошат претходно обезбедените количини. ➡Нафта ќе има, деривати ќе има, туку за да се интервенира на цената, бидејќи ако има недостаток тогаш оние што ќе немаат контрола врз ресурсите и изворите, тие економии, фирми, компании, региони и тн., тие мора да купуваат во тој момент она што е слободно, а тоа се продава на берза и во тој момент тие се најизложени на ризикот дека ќе добијат продукти по највисока, односно берзанска цена... ➡Поповски вели дека на светско ниво дневно се трошат околу 100-110 милиони барели, и сега вие велите ги употребуваме резервите од 400 милиони барели. Колку дена би ви обезбедило тоа крпење ако застане се? Битно е колкава е дупката. Е сега дупката, односно недостатокот на енергенс, мислам дека ќе зависи само од фактот колку време и за колку ќе се намали протокот, а моите информации се дека не е многу забавен протокот низ Ормускиот Теснец, и колку овие 400 милиони што се ослободени ќе го пополнат тоа време. Мислам дека тоа е една резерва не за да се намали недостатокот, смета Поповски.
„Подолг период работев за една голема меѓународна компанија којашто се занимаваше со инфраструктурата на нафта и гас, односно во енергетските објекти, не само на Блискиот Исток. На Блискиот Исток бев присутен подолго време, посебно во Катар и Саудиска Арабија, меѓутоа и во други интересни области земјината топка, што се непосредно поврзани и со нафта и со гас, како на пример Југоисточна Азија, Виетнам, Малезија, но и уште поспецифично, во големите центри во Африка, како Алжир, со најголемата компанија за нафта и гас во Африка – „Сонатрак“, Мароко, Ангола и тн. Јас бев во улога на технички директор на интернационалниот оддел на таа компанија“, изјави за „Трилинг“ Слободан Поповски, машински инженер кој работел на гасоводните и нафтоводни линии во сега воените подрачја на Блискиот Исток.

Прашан како гледа на сегашните состојби на Блискиот Исток, особено околу нафтата, недостигот на нафта, снабдувањето со нафта и гас, Поповски вели дека многу е рано да се направи проценка дека постои некаков тренд.
„Промената на цената кратко траеше и сега гледаме дека насоката е надолу. Траеше неколку дена кога почна конфликтот и кога завладеа таква паника. Големите производители на нафта, а и на гас, што се наоѓаат во тој регион, имаат огромни капацитети чиешто производство така лесно не може да запре, а дополнително на тоа имаат извонредно развиени складишни и преносни капацитети. Јас мислам дека станува збор за моментално прилагодување, кое согласно развојот на настаните, потоа ќе си го заземе природниот тек. Прашање е само какви ефекти, каде и во кои делови на светот ќе има“, вели Поповски.

Осврнувајќи се на тврдењата дека Кина ќе биде најзасегната, а од друга страна Русија трие раце од аспект на профитабилноста од конфликтот, Поповски вели дека се работи за десктоп анализа.
„Оној кој имал можност да го процени енергетскиот биланс на Кина, знае дека е извонредно балансиран, односно Кина со никого нема развиено трговски однос во којшто тој со којшто што го развила доминира по било кој основ. На пример, Венецуела и Иран, а ова не го кажувам случајно, се 17% од вкупниот увоз на нафта од наоѓалиштата каде што Кина нема директна контрола. И сега ако тоа се знае, таа бројка ако е позната, тогаш јасно е дека таков економски гигант и индустриска сила нема да многу засегната. Дополнително што модел по којшто се развиваат односите помеѓу Кина и овие производители на енергенси во тој регион се долгорочни, се темелат на инвестиции на Кина во тој регион, кои понатаму тие инвестиции се затвораат со долгогодишни договори за концесија во кои Кина, но не само Кина, туку и првите земји коишто инвестирале во тој регион, потпишуваат долгорочни договори во кои берзанските цени немаат премногу големо влијание“, потенцира Поповски и објаснува како функционира пазарот.
„Да направиме споредба. Првите инвестиции во нафтената индустрија во регионот почнуваат во Саудиска Арабија, Кувајт, Ирак, додека најголемиот потенцијал на Катар е во природниот гас. Тие први инвестиции кои се направени таму се направени со странски капитал од големи економии, кои кога инвестирале потпишувале и долгорочни договори за испорака, односно распределба на количината што ќе биде извадена и тие биле договори со прилично предвидливи и цени коишто не се многу под влијание на дневните поместувања на берзите, односно краткорочните поместувања на берзите. Ако некој таму прв инвестирал, направил постројка и постројката ја направил врз основа на концесиски договор, тогаш тој се потрудил да на многу долг период цената на енергенсот којшто го вадат, а тоа нафтата или гасот, биде стабилна. Да не биде можеби со иста вредност, бидејќи тоа се менува со годините, меѓутоа да биде стабилна и предвидлива.
-Дополнително на тоа, развивани се и други капацитети. На пример, во случај кога продуктот од рафинирање се извезува, тогаш она што останува од него се претвора во некој друг продукт. На пример во една од најголемите индустриски зони во светот од овој сектор се наоѓа во Ал месаид во Катар. Во Ал месаид ќе најдете неколку различни типа на индустрии и таму на пример ќе го најдете најголемиот светски производител на полиетилен, заради тоа што полиетиленот се произведува како резултат на рафинирањето на нафтата, вели Поповски.

Прашан за мислење дали смета дека снабдувањето со нафта нема да биде проблем во наредниот период, иако постојано нејзината цена на некој начин „дивее“, Поповски смета дека нема проблем со снабдувањето и прави анализа.
„На светско ниво дневно се трошат околу 100-110 милиони барели, и сега вие велите ги употребуваме резервите од 400 милиони барели. Колку дена би ви обезбедило тоа крпење ако застане се? Битно е колкава е дупката. Е сега дупката, односно недостатокот на енергенс, мислам дека ќе зависи само од фактот колку време и за колку ќе се намали протокот, а моите информации се дека не е многу забавен протокот низ Ормускиот Теснец, и колку овие 400 милиони што се ослободени ќе го пополнат тоа време. Мислам дека тоа е една резерва не за да се намали недостатокот. Нафта ќе има, деривати ќе има, туку за да се интервенира на цената, бидејќи ако има недостаток тогаш оние што ќе немаат контрола врз ресурсите и изворите, тие економии, фирми, компании, региони и тн. , тие мора да купуваат во тој момент она што е слободно, а тоа се продава на берза и во тој момент тие се најизложени на ризикот дека ќе добијат продукти по највисока, односно берзанска цена.
-Ги гледаме потезите коишто се прават за да се намали варијабилноста на цената. Значи деривати кои што биле, најмногу дизел, се обезбедени многу одамна по некоја друга цена. Сега тоа се ослободува и се пушта во моментов за да се пополни недостатокот по таа цена којашто била набавена претходно, за да се изнивелира варијабилноста на светско ниво. И сега нормално е, оној момент кога тие резерви ќе се потрошат, ќе треба некои други за да се контролира цената. Затоа беше и ОПЕК формиран. ОПЕК е инструмент кој вели – сега има малку повеќе ваму, а малку помалку таму и тогаш се подесува производството. Така што целиот тој модел и систем е направен да нема недостаток, да не запре целиот свет одеднаш, туку евентуално да се интервенира на цената којашто би добила пропорции коишто никој не ги сака“, вели Поповски.

За импликациите врз Европа и регионот, имајќи предвид дека Хрватска и Србија недела донесоа привремена забрана за извоз на нафта и гориво и дали Македонија требаше да ги следи овие чекори, Поповски вели дека тоа најмногу зависи од резервите.
„Доколку резерви има, тогаш треба да се спречи тие да бидат извезени, бидејќи тие резерви се купени пред постоењето на кризата по некоја цена која тогаш била актуелна. Можеби била многу пати пониска од постоечката. Јас не би знаел дали Македонија има доволно резерви, но она што мене ми падна во очи, е што поведени од паниката којашто се создаде, македонските граѓани придонесоа да цената на горивото биде повисока. Како? Одеднаш се создадоа редици пред бензинските пумпи и сите беспотребно ги наполнија резервоарите, очекувајќи дека ќе се зголеми цената. Тоа значи дека се испразниле резервите и тоа значи дека добавувачите, по новата цена, што во тој момент била актуелна на берзата, истата таа количина што е ставена во резервоарите ја купиле и ја донеле во Македонија. Согласно правилата и законите на регулираниот пазар, таа сметка оди кај Регулаторна комисија и таа веќе е вкалкулирана како нова цена на горивата. И сега додека тие резерви не се потрошат, новите што се набавија, ние нема да имаме промена на цена, без оглед што цената на светските берзи веќе е подолу. Јасно е дека кога психозата ќе преземе, рационалноста исчезнува и тогаш се прават услови за секакви погрешни одлуки“, смета Поповски.

Говорејќи околу најавата за новиот проект и влезот на турската компанија „Казанџи Холдинг“, Поповски смета дека оваа нова инвестиција е решение кое на долг рок ќе биде одржливо.
„Тоа е решение проектирано така да во себе обедини три битни елементи. Прво да обезбеди пристап до извор на енергенсот, односно да го стабилизира снабдувањето. Второ да ја обезбеди неговата потрошувачка, бидејќи вие ќе го обезбедите изворот, но ако немате потрошувачка, бадијала сте го обезбедиле. И третиот дел е тоа да биде направено со економска логика која што ќе направи прво да се намалат обврските по однос на емисиите и климатските промени. Второ, цените на електричната енергија, топлината, а и природниот гас до домаќинствата да бидат предвидливи и стабилни на многу долг период. Она што е јавно достапно е дека една гасна централа би била во Скопје, во Општина Кисела Вода, на подрачјето на некогашниот ОХИС. Втората локација е во полошкиот регион и третата локација е во Кичево, односно во Осломеј, во рамките на ТЕЦ Осломеј.
За тоа колкава би била инвестицијата, Поповски вели дека Вкупната инвестиција се предвидува да биде 1,2 милијарди евра, а инсталираниот производен капацитет на електрична енергија би бил некаде околу 670 мегавати на трите локации.
„Се работи за турска инвестиции во којашто, во којашто турскиот инвеститор го презема целосното инвестирање. Тоа што е битно да се напомене е што турскиот инвеститор нема да направи само три когенеративни централи, туку ќе го обезбеди и гасот за нив. Ќе ја развие и дистрибутивната мрежа. Значи ќе развие мрежа за гасот да стигне до секое домаќинство“, вели Поповски.
Прашан дали во оваа инвестиција ќе учествуваат и македонски компании, Поповски одговора потврдно.
„Ние имаме производител на челични цевки. Имајќи ги предвид царинските односи помеѓу Македонија и Турција, ќе има 15% помалку за плаќање на цевките. Имаме и производител на пластични цевки. Значи имаме компании што може да се справат со тоа. Прашање е сега дали во услови кога има и други инвестиции во земјата, македонскиот сектор ќе има доволно капацитет да се справи со ваков опсег на работи. Инаку да, турскиот инвеститор знае и сака да го искористи сето она што е расположливо на македонскиот простор“, вели Поповски.
Целото интервју погледнете го во видеото