(ВИДЕО) Пеева Лауренчиќ: Државата мора да ја водат луѓе кои размислуваат подобро од мнозинството

➡Од тоа што го видовме како резултат на овие локални избори, јасно и недвосмислено е дека македонското гласачко гласаа најчесто кон политичка партија. Сѐ уште ни треба време да излеземе од матрицата и да гласаме за човек. ➡Црната кампања или невоспитаното однесување и реторика на одредени поединци, групи, политички субјекти кон кандидатите од другата страна, дури може да биде контрапродуктивно кон тој што тоа го испраќа како порака. Како антибиотик - ако имате доза од 5 мл. може и ќе ви помогне ако испиете во точна доза и во точно време, но ако испиете цело шише веројатно дека ќе се отруете. Така и со овој тип на непристојна кампања или црна кампања, кампања под нивото на моралниот и етичкиот момент, може обратниот ефект да го даде кон тој што ја испраќа. ➡Низ годините ние сме сведоци на пад на квалитет во политичките субјекти, односно политичките партии. ➡Не е битно што мисли мнозинството граѓани за одредена тема во одреден период, туку е важно дали политичките структури, коишто се избрани и платени да ја менаџираат државата, сметаат, и тоа можат јасно да го покажат и докажат, дека тоа долгорочно носи бенефит за општото добро на сите граѓани во државата. ➡Сметам дека правата коишто произлегуваат од демократијата секогаш треба да бидат проследени со обврските што истата таа демократија ги носи, а тие обврски значат дисциплина, ред, почитување на законите и креирање на процедури и систем на функционирање на секое ниво, вели Пеева Лауренчиќ.

„Секоја кампања било каде во светот, не само балканска, не само кај нас е израз на тоа милје – контекстуално, социјално, културолошко, начинот на којшто се комуницираат работите, начинот на којшто се обраќаме меѓу себе. И затоа добрите политички кампањи, скоро без исклучок мора да ги работат луѓе коишто се дел од тоа милје, за да може да се разберат со гласачите, односно со купувачите коишто треба да го купат кандидатот, односно да гласаат за или против некого“, изјави во магазинот „Трилинг“ Ангелка Пеева Лауренчиќ, експерт за креирање на имиџ и менаџер на „Имиџ ПР”, говорејќи за тоа дали во Македонија изборните кампањи се израз на нашето тековно, културолошко, социолошко па и образовно ниво.

Прашана за тоа колку оваа кампања е доволно поткована врз основа на теми, прашања и проблеми кои навистина ги засегаат обичните граѓани, Пеева Лауренчиќ вели дека локалните избори генерално се најжестоки, најагресивни и повеќеслојни политички комуникации за разлика од парламентарните или претседателските.

„Вие имате голем број на кандидати, многу општини, различни контексти во секоја општина и различни јазици на комуникација и заради тоа можеме да кажеме дека ако сакаш да ги следиш сите тековни комуникациски стратегии за сите општини, тоа е скоро невозможно затоа што се разликуваат, затоа што поинаков е тонот и начинот на комуникација. На пример земете Центар, Карпош, Ресен, Струмица, Штип – се тоа е различно. Немате една стратегија за сите. Имате различна стратегија во секоја општина. Од друга страна веќе не важат истите правила за политичка комуникација како што било пред 10, 15, 20, па и 30 години. Се размножија многу брзи канали на комуникација и многу различни канали на комуникација со гласачкото тело. Ќе забележите дека веќе ги нема тие големи, кабасти митинзи на плоштадите, веќе ги нема огромните собири и масовки, туку се оди на еден друг тип на комуникација со гласачкото тело и повеќе е телормејд или обликувано согласно интересната група на гласачи, односно обликувано согласно потребите на гласачите за одредена општина“, смета Пеева Лауренчиќ.

Фото: Трилинг / Ангелка Пеева Лауренчиќ

За тоа дали спотовите, слоганите, ТВ дуелите имаат некаков удел во освојувањето на гласовите и дали тие се наменети за симпатизерите или за оцрнување на политичкиот опонент, Пеева Лауренчиќ вели дека во принцип генералната кампања што се креира, генералниот слоган, спот и сите други промотивни материја коишто одат со тоа се наменети кон гласачите и претежно се наменети да ги предизвикаат веќе постоечките поддржувачи на кандидатот и да предизвикаат нови поддржувачи од фундусот на гласачи коишто во принцип не му припаѓаат нему.

„Како се развива кампањата, така се развива и таа црна кампања, којашто скоро никогаш не е носечка и таа е наменета за да одземе гласови од главниот конкурент во одредена средина. Тоа што е интересно да се види е траењето на оваа кампања. Оваа кампања согласно Закон треба да трае 21 ден, а ние сме сведоци дека таа трае најмалку дупло повеќе и тоа со скоро истиот интензитет како што го имате неколку дена пред избори. Сите кандидати беа доста присутни, доста видливи и доста агресивни уште пред да почне политичката кампања за овие локални избори 2025, вели Пеева Лауренчиќ.

Таа вели дека шетањето низ општините на кандидатите помеѓу граѓаните не е толку клучна, но е многу важна во носењето одлука кому да се даде довербата.

„80% од проблемите помеѓу луѓето, без оглед дали е кампања или друг тип на комуникација или вообичаена секојдневна комуникација, се решаваат со добра комуникација. Живиот збор и контактот е незаменлив. Тоа било отсекогаш така и тоа веројатно нема да е промени во следните 100 години, освен ако сите не се отуѓиме до толку да и не постои таков контакт. Затоа сметам дека таквиот тип на комуникација – директна со гласачкото тело е пожелен и посакуван и имаат ефект на кандидатите“, додава Пеева Лауренчиќ.

За орлите, врапчињата, загарите, предавниците, криминалците, неспособните и урбаната мафија и дали партиските лидери всушност им ја киднапираа кампањата на кандидатите за градоначалници, бидејќи на сите митинзи најчесто доминираа претседателите на партиите, Пеева Лауренчиќ вели дека тука има две работи кои треба да се разграничат.

„Прво – дозата во комуникациите и како гласа македонското гласачко тело воопшто. Да почнеме со второто. Од тоа што го видовме како резултат на овие локални избори, јасно и недвосмислено е дека македонското гласачко, тука го сметам севкупниот број на гласачи во Македонија, гласаа најчесто кон политичка партија. Сѐ уште ни треба време да излеземе од матрицата и да гласаме за човек, затоа што и овие резултати тоа го покажуваат. Ако е тоа така, а е така, тогаш политичките лидери недвосмислено ја користат можноста да го зголемат фундусот на гласачи во дадена општина со нивното присуство, а со оглед дека се доминантни во политичката арена, понекогаш го крадат шоуто на самите кандидати.

-Од друга страна, црната кампања или невоспитаното однесување и реторика на одредени поединци, групи, политички субјекти кон кандидатите од другата страна, дури може да биде контрапродуктивно кон тој што тоа го испраќа како порака. Како антибиотик – ако имате доза од 5 мл. може и ќе ви помогне ако испиете во точна доза и во точно време, но ако испиете цело шише веројатно дека ќе се отруете. Така и со овој тип на непристојна кампања или црна кампања, кампања под нивото на моралниот и етичкиот момент, може обратниот ефект да го даде кон тој што ја испраќа“, вели Пеева Лауренчиќ.

Фото: Трилинг / Ангелка Пеева Лауренчиќ

Прашана за оцена за политичката сцена во Македонија, таа смета дека ние генерално треба да размислиме околу тоа кој се може да влезе во политика, за да остане нивото на доверба во политичарите доволно за да можат со авторитет да ги водат процесите.

„Што се политичарите? Политичарите се менаџери на одредена општествена целина. Ние сега што бираме – бираме градоначалници коишто се менаџери на општината. Треба да ја менаџираат општината, како во една компанија. Менаџерот треба да ја менаџира компанијата. Како дома, тој што носи пари треба да размисли како да ги подели, што да инвестира, да купи, кога да земе кредит за да семејството добро функционира. Тоа се градоначалниците. И во тој правец многу е битно да имаме добар избор и таа сцена да има повеќе ѕвезди, наместо да тргнеме во битка со некакви потпросечни познавања од областа којашто треба да ја работите утре. Ние впрочем таа лекција видливо ја научивме со градоначалничката во Скопје“, додаде Пеева Лауренчиќ.

Околу тоа дали смета дека е спуштено, падната нивото на комуникација, а и критериумот за избор на пратеници, па и за градоначалници, Пеева Лауренчиќ вели дека низ годините ние сме сведоци на пад на квалитет на пад на квалитети во политичките субјекти, односно политичките партии.

„Ние пред 20, 30 години имавме многу квалитетни подмладоци. Во подмладоците на партиите имаше избор на ѕвезди за таа политичка сцена и тоа беа млади, квалитетни, интелигентни луѓе со идеали. Секој во својата идеолошка матрица, дали биле левичари, центристи, десничари ултрадесничари. Денес такви подмладоци не постојат и ова би била една сугестија за политичките субјекти, особено за тие што сериозно сакаат да опстанат на политичката сцена, да поработат малку на создавање на етични и едуцирани кадри во областа, вели Пеева Лауренчиќ.

За тоа колку политичките водства добро управуваат со државата Пеева Лауренчиќ вели дека има истражувања и таму граѓаните го даваат конечниот суд за тоа дали ја гледаат земјата дека оди во добар правец, каде ја гледаат својата иднина.

„Ни треба многу работа во тој сегмент. Ни треба поставување на правила, дисциплина, ред, поредок и закон. Не можеме да ги менаџираме процесите во државата, како што не можеме ни да ги менаџираме ни процесите во компаниите што ги водиме по желбата на мнозинството, туку треба да се преземе ризикот, да се преземат мерки коишто во некое идно време ќе дадат подобри перформанси и подобри параметри за животот на сите граѓани.

-Значи не е битно што мисли мнозинството граѓани за одредена тема во одреден период, туку е важно дали политичките структури, коишто се избрани и платени да ја менаџираат државата, сметаат, и тоа можат јасно да го покажат и докажат, дека тоа долгорочно носи бенефит за општото добро на сите граѓани во државата“, вели Пеева Лауренчиќ.

Фото: Трилинг / Ангелка Пеева Лауренчиќ

Говорејќи како дел од Советот на Алијансата за родова еднаквост, и податокот дека на последниве локални избори од 81 градоначалник само две се жени, и дали политиката сѐ уште е машки род, Пеева Лауренчиќ дека после Данела Арсовска малку како и крилата да им се пресекле кога инсистираат на полова еднаквост во сите структури.

„Но има сериозно поместување во собранискиот дел, пратеничкиот состав е подобар, но треба доста да се работи во сегментот на преземање на пожестоки улоги, а тоа се градоначалничките улоги каде што потребата од мотивирани, храбри менаџерски настроени дами ќе биде јасна и кон гласачкото тело. Но како што кажав, таков еден бран имаше пред четири години за сѐ уште актуелната градоначалничка и нејзиниот мандат е едно тотално фијаско и разочарување за сите коишто веруваа во таа димензија за којашто јас сега зборувам“, вели Пеева Лауренчиќ.

„Пред 30 години многу жестоко ќе застанев на тоа дека демократијата треба да се брани по секоја цена и сѐ уште стојам на тој став. Но денес од оваа дистанца сметам дека правата коишто произлегуваат од демократијата секогаш треба да бидат проследени со обврските што истата таа демократија ги носи. И ние под плаштот на демократијата инсистираме само на правата, а многу малку на обврските. А обврските значат дисциплина, ред, почитување на законите и креирање на процедури и систем на функционирање на секое ниво. Во тој контекст ќе останам на таа позиција дека, да точно, не е измислен подобар систем. Точно дека тоа е владеење на мнозинството коешто го преставува просекот, зошто мнозинството секогаш е просек. Прашањето е што е просек во одредено време, на што филозофски може да дебатираме – дали оваа генерација Z е попаметна од мојата генерација Х. Значи тоа е просекот. Мојата генерација била таа што била актуелна пред 30 години, а ова сега е новата генерација. Која е попаметна? Што е просекот денес? Затоа ќе се вратам на тоа што на почетокот го кажав – ние бираме менаџери, односно градоначалници на општините, ние бираме влада, бираме министри, пратеници, за да излезат од просекот, да размислуваат подобро од тоа што мнозинството може да го испорача како барање, желба. Да инсистираат на обврските, на дисциплина, системот и следењето на правото и правната држава“, вели Пеева Лауренчиќ.

Целото интервју погледнете го во видеото.