Адвокатот д-р Валентин Пепељугоски кој е дел од најновото издание на Трилинг за реакциите во јавноста по непоставувањето на македонското знаме зад претседателката Сиљановска Давкова при посетата кај нејзиниот колега Радев во Софија гледа корелација во тоа што македонското знаме често е изоставено и кога се работи за средби на домашни политичари – Албанци.
„Ми се чини дека можеби не е случајна корелацијата. Подолго време припадниците на албанската заедница не го истакнуваат македонското знаме. Проблемот е што никој не го спроведува законот. Уште повеќе боли кога ќе видете веб страна дека политичар се сликал само со албанското знаме. Не е тоа проблем на Бугарија што го немаше македонското знаме, тоа е проблем на нашите служби. Тие се однесувале неодговорно. Претседателката има шеф на Кабинет, шеф на протокол. Во дипломатијата нема приватни посети. И министерот Љутков беше без знамето. Се сликаат само со бугарското знаме. Таа фотографија со Радев е многу индикативна, а ние го знаеме проблемот со Бугарија – за непризнавањето на јазикот“ вели Пепељугоски.
За реформите во судството кои се најавуваат со секоја промена на власт, а и по три децении имаме доверба од 3%, адвокатот ќе каже „Следам што се случува и во земјите членки на ЕУ, и таму довербата во судството е ниска, 17-18%. Ми се чини дека некој намерно ја создава перцепцијата во судството и ниската доверба“.
„Откако знам, судството се реформира. Состојбата со секоја реформа се влошува. Не се прави анализа кои се потребите на граѓаните, а кои на бизнисот. Се поставува прашање зошто ви е суд во Крушево, во Берово, нема потреба од толку судови. Во Скопје предметите се закажуваат на 4 месеци. Пред се кај трговските спорови тоа не може да се објасни. Не можам да прифатам дека стручни соработници од судови може да бираат судии во Врховен суд. Има прекрасни луѓе меѓу стручните соработници, но јас сум поборник судиите кои ќе членуваат во Судскиот совет најмалку да бидат судии на апелациските судии, па дури таму треба да членуваат и адвокати, професори по право, и пензионирани судии“ – вели Пепељугоски.
За кредибилитетот на Обвинителството и роднинската поврзаност вели „Не може да очекувате независност во македонски услови, ние живееме на Балканот и роднинските врски се подложни на влијание. Не може да дозволите сопругата да е судија, сопругот е обвинител, синот е адвокат, зетот е стечаен управник, и сега ќе ми кажете дека има независност?“.
За најавите на новата власт за бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот вели „Не сакам да ги обесхрабрам, се радувам ако еднаш почнат работите конечно да се решаваат. Намерно се направи да застарат кривични дела со измените на Кривичниот законик, многу е лесно да ги гоните опозиционерите кога ќе сте на власт. Народот кажал прво исчисти си го својот двор, па потоа оди во дворот на комшијата. Некој ќе ми каже дека Обвинителството требаше да се спогоди со судија, со поранешен министер и поранешен народен правобранител и да му даде условна осуда за мито – тоа е неприфатливо. Тоа е тоа што смета“.
За тоа дали се препознава картелско здружување во телекомуникациите, во бизнисот со струја, вели „Ние сме мал пазар, особено тие природни монополи можеме да ги поставиме правилата на игра. Картелските договори се многу опасна работа. Доколку се спроведуваат прописите има области во кои може Комисијата да покрене постапки за да види дали има основ за постапување“.