
Службените печати од Гимназијата во Демир Хисар, поради кои настана цела драма околу разрешувањето на директорката Маја Лозановска за цело време биле во сеф во просторија на училиштето. Ова за „Независен“ го тврди адвокатот на Лозановска, Жаре Стеваноски велејќи дека „цела Македонија се крена за печатите, а сега полицијата не ја интересира каде се“.
„Печатите за цело време се наоѓаат во просториите на училиштето, во сеф. МВР во петокот требаше да изврши претрес и во службените простории на училиштето. Јас не знам како го извршиле претресот, ама еве денес одбиваат да им ги покажеме печатите, во кој шкаф се, во каков сеф се заклучени и на каков начин се обезбедени. Одбиваат, буквално одбиваат“, вели адвокатот Стеваноски за „Независен“. И додава:
„Додека сите мислеа дека печатите се кај Лозановска, тие сѐ уште се во училиштето, а полицијата прво влезе дома кај Лозановска“. Адвокатот јавно прашува – како МВР ја извршила наредбата за претрес во училиштето, а да не ги најде печатите?
Денеска разрешената директорка од градоначалникот на Демир Хисар, Маја Лозановска заедно со адвокатот се појавија на информативен разговор до полициската станица во Демир Хисар, но таму им кажале дека тие не се повикани и повторно им договориле разговор за утре во 13 часот. Во петокот полицијата дојде во домот на Лозановска и бараше на болничка носилка да биде спроведена в полиција. Денеска Лозановска сама отиде, па никој не ја испраша.
„Циркус беше денеска, во петокот бевме повикани од началникот (сега разрешен) Роберт Мартиновски, преку женско униформирано лице на разговор, им кажав дека ќе одиме в вторник (до денес е Лозановска на боледување). Одиме денес и инспекторот Александар инспекторот нѐ прашува – кој ве повика, имате покана? Немаме, телефонски нѐ повикаа. Штом немате, вели, ако сакате да ви земам изјава на службена белешка на самопријавено лице. Му велам во петокот на носилки ќе нѐ носевте и закажавте за денес. Еве тука сме. И на крај ни вели ќе ви доставиме покана за утре“, изјави Стевановски.
Според него в.д. директорката Јасмина Дамчевска си направила комисија и влегла во просториите на училиштето оти било заклучено, а вработените биле на колективен одмор. Адвокатот ја прашал полицијата дали ќе оди со нив во училиштето за да ги извадат печатите. Полицаецот кажал нема потреба да одиме.
„А не сакате да знаете каде се печатите? – му реков. Вели, ако има проблем треба да ги предадете на новата директорка, рече полицаецот. Во ред тогаш да поднесеме пријава, реков – не сакаа да ја земат пријавата в полиција. Ме прашаа каква пријава – за самовластие, реков, против Јасмина Дамчевска. Јас извадов тековна состојба од Централен регистер, таму уште е Маја Лозановска директор во училиштето. Кој е за вас директор прашав, оти за мене е тој што е внесен во Централен регистар, им реков“, раскажува адвокатот за разговорот во демирхисарската полиција.
Од полиција заминале во училиштето, а таму била и в.д. директорката Дамчевска, па на една маса седнале и со разрешената Лозановска.
„Со препирање се качивме в канцеларија. Видовме дека е обиен кабинетот на директорката и повторно повикавме полиција. Дојдоа полициски службеници и ни кажаа да се оддалечиме од училиштето за да го обезбедат местото. Тогаш дојде инспекторот Александар и внатре влезе в.д. директорката Дамчевска. Не ми беше јасно – се обезбедува место, а директорката што го сторила нештото е тука внатре. И од нејзе беше побарано дали сака да знае каде се оставени печатите, бидејќи сѐ уште немаме примено решение“, вели адвокатот Стеваноски.
Според него при увидот во училиштето денеска од полициската станица во Демир Хисар не било викнато лице од крим техника да направи увид.
Инаку, според адвокатот, градоначалникот на Демир Хисар изготвил две решенија, едно за разрешување на Лозановска и второ за именување на Дамчевска, но Лозановска сѐ уште не го приминала решението.
Целата оваа драма е поради три нови вработувања во демирхисарската гимназија.
Извор: Независен
Директорката од Демир Хисар ја викнале на информативен разговор, па прашале кој ја викнал!