(Видео) Поповски: Мицкоски врши притисок врз банките, ЕУ перспективата е уништена
- Од ова што се случува и што го гледаме во последниве 7-8 дена, мислам дека сме сведоци на еден невиден политички притисок врз банките во Македонија, да го прилагодат нивното работење и нивното пазарно работење по барање на политиката, на владата, вели Поповски.
Унгарски чардаш со кредитот од унгарскиот премиер Виктор Орбан. Македонските банки подигаат свои каматни бариери во распределбата на парите од Будимпешта. Тие бараат плус 3% за камати и трошоци при сервисирањето на кредитната линија од Унгарија.
Гостин во „Трилинг“ беше проф. Никола Поповски, екс министер за финансии.
„Од ова што се случува и што го гледаме во последниве 7-8 дена, мислам дека сме сведоци на еден невиден политички притисок врз банките во Македонија, да го прилагодат нивното работење и нивното пазарно работење по барање на политиката, на владата, вели Поповски на прашањето дали премиерот Мицкоски кој најавува средба со банкарската елита, ќе се спогоди со банкарите во однос на нивните барања.
„Да потсетиме, регулацијата на работењето на банките воопшто не е во владина надлежност во сите пазарни економии во светот па и во нашата и ова е еден еклатантен пример зошто не треба да биде таму. Замислете владата да беше регулатор во односите во банкарскиот систем. Замислете банките во Македонија, има 14 банки од кои една е државна – Развојната, преку која кредитот ќе се реализира, од останатите 13, три се македонски, другите 10 се странски банки, од 100 до 90% сопственост по секоја поединечно и замислете банките да не беа странски, да беа домашни. Со каков политички притисок се соочуваат од владата и директно од премиерот. Неколку денови по ред, на секоја прес-конференција, на секоја изјава, премиерот врши политички притисок врз пазарни субјекти, да се однесуваат според барањата на владата, во нивното деловно работење, вели Поповски.
Околу тоа како ќе одговорат банките на ваквиот упад од страна на владата, Поповски вели дека банките ќе си одговорат како што тие сметаат.
„Од тоа што го гледам на телевизија, ниниот одговор е негативен. Тие самите кажаа дека само една банка се согласила. Во нашите кругови се знае која банка се согласила и таа се согласила исто така од политички причини, бидејќи е банка ќерка, на банка која во домицилната држава е државна банка. И таа од политички причини се согласила за да ги изгради односите со новата власт. Инаку да притискате банки со 0% камата да работат со кредити на коорпоративен сектор, на претпријатија, па јас можам одма да ви кажам, без многу размислување, три причини зошто е тоа невозможно.
-Еве да речеме една банка ќе и се одобрат 50 милиони од тие средства и да речеме дека за нив ќе конкурираат 150 фирми. Да подигнат по два милиони. Кој ќе ги обработува кредитните барања? Има таму кредитни референти коишто имаат плати. Има банката трошоци. Оперативни трошоци, тековни трошоци, плати за вработените. Значи овде не се збори за заработки на банките, вработените ќе треба со недели со месеци да ги обработуваат тие кредитни барања.
-Второ, на чиј товар ќе биде погрешното кредитирање? Знаеме дека односите се изградени така што Развојната банка ги дава на банките, а банките одговараат со целиот свој потенцијал пред Развојната банка. Ако не го врати на банката, банката ќе си го врати на Развојната банка од другите средства. Знаете чии се другите средства? Во нашиот банкарски систем вкупната актива на банкарскиот сектор е околу 12 милијарди евра, од кои 10-15% се средства на банките, односно на акционерите и другите 85-90% се депозити на граѓаните и компаниите. Банките работат со нашите депозити. И сега ние ги притискаме они бесплатно да работат и да го сносат ризикот ако некој кредит пропадне, од нашите депозитни средства 90% да се покрие тој губиток.
-Трето, банките имаат ризик во работењето. Како може сето тоа владата да го пренемагне и да бара од нив да работат на тие принципи. Јас сум малку шокиран, да ви кажам искрено“, вели Никола Поповски.
На прашањето како се случуваат вакви финансиски аранжмани во контекст на договорот со Будимпешта и подигнувањето на кредитот без претходно да има дијалог или консултација со домашните банки, Поповски вели дека сега е очигледно дека кредитот од Будимпешта е договорен тајно, пред изборите и не е дел од изборната кампања во која тоа се соопштува, од причини што си ги знаат тие коишто го договарале, во овј случај владата.
-Тој кредит од 500 милиони сега е веќе повлечен, од кои 250 милиони се чуваат за општините, што е исто така без преседан во македонските финансиски односи со странство. Вторите 250 милиони преку Развојната банка ќе се насочат преку деловните банки до крајните потрошувачи за кои државата одредува рокови – 15 години. Банките со такви рокови не работат. Прво супервизорот на нивното работење ќе им ги оцени дека тие се недоволно функционални. Кој знае од сега компанија во идните 15 години колку ќе биде моќна да ги враќа тие пари?
-Второ, ги притискаат да бидат со каматни стапки од 0%. Значи тие да работат бесплатнио. Да не го сносат ризикот тие што ги даваат парите од Развојна банка и државата, туку комецијалните, деловните банки да го сносат ризикот. Еве да речеме една банка да даде 100 милиони од унгарските пари и ги распредели на 33 кредити по 3 милиони. И замислете еден само да не се реализира. Па тие и каматите од три посто што ќе ги наплатат, што ги бараат, ќе им биде на нула работењето, а замислете со нула камата. Затоа што ако сега се прекрши на овој начин, може да продолжи да се прекршува во другите сектори, што значи дека може и да стане пракса. Политичкиот притисок да стане пракса.
-Гледајте што се случува во Америка. Трамп победи со ветување дека делумно сака да ги одземе ингеренциите на нивната централна банка (ФЕД), да има делумно и претседателот влијание. Значи да се одземе независноста во функционирањето на монетарниот и на банкарскиот систем. Кој ќе биде следниот? Системот на осигурителните компании, па оние градежици што имаат најголем профит, па трговците…какво е тоа работење во пазарна економија? Првата реченица во сите извештаи на ЕК за Македонија е: Не постои функционална пазарна економија. Значи не вика не постои пазарна, туку нефункционална, значи не функционира пазарната економија, вели Поповски.
Имам впечаток дека владата во целина не е доволно упатена што прави. Граѓаните нема да ја платат цената, граѓаните си плаќаат даноци. Ние ќе си ги платиме каматите. 15 години по 32 милиони годишно, толку камата ќе платиме на Унгарската банка во тие 15 години. Сега не знам колку е грејс периодот, дали за него се плаќа камата или не. Во Македонија херои станаа тие што ја задолжуваат државата. Значи во Македонија пирамидата се врти на глава да застане. Јас гледам во јавноста, експерти, мои колеги професори и други, предупредуваат на опасностите од вакви ад хок задолжувања, но тие се потиснати во јавноста дека тие се против Македонија. А хероите се тие што ја задолжуваат државава со една милијарда. Евтин бил кредитот? Нема евтин кредит. Не се во прашање каматите, во прашање е милијардата што се повлекува. Таа ќе треба да се врати, плус каматите. Од каде ќе ја вратиме милијардата е прашањето? Била евтина??? Па и бесплатно да ви ја дадат, 250 милиони одат во општините, ги слушате вие овие владини коонференции што ги пренесуваат и општините кои конкурираат за тие 250 милиони преку свои проекти, за што ги трошат? За тротоари, мега парк, канализациони цевки, ќе поправаат кровови.
-Мислам дека немаме концепт како ќе се сервисираат долговите. Сега е 63,2%. Дефицитот во идната година е 545 милиони евра. На сегашните 63,2% од БДП што е долг, во последниот квартал ќе имаме уште 1-2% со овие 500 милиони што ги повлековме, ќе стане 65-66%, дури и повеќе на крајот од оваа година. И додадете 3-4% од идната година, 2025 ќе ја завршиме близу до 70% јавен долг и веќе во 2026 ќе ги надминеме 70%. Тоа за Македонија е неодржливо, потенцира Поповски.
„Јас често слушам ваши колеги, често слушам, за жал, стручни лица и експерти кои викаат ја поминавме психолошката граница од 60%. Кој воопшто тврди дека тоа е психолошка граница? Тоа не е психолошка граница, тоа е сериозна економска граница на ниво на задолженост на една земја. Особено земји со среден доход како што сме ние. Ќе ги отплаќаме долговите, но тоа ќе има товар врз економијата. Ќе ги отплаќаме ама ќе нема за нешто друго. 70% од БДП ќе ни дојде јавниот долг, а БДП ни е 15-16 милијарди евра, тоа се 10-11 милијарди евра долг. По пет посто пола милијарди годишни камати. Ако продолжиме вака ние не запаѓаме во должничко ропство, барем сѐ уште не, но во должничка криза, а ако продолжиме вака ќе западнеме и во должничко ропство. Ние не можеме веќе да се вратиме од ова, додава проф. Поповски.
Околу политичките случувања во земјава, ескалацијата на односите Мицкоски – Ахмети, законот за употреба на јазиците, укинувањето на балансерот и за тоа колку се реални предупредувањата за можна дестабилизација, Поповски смета дека тоа не е веројатно.
„Сметам декаи двете политички страни ова го користат пред своите пред своите гласачи за своите политички цели. Ние сме 10 месеци пред локални избори и ќе се изберат гладоначалници кои ќе ја отсликаат каде се гласачите што се врзани за овие партии кои викаат „Вие дестабилизирате, а другите пак викаат „Не, вие дестабилизирате“. Да речеме дека ако на локалните избори ДУИ значително го подобри својот скор во односна ВРЕДИ од мај 2024, тоа е јасен знак дека албанските гласачи сметаат дека процесите одат во погрешна насока. На другата страна веројатно конкурентноста е намалена. СДСМ сѐ уште ќе се занимава со внатрешни проблеми за да бидат цврсти и да се спротивстават на ВМРО-ДПМНЕ со довербата која што ја има сега. И оттука сметам дека до изборите ќе биде потивко, вели Поповски.
„Инаку во однос на Балансерот, јас сум еден од оние коишто учествуваше во креирањето на Рамковниот договор, од коишто произлегоа Уставните амандмани и не можам да сфатам како после 22 години ние сѐ уште разговараме дека пропорционалното учество на сите етнички заедници во Македонија, во државните органи на власта треба да ги врамуваме со закони кои можат, неможат да се донесат. Многу е поедноставна работата. Коалициите кои се на власт треба да седнат и да речат – во одбраната колку имаме проценти на Албанци. Ако се 16% на пример, тогаш треба да се зголемат до 23-24%. И што има тука да се нозат закони? Тоа е дел од политика што треба да ја спроведуваат, смета Поповски.
Говорејќи за европската перспектива на Македонија, тврдиот став на премиерот Мицкоски околу билатералното прашање со Бугарија, Поповски вели дека не знае што премиерот мисли и на што ќе опстои, зошто во изминативе месеци колку што е премиер, сведоци сме дека многу често ги менува ставовите од периодот додека беа во опозиција.
„Сега се полесно прифаќа. Премиерот на Македонија, кога дојде унгарскиот премиер во официјална посета, излезе пред камера и рече „Унгарија е наш стратешки партнер“. Снимките постојат. Вие знаете што значи Македонија да изјави дека Унгарија ни е стратешки партнер? Што, веќе Америка не ни е стратешки партнер, веќе не ни е ЕУ стратешки партнер? Но еве тука јас за себе барем ќе бидам отворен – Македонската перспектива кон Европската унија е уништена и веќе не постои, тврди Поповски.
Целото интервју со поранешниот министер за финансии, проф. Никола Поповски, погледнете го во видеото.