„Во светот на дигиталните технологии многу е направено во ЕУ и во САД, кај нас ова прашање е ставено во втор план. Од 2021 година е подготвена национална стратегија, но се уште не е донесена, во оваа стратегија за интелектуална сопственост се пренесени сите предизвици кои во светот се актуелни. Националната стратегија зошто не е донесена немаме образложение, иако е револуционерен документ со кој ќе се доближиме до европското законодавство“ – вели д-р Ана Пепељугоска – адвокатка во најновото издание на Трилинг.
На прашање како се чува еден бренд кој е поширок поим од трговската марка, адвокатката вели „Бренд е економски поим кој служи за препознавање на компанијата на пазарот. Трговската марка е правен поим. Двете спаѓаат под чадорот на комерцијални имиња. Повеќе од 25 години се занимаваме со правото на интелектуална сопственост. Сме работеле на многу интересни случаи, нашите клиенти ја препознаваат потребата на заштитата на правата за интелектуална сопственост“.
„Испитаниците од генерацијата Z се тие кои најмногу сметаат дека треба да се купуваат фалсификувани производи, проблемот тука е што тие се многу зависни од интернет и достапноста до фалсификати им е многу поголема. Најдостапни места за фалсификувани производи се он лајн продавниците, уличните продавачи и социјалните мрежи. Механизмот на заштита од купување фалсификувани производи е нешто што треба да се работи на светски рамки. Спроведувањето на заштита е во домен на националните органи кои тоа го спроведуваат“ смета Пепељугоска.
Адвокатката смета дека „глобалниот иновациски индекс покажува колку една држава е напред. Македонија во 2020 година била на 57 место, а во 2023 година на 54 место. Од европските држави е 33 од 39. Ова зборува дека нашите компании повеќе вложуваат отколку што добиваат“.
За вештачката интелигенција, таа смета дека е предизвик и за интелектуалната сопственост.
„Има судски спорови поврзани со вештачката интелигенција и тоа од познати брендови од модната индустрија кои некако одат кон тоа дека вештачката интелигенција не може да биде сама по себе автор на некое дело. Во наредните 10-15 години верувам дека сето ова ќе се искристализира“ вели Пепељугоска.
На прашање дали македонските граѓани преферираат да купуваат оригинал или фалсификат, ќе рече: „Сакам да кажам дека преферираат оригинал, но се купуваат и фалсификувани производи. Свеста треба да се подигне уште од најмали нозе, дека сето тоа е штетно, и на тој начин се поттикнува сивата економија“.
За најавите од Грција за трговската кампања „Македонија Велика“ како регистриран бренд, се поставува прашањето дали тој заштитен знак му припаѓа на нашиот сосед.
Адвокатката вели „Марката `Macedonia the Great` е пријавена во 2019 година од страна на Асоцијација на извозници на вино од Грција. Регистрирана е во 2022 година иако се вложени жалби од С. Македонија, Бугарија и Австрија. Нема прифатена ниту една жалба. Оваа марка не треба да ужива заштита затоа што единственото што ја поврзува со Грција е сината и белата боја, кои се карактеристични за грчкото знаме. Не сметам дека Грција треба да има ексклузивитет. Се напоменува пасивноста на нашата страна во поглед на регистрирањето на географските ознаки. Министерството за земјоделие за 12 години има воспоставено 2 географски ознаки, а во Стратегијата за вино која ја имаат направено вели дека ќе се воспостават најмалку три. Наместо да покажеме проактивност, ние чекаме некој друг да направи нешто, па да се браниме“.