(Видео) Отец Бобан: Аманетот за автокефалност никој нема да го наруши

„Нашите Владици никогаш не го заборавија моментот дека дијалогот и разговорот е суштински и дека нашата црковна вистина тие постојано ја претставуваа барајќи дијалог со сите сестрински цркви. Мислам дека никој не би си го дозволил тој луксуз да го прекине тој дијалог до конечното решение на нашето црковно прашање, односно добивањето на Томосот. Аманетот за автокефалност, самостојност и самоодлучност никој нема да го наруши“, потенцира Отец Бобан.

„Секако дека црковните празници се богодаден момент во којшто ние го презентираме она што го чувствуваме и она со коешто се обраќаме пред Бога. Но тука имаме една поделба и најчесто луѓето го разбираат или традиционално или она како што ние го нарекуваме светотаински. Значи имаме луѓе коишто се идентификуваат и со празниците и со тој амбиент само заради традицијата, што за нас е некако номинално верување во Бога или практикување на верата само кога се празниците. Вториот дел, светотаинскиот кој што е вистинскиот аспект или правилниот аспект на празнување на празниците, кога ние живо се вклучуваме во тој еден даден момент којшто во целиот духовен континуитет се појавува како еден сврзувачки момент на целиот тој континуитет. Затоа празниците за нас се врска со оностраното, со тоа што е од онаа страна. Христијанството не е традиција, христијанството е начин на живот, вели за „Трилинг“ Отец Бобан Митевски, говорејќи за христијанските празници и начинот на кој верниците ги празнуваат.

За сомнежот и поодамнешната анлиза во која се вели дека македонските граѓани веруваат во Бога но имаат сомнеж кон Црквата и Владиците, Отец Бобан вели дека тоа се должи на незнаењето на тоа како православната црква е поставена, односно на концептот.

„Таквите импресии или таквиот однос го влечеме од она што сме го гледале или сме го читале главно во западното христијанство, каде што сите тие афери итн. предизвикале малку одбивност, па сега кај нас веднаш се сеќаваме на тоа и го отфрламе овој момент.

-Вториот момент е немањето на доволно сведоштво од наша страна, од страна на Клирот, согласно позивот во којшто ние се наоѓаме во црквата. Совршениот свет постои, но не овдека, тој е надвор од материјалното постоење односно во вечниот живот, вели Отец Бобан.

Околу коледарските огнови и тоа што некои општини ова го претворија во ритуал, Отец Бобан дека сите тие обичаи коишто се надвор од традицијата на христијанството и кои не се комплементарни со христијанството на некој начин се против христијанството, а на тој начин и против Бога.

„Секоја традиција која што ние ја поврзуваме со празникот или со христијанството треба да извира суштински и да зрачи со христијанство. Овие обичаи кои за жал и тоа може да го провериме во таа свештена историја на црквата и во свештената историја на верата, не биле такви до пред некое време. Но со нагласувањето на некои нешта, особено на конзумеризмот овие обичаи стануваат се само не израз на духовното, туку повеќе го мотивираат сетилното и телесното. Како такви тие не можат да бидат комплементарни со духот на верата, смета Отец Бобан.

Фото: Трилинг / Отец Бобан Митевски

За моралната декаденција во општеството и колку таа се одразува во верата, Отец Бобан вели дека тоа постои и е присутно.

„Отуѓувањето од верата или од преданиската вера, односно отуѓувањето од верата и од Бога наметнува и морална декаденција во општеството и мислам дека не сме слепи за да забележиме дека тоа се случува. Неетичноста се пресликува и во црковниот живот и тоа нешто на коешто мора да работиме. Ние луѓето грешиме и паѓаме во грев но тоа не е опасноста, опасноста е ако останеме таму. Моралот е она што му недостига на современиот човек. Православието може да му го понуди одговорот на човештвото, затоа што тоа го црпиме од Евангелието – Христос е ист и вчера и денес и во веки, значи Христос е одговор на нашите постојани прашања, предизвици итн.“, вели Отец Бобан.

Говорејќи околу инцидентите и случувањата во државата и стравот дека тоа може да се наметне и во црквите и во џамиите, синагогите, Отец Бобан вели дека тука линијата е многу опасна. Нашата одговорност е особено одговорна. Постои Совет на верските лидери којшто функционира или се активира токму во специфични моменти коишто можат да предизвикаат и да преминат не дај Боже и во меѓурелигиски конфликт.

„Меѓунационалниот конфликт политичарите ќе се трудат да го менаџираат, но мислам дека најголемата опасност за нашиот контекст во којшто живееме е меѓурелигискиот конфликт и тука ние навистина мора да бидеме на висината на задачата. До сега тој религиски Совет функционира, таму учествуваат поглаварите на сите верски заедници застапени во Уставот на Македонија“, потенцира Отец Бобан.

За односите на МПЦ – ОА со Цариградската патријаршија и дали се заладуваат односите под диктат од Москва, Отец Бобан вели дека односи постојат и тие не се прекинати.

„Нашите Владици никогаш не го заборавија моментот дека дијалогот и разговорот е суштински и дека нашата црковна вистина тие постојано ја претставуваа барајќи дијалог со сите сестрински цркви. Мислам дека никој не би си го дозволил тој луксуз да го прекине тој дијалог до конечното решение на нашето црковно прашање, односно добивањето на Томосот. Аманетот за автокефалност, самостојност и самоодлучност никој нема да го наруши“, потенцира Отец Бобан.

Во однос на конечното решение за МПЦ – ОА и дали сето тоа ќе заврши, ќе зависи и од политичка разврска, Отец Бобан дециден:

„Веројатно да. Јас се сеќавам на изјавите коишто и на времето ги искажуваше Архиепископот и некои од Митрополитите дека решавањето на нашето црковно прашање зависи од решавањето на спорот што го имавме со Република Грција. И навистина, гледате, тој политички контекст којшто се случи со договор, го отвори или создаде амбиент за почнување на решавање на нашето црковно прашање. Сметам дека сега геополитичката состојба во светот прави малку за стагнирање на довршување на овој процес. Мислам дека главниот камен на сопнување е желбата за позиционирање во православието или желбата за појавување на центри во православието“, вели Отец Бобан.

Целото интервју со Отец Бобан Митевски погледнете го во видеото.